МОН: СЕТУ „Михајло Пупин“ ја продолжува соработката со македонските компании

Министерката за образование и наука д-р Рената Дескоска, денеска присуствуваше на потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу СЕТУ „Михајло Пупин“ од Скопје и шест еминентни компании од Република Македонија, чија цел е е да се обезбеди соработка во делот на практичната обука на учениците за квалификацијата со тригодишно траење на образованието – електричар.

- Овој проект кој денеска резултира со потпишување на Меморандум за соработка е всушност продолжување на проектот што започна во септември минатата година кога ЕВН ја почна традицијата на потпишување на договори, стипендирање на ученици кои потоа ќе бидат вработени во компанијата, истакна Дескоска, додавајќи дека ова е добар пример на постепено воведување на дуалното образование во Република Македонија кое значи креирање на наставни планови соодветни на потребите на пазарот, поврзување на образованието со бизнисот, а се со цел за учениците да се стекнат со вештини за подобра вработливост.

- Сакам да апелирам што повеќе ученици да ја препознаат предноста од избор на средно стручно образование кое овозможува да стекнат занает, но и проодност понатаму во високошколските установи во Македонија, рече Дескоска.

Со овој Меморандум за соработка се обезбедува практична обука во компанија за 80 ученици и реална можност за вработување за 57 од нив.