Средба на премиерот Заев со раководителката за Западен Балкан во МНР на Велика Британија, Мекилвам: Поддршка за интеграциите на Република Македонија и за лидерските политики што отвораат иднина за граѓаните и за државата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Фиона Мекилвам, раководителка за Западен Балкан во МНР на Обединетото Кралство на Велика Британија, придружувана од Ендру Пејџ, координатор на одделот за Западен Балкан за Самитот што ќе се одржи во јули во Лондон и амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија, Чарлс Гарет.

На средбата се потенцирани лидерските политики како важен фокус кон иднината како на сегашните така и на идните генерации во Република Македонија. Во таа насока, британските претставници изразија поддршка на политиките на премиерот Заев и на Владата, базирани на реформи и градење пријателства како демократски вредности важни за интеграцијата на нашата држава. Исто така посочено е дека Договорот со Република Бугарија е добар пример како земјите од регионот можат да ги решат билатералните прашања, ако има политичка волја за тоа.

- Нашите стратешки цели се НАТО и ЕУ интеграциите, затоа што ние веруваме дека вредностите што ги носат реформите отвораат перспективи на државата и квалитетен живот за граѓаните. Определени сме да градиме пријателства со сите држави од соседството, а прашањето што стои на патот на интеграциите на Македонија не е нерешливо, ако се има креативност, а има политичка волја за решение од двете страни, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев изрази очекување дека интегративните политики на новата Влада ќе отворат пат и за исчекори на Република Македонија кон НАТО и ЕУ.
Премиерот Заев се заблагодари на големата поддршка од Велика Британија во демократизацијата на Република Македонија и во развојот на институционалните капацитети во државава.

Раководителката за Западен Балкан во МНР на Велика Британија, Мекилвам, координаторот за Западен Балкан за Самитот во Лондон, Пејџ и амбасадорот Гарет, посочија дека Република Македонија демонстрира демократска зрелост и дека создадениот позитивен моментум ќе биде употребен за развој на државата на меѓународен и на домашен план.

На средбата се разговараше и за Самитот што треба да се одржи во првата половина од јули во Лондон. Има согласност дека дигитализацијата, економијата, отворањето нови работни места, нова енергија во инвестициските стратегии, стабилноста и безбедноста се теми од директна важност за граѓаните на државите од Западен Балкан кон чијашто поддршка е насочена Велика Британија.