Премиерот Заев и Претседателот на Европскиот совет Туск: Досегашните успеси и признанија ја прават ЕУ доверлив и силен партнер на Република Македонија за сите нејзини идни чекори кон полноправно членство

Претседателот на Европскиот совет на ЕУ Доналд Туск за време на официјалната посета не Република Македонија се сретна со Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, со кого имаа заедничка тет-а-тет средба.

Премиерот Заев и Претседателот на Европскиот совет Туск, потоа ги предводеа двете делегации на билатералната средба на која членовите на владината делегација на Република Македонија и членовите на делегацијата на Европскиот совет разговараа за најважните прашања од заеднички интерес.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во своите изјави на заедничката прес-конференција се согласија дека многу нешта се променети во Република Македонија за само една година и дека најдобра потврда и признание за тоа е извештајот за напредокот на земјата на Европската Комисија и неусловената и чиста препорака до Европскиот совет да биде доделен датум за отпочнување на претпристапните преговори на ЕУ со Република Македонија.

„Излеговме од длабоката политичка криза и од „заробена држава“ се вративме на патот по кој чекорат сите европски демократски држави. Изработивме и спроведовме првичен реформски План 3-6-9 и добивме безусловна препорака за почеток на преговорите. Дадовме максимум во овие изминати 10 месеци“, истакна премиерот Заев во својата изјава за медиумите на заедничкиот прес со Претседателот на Европскиот совет Туск.

Премиерот Заев потенцираше дека со признанието за напредокот на нашата земја, истовремено доаѓа и одговорноста да продолжиме со истото темпо во трансформацијата на Република Македонија по примерот на стандардите на ЕУ.

Нема време за опуштање, и во наредниот период ќе ги удвоиме напорите. Реформите ќе станат повидливи, поконкретни и поефективни. Врз основа на препораките во Извештајот на Европската Комисија, и во соработка со неа, започнавме со дефинирањето на Планот 18 за реформските мерки до крајот на годината. Ја убедивме ЕК дека заслужуваме препорака, сега сакаме да ги убедиме и државите членки на ЕУ дека заслужуваме почеток на преговорите за членство во ЕУ, и дека сме подготвени да фатиме чекор со државите од регионот коишто веќе преговараат“, нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев во продолжението посочи дека никогаш не сме биле поблиску да добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, и дека тоа е голем поттик за нас и голема мотивација за сите граѓани дека нашата држава има добра перспектива.

„Во тој дух на искрена надеж и посветеност разговараме со нашиот сосед Грција. Остануваме заеднички фокусирани на решавање на долгогодишниот проблем кој го имаат со нашето уставно име. Работиме на решавање на спорот со името насочени кон успех. Решавањето на овој спор очекуваме да ги отвори вратите за почеток на преговорите со ЕУ и за членство во НАТО“, рече премиерот Заев.

Тој подвлече дека нашата земја силно ги чувствува придобивките од партнерството со ЕУ, и дека заедно со граѓаните на ЕУ ги делиме и искушенијата со кои се соочува унијата.

 

 

„Европските и атлантските перспективи на Република Македонија и на регионот во целина, носат и квалитетен живот за граѓаните и за нашите држави. Тоа е перспективата на Европа обединета во вредностите како што се економскиот просперитет и стабилно и безбедно опкружување за сите нејзини граѓани“, истакна премиерот Заев во својата изјава за медиумите на заедничкиот прес со Претседателот на Европскиот совет Туск.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој своето обраќање пред медиумите и пред јавноста во Република Македонија го испорача на македонски јазик, истакна дека нема подобро место од тоа Скопје да биде главниот град во кој завршува неговата политичка турнеја по земјите на Западен Балкан, бидејќи за само една година Република Македонија импресионираше со своите реформски процеси и испишува едно сосема ново поглавје во својата историја во односите со Европската Унија.

Претседателот Туск го издвои придонесот на Република Македонија во безбедносните прашања на ЕУ, и изрази благодарност за солидарноста со унијата во борбата против тероризмот и екстремното насилство.

Претседателот Туск истакна дека ЕУ останува и понатаму најдоверлив и силен партнер на Република Македонија во наредниот период на спроведување на реформите за остварување на резултати и за освојување на сите наредни одредници на патот на земјата до членството во ЕУ, и изрази целосна поддршка за овие прашања.

На темата пристапот на ЕУ кон регионалните прашања, Претседателот Туск нагласи дека Република Македонија и нејзините искуства во соседската политика, се добра основа на Самитот на ЕУ за Западен Балкан да се внесе нова енергија за реафирмирање на европската перспектива на регионот.

 


Премиерот Заев во изјавата по средбата со Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск: Признанијата стигнаа, останува да продолжиме со реформските чекори за да се оствари членството на Република Македонија во ЕУ

 

 

„Во изминатите десет месеци имавме огромна чест и задоволство да ги примиме кај нас сите највисоки претставници на европските институции.

Во последните три месеци, особено по објавувањето на Стратегијата за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, овие средби добија и нов квалитет.

Го пречекавме претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, Високата претставничка за надворешна политика и Безбедност Федерика Могерини, комесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, а денес и највисокиот претставник на ЕУ, претседателот на Европскиот совет - Доналд Туск.

После исклучително добрата вест од Европската Комисија дека за Република Македонија ќе биде предложена неусловена и чиста препорака за старт на пристапните преговори со ЕУ, на оваа посета гледаме како на уште едно големо признание, охрабрување, но и одговорност за Република Македонија.

Излеговме од длабоката политичка криза и од „заробена држава“ се вративме на патот по кој чекорат сите европски демократски држави.

Изработивме и спроведовме првичен реформски План 3-6-9 и добивме безусловна препорака за почеток на преговорите. Дадовме максимум во овие изминати 10 месеци.

Низ конструктивните политики на Владата и низ соработката со сите засегнати страни како и со вклученост на опозицијата во процесите, што е исто така вредно да се посочи, донесовме важни законски решенија согласно успешните европски практики за независно судство, професионални разузнавачки служби, ефикасна јавна администрација.

Со враќањето на опозицијата во парламентот, преостануваат постапките за усвојување на законските решенија за овозможувачка средина за професионално медиумско известување на јавниот радиодифузен сервис и за независна работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и за создавање амбиент за имплементација на кредибилно изборно законодавство.

Реков дека со признанието за напредокот на нашата земја, истовремено доаѓа и одговорноста да продолжиме со истото темпо во трансформацијата на Република Македонија по примерот на стандардите на ЕУ.

Нема време за опуштање, и во наредниот период ќе ги удвоиме напорите.

Реформите ќе станат повидливи, поконкретни и поефективни.

Врз основа на препораките во Извештајот на Европската Комисија, и во соработка со неа, започнавме со дефинирањето на Планот 18 за реформските мерки до крајот на годината.

Ја убедивме ЕК дека заслужуваме препорака, сега сакаме да ги убедиме и државите членки на ЕУ.

Со целата наша енергија, знаење, искуство, интензивна работа и политичка волја, влегуваме во активности за да понудиме аргументи дека заслужуваме почеток на преговорите за членство во ЕУ, и дека сме подготвени да фатиме чекор со државите од регионот коишто веќе преговараат.

Пред нас имаме конкретна цел. Никогаш не сме биле поблиску да добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Тоа е голем поттик за нас и голема мотивација за сите граѓани дека нашата држава има добра перспектива.

Тоа ќе има и економски и безбедносни позитивни импликации.
Работевме напорно и на односите со соседите. Договорот со Република Бугарија го обесхрабри скептицизмот и ги надмина сите очекувања.

Во тој дух на искрена надеж и посветеност разговараме со нашиот сосед Грција. Остануваме заеднички фокусирани на решавање на долгогодишниот проблем кој го имаат со нашето уставно име.
Работиме на решавање на спорот со името насочени кон успех. Решавањето на овој спор очекуваме да ги отвори вратите за почеток на преговорите со ЕУ и за членство во НАТО.

Ние веќе ги чувствуваме силно придобивките од партнерството со ЕУ. Благодарни сме многу на сте помош и поддршка што ја добиваме од Европската унија, нејзините институции и нејзините држави членки. Таа помош е вградена во нашиот успех, стабилност и напредок. Граѓаните на Република Македонија го препознаваат тоа и даваат силна поддршка за сите наши идни предизвици на патот до ЕУ.

Заедно ги делиме и искушенијата со кои се соочува унијата. Така беше за време на бегалската криза изминатите години. Така ќе остане и понатаму.

Со поглед во блиската, непосредна иднина, сите очи се вперени во Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија на 17 мај 2018. Самитот е голема надеж и поддршка на Западниот Балкан. Знаеме дека фокусот на тој Самит се поврзаноста, регионалната соработка, безбедноста и економијата. Сите тие поими за нас се асоцијација на ЕУ.

Очекуваме на тој Самит да се потврди европската перспектива за членство во ЕУ на државите од Западен Балкан, и да се утврдат конкретните проекти за спроведување на Стратегијата за Западен Балкан која ја објави претседателот на ЕК Јункер во февруари оваа година.

Европските и атлантските перспективи на Република Македонија и на регионот во целина, носат и квалитетен живот за граѓаните и за нашите држави. Тоа е перспективата на Европа обединета во вредностите како што се економскиот просперитет и стабилно и безбедно опкружување за сите нејзини граѓани“.