Премиерот Заев на потпишување на договор за Програмата за вработување 2018: Креирањето на квалитетни работни места носи сериозен потенцијал за раст на економијата

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска имаше свое обраќање на свечениот настан на кој Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и долгогодишниот партнер на Република Македонија УНДП (Програмата за развој на ОН), ја потпишаа Годишната програма за вработување.

Премиерот Заев истакна дека Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика веќе го спроведуваат новиот Оперативен план за 2018, со комбинирање на мерки и услуги, чија основна цел е да се поврзат капацитетите на невработените, со профилите кои се бараат од страна на бизнисот.

„Поддршката и помошта што ни доаѓаат од УНДП се многу значајни за Македонија и нашите граѓани. Оваа година УНДП ќе го поддржи спроведувањето на три мерки од Оперативниот план на активни мерки за вработување кои ќе имат за цел да го помогнат претприемништвото, воспоставувањето на локални партнерства и новиот модел на обуки за занимања и вештини кои ја зголемуваат вработливоста и создавањето на квалитетни работни места.

Овие мерки се исклучително важни. Социјалната и економската инклузија мора да се одвива паралелно со реализација на приоритетите на Владата за економнски раст и развој, со креирање на нови работни места и со зголемување на конкурентноста на пазарот на труд“, порача премиерот Заев во своето обраќање.

Постојаната претставничка на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон на промоцијата на оваа програма за вработувања потврди дека продолжува поддршката партнерскиот однос на УНДП и на Владата на РМ во креирање на работни места во приватниот сектор преку промоција на претприемништвото и развој на вештини според потребите на пазарот на трудот.

„Нашите напори во овој сегмент изминатата декада резултираа со отворање на околу 10.000 нови работни места. Благодарение на подготвеноста на актуелната Влада да адресира повеќе ресурси во борбата против невработеноста и да го отвори пазарот на трудот, за оваа 2018 година поставивме уште по амбициозни цели“, истакна Постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во своето обраќање зборуваше подетално за мерките и новитетите што Оперативниот план на активни мерки за вработување ги обезбедува.

„Тоа што е различно од претходните оперативни планови и што дава подобар ефект е тоа што мерките се прилагодени на потребите на работодавачите, на потребите и квалификациите на младите и ранливите групи и има можност за поврзување на мерките, што досега не беше случај. Значи имате можност да поминете обука, преквалификација или доквалификација и веднаш потоа да користите друга мерка што значи директно вработување. Дадовме можност мерките да ги користат и социјални претпријатија, но и граѓанските организации, бидејќи знаеме дека голем број млади луѓе се неформално вработени во овие организации и сега имаме можност за нивна формализација. И ниту една од овие мерки не значи ослободување од придонеси за здравствено и социјално осигурување, затоа што ние сме одговорна Влада, која што се грижи за иднината на фондовите и за идните генерации“ потенцираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска инфомираше за степенот на реализација на мерките од Оперативниот План за вработување и информираше дека забележителен е голем интерес за мерките и додаде дека во соработка со Владата на Република Македонија, доколку има потреба, ќе се обезбедат и дополнителни средства за да се зголеми опфатот на невработени лица.

„Најголем интерес е пројавен за мерката за субвенционирање на плати, каде веќе се поднесени апликации од 900 работодавачи за вработување на 1158 лица, а од страна на невработените лица се поднесени 965 апликации за учество“, соопшти директорката Јовановска.

По обраќањата, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Постојаната претставничка на УНДП, Лиуза Винтон и директорката на Агенцијата за вработување ја потпишаа годишната програма за вработување и изразија силни уверувања за нејзина успешна реализација.

Обраќање на премиерот Заев: Креирањето на квалитетни работни места носи сериозен потенцијал за раст на економијата

Денеска по повод потпишување на годишна програма за вработување помеѓу Министерството за труд и социјална политика, УНДП ( Програмата за развој на ОН) и Агенцијата за вработување, Претседателот на Владата на Република Македонија имаше свое обраќање во кое истакна:

Огромно задоволство имам денеска да го најавам потпишувањето на годишната Програма за вработување 2018 помеѓу нашите партнери од УНДП (Програмата за развој на Обединетите нации), Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување. Програмата претставува проектен документ со кој се уредуваат правата и обврските помеѓу Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Програмата за развој на Обединетите нации, во имплементацијата на планот за вработување.

Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика веќе го спроведува новиот Оперативен план за 2018, со комбинирање на мерки и услуги, чија основна цел е да се поврзат капацитетите на невработените, со профилите кои се бараат од страна на бизнисот.

Поддршката и помошта што ни доаѓаат од УНДП се многу значајни за Македонија и нашите граѓани.
Оваа година УНДП ќе го поддржи спроведувањето на три мерки од Оперативниот план на активни мерки за вработување кои ќе имат за цел да го помогнат претприемништвото, воспоставувањето на локални партнерства и новиот модел на обуки за занимања и вештини кои ја зголемуваат вработливоста и создавањето на квалитетни работни места.

Овие мерки се исклучително важни. Социјалната и економската инклузија на најранливите мора да се одвива паралелно со реализација на приоритетите на Владата за економнски раст и развој, креирање на нови вработувања и зголемување на конкурентноста на пазарот на труд.​

Подетално за процесот на имплементација на мерките ќе ве информираат постојаната амбасадорка на ООН во Македонија, Луиза Витон, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска.

Борбата со невработеноста останува наш заеднички предизвик.
Креирањето на квалитетни работни места и на подобар пристап до работа носи сериозен потенцијал за раст економијата и значителен поттик да создаваме кохезивно и еднакво општество за сите граѓани.

Во таа смисла, Владата на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување ја продолжуваат плодоносната сорботка со нашиот долгогодишен партнер УНДП за промоција и креирање на одржливи нови работни места во земјата, за помош на невработените лица во надминување на бариерите на пазарот на труд и за креирање на соодветни работни места за одредени таргет групи на наши граѓани.

На самиот крај дозволете ми од мое лично име и од името на граѓаните да изразам огромна благодарност до г-ѓа Луиза Винтон и канцеларијата на Обединтетите нации за коинтиуниранта поддршка што и ја даваат на Република Македонија!


Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев на денешната прес конференција по повод на промоцијата на Програмата за вработување 2018, на барање на новинарите одговори на повеќе прашања од интерес на медиумската јавност.

Прашањата и одговорите на премиерот Заев ви ги пренесуваме во целост:

Медиуми: Кога може да се очекува информација за тоа дали има евентуално правни прекршувања на процедурата за Иловица во делот на доделување на дозвола за експлоатација?

Премиерот Заев: Не подоцна од крајот на мај. Поради тоа што имаме надворешна експертиза во делот на правните консултации, од кои што треба да дојде независно видување, поради тоа што државата мора да биде покриена ако донесе одлука за раскинување. Може да бидеме тужени за 350 или за 500 милиони евра ако направиме некоја грешка.

Намерата не ни е, уште еднаш потенцирам, да направиме грешка или да нанесеме некоја лоша работа врз било кој.

Намерата ние да го почитуваме законот и да постапуваме согласно законот.

Медиуми: За кратко време се навршува годишнина од немилите случувања на 27-ми април. Би ве прашала и за правниот дел, во делот на обвиненијата, верувате ли дека, во ситуација кога земјата има сериозни проблеми за да функционира правната држава, дека ќе има правен завршеток и дефинирање на тоа кој е виновен за тоа што се случи на 27-ми април? Посебно прашањето е околу нарачателот на целото тоа лошо сценарио, и од оваа дистанца, како гледате на тој немил настан кога земјата се наоѓаше на раб на безбедносна криза?

Премиерот Заев: Поуката која што ја извлековме од тој немил, грозоморен настан, од кој што верувам дека сите граѓани на Македонија се срамеа, е да не се повтори никогаш повеќе. Ниту во Македонија – ниту било каде.

Јас сум убеден дека ќе има правна разрешница, и дека лицата кои што се огрешиле пред законот ќе бидат извадени пред системот на правдата, и ќе одговараат за тоа. Секако согласно доказите што постојат.

И јас и јавноста, преку обвинителниот акт, и материјалните докази кои што се даваат во прилог, а впрочем јавност беше и сведок на сето тоа што се случи, убеден сум дека правниот систем нема да затаи и ќе донесе правични и правилни одлуки со конечна цел, санкционирањето да ја постигне целта, а тоа е, никогаш повеќе да не се повтори, и никој повеќе ни да помисли за ваква работа.

Мене ми е драго што еве нашата Македонија, после неполна година, задутре се навршува година од овој немил настан, сите излегуваме поучени, повеќе присебни, потрезвени и посериозни како држава, како граѓани, како општество, верувајќи пред сè во блескавата иднина на нашите граѓани, на нашата земја, а секако преку вакви настани кои што не оставија засрамени како земја во тој момент, да се покажеме дека во суштина ние тоа не сме.

Ние сме пријателска земја која што сака да ги унапреди условите за живот и квалитет на граѓаните овде, која што сака рамо-до-рамо со сите развиени европски земји, да се бори во една компетитивна смисла, каде што нашите граѓани пред сè ќе имаат шанса дома. Преку ваквите реформи, преку ваквите позитивни препораки кои што ги добивме, преку сето она што претставува развој, вклучително и денешната прес-конференција и потпишување на програмата, Македонија останува посветена на унапредувањето ан севкупниот квалитет на живот на граѓаните.

Треба да дадеме изјави за 27-ми, треба некако да го одбележиме, за да пуштиме пораки кон помладите генерации дека навистина никој не посакува да се повторат никогаш вакви настани како што беше тој на 27-ми април 2017 година.

Медиуми: Рековте дека до крајот на април ќе има нешто конкретно за реконструкција на владата. Што се случува со преговорите?

Премиерот Заев: Преговорите и разговорите течат. За оваа работа повеќе ги користам викендите, затоа што имам многу работа. Јас се надевам дека овој викенд веќе, како што привршува и месец април, ќе привршуваме, и после првомајските празници планирам да излезам со информирање на јавноста и пред парламентот за сите промени во владиниот состав, а после тоа и за промени во директорските места во одредени институции.

Медиуми: Дали веќе се знае кои партии се вклучени во реконструкцијата?

Премиерот Заев: Не, сè уште не се знае, затоа што најверојатно постои постапка на почетокот на мај, кога органите и телата на сите партии ќе треба да донесат одлуки во зависност од обемот на промените кои што би се случиле.

Медиуми: Денеска има уште една средба во Виена во однос на преговорите. Кои се вашите очекувања од ваквата средба, и вчера имавте краток одговор, но ако може и денеска, како гледате на изјавата на Хан дека за 2 недели е можно решение за името?

Премиерот Заев: Јас од секоја средба гледам можност за исчекор, и навистина имаме многу досега успеано, и тоа го потврдуваат и нашите партнери од другата страна на преговарачкиот процес, претставниците на Република Грција. Тоа го потврдуваме и ние. И тоа ни дава причина да веруваме дека може да се направи исчекор и сега во Виена, односно да го искористиме секој мегдан да се приближуваме кон конечно решение.

Изјавата на господинот Хан ја гледам ако пријателска. Секој сака час поскоро, една недела порано, да се реши овој горлив проблем. Затоа што е многу важен за Македонија, важен е за Грција, важен е за целиот регион, па би рекол и за Европа, поради тоа што европскиот однос преку дијалог да се изнаоѓаат решенија дури за вака горливи прашања, суштествени и чувствителни, кои што повеќе од 23-4 години не можеле да се решат, ја испраќа пораката на добра иднина, на градење на пријателство, и низ дијалог решавање на проблеми кои што се постојани и присутни, а и евентуално и на проблеми кои што во иднина ќе се појавуваат овде на Балканот а и соодветно на тоа и во рамките на европскиот континент, а се надевам и во рамките на европската унија каде што е нашето место.

Така што, продолжуваме со оптимизмот. Верувам дека креативноста на двајцата министри, томовите кои што се позади нив, а верувам и јас во моментот, а и премиерот Ципрас, даваме поддршка за да се изнајдат конструктивни и креативни решенија кои што ќе ги задоволат двете страни во нивните очекувања, а притоа како што рековме достоинствено ќе се однесуваат за двете земји и за граѓаните на двете земји.

Медиуми: Премиере, Владата ја презема одговорноста за Чебрен и Галиште. Како ќе оди таа постапка? Имате ли доволно финансиски средства? Како ќе се гради, како ќе оди постапката?

Премиерот Заев: Знаете дека целиот овој период користевме една формулација дека ја стабилизираме Македонија финансиски. Македонија е финансиски стабилна. Ликвидноста е зголемена, солвентноста е зголемена, има ликвидни средства и по домашните банки, и сите тие причини ни даваат за право на вака донесената одлука, Република Македонија сама да влезе во една ваква инвестиција.

Одлучено е Чебрен и Галиште да биде инвестиција од помал обем, а не како досегашните мегаломански зафати кои, како што гледате, од десетици тендери не успеја ниту еден.

Тргнавме од еден реалистички основ, проценката на инвестицијата е околу 220 милиони евра, убедени сме дека ЕЛЕМ како главен столб на производството на електрична енергија во Република Македонија може да го понесе вој капацитет, заедно со владата и сите институции во Република Македонија . Треба да се отвори еден преговарачки процес со сите банки каде што очекуваме да формираат конзорциум и сите да пласираат средства, се надевам конкурентни, затоа што не ни е обврска да земеме пари од дома. Ако не дадат доволно евтини камати, ние ќе земеме пари од надвор.

Но, верувам дека ќе бидат конкурентни, за веднаш штом го обезбедиме финансирањето, да ги повикаме буквално сите градежни компании во Република Македонија, кои што имаат капацитет да работат вакви специфични проекти, а преку тоа да дадеме работа на градежната оператива во Република Македонија. Проектот е предвиден да трае во период од 5-8 години, се работи за сериозен проект, и во делот на производството на електрична енергија, но и во делот на водоснабдувањето на целиот овој регион. Една таква, нова акумулација би можела да биде од важност за развојни можности и за земјоделието, и за други развојни можности во централна Македонија.

Медиуми: Во владиното соопштение стои дека се направени измени во законот за работни односи и дека се подобрени условите за работа на работниците. Може ли да ни објасните за какви измени станува збор, како ќе го почувствуваат работниците тоа подобрување во работењето?

Премиерот Заев: На ова гледаме како можност за соработка со медиумите, и ве замолувам во име на таа соработка,
да дадете фокус и внимание на промоција на денешните мерки за вработување. Таргетирани се 16269 невработени луѓе во Македонија. Сите тие преку ваквите програми имаат можност да најдат работа. Со средно школо во јавна администрација платата е најмалку 15000 денари, овде зборуваме за 1800 денари. Да се зафатат со работа, со претприемништво, да отворат свои бизниси.

Верувам дека многу млади луѓе, многу жени и лица со посебни потреби, ќе најдат свое решение за добро планирање на својот живот и за животот на своето семејство преку ваквите програми. 17 милиони евра, пари на граѓаните се наменети во многу сериозен фокус. Работни места за трајно вработување на младите.

Апелирам младите луѓе да ги искористат сите овие програми, јас сум убеден дека многу млади луѓе можат да ја решат својата перспектива и иднина овде во нашата Македонија токму преку ваквите мерки, а замолницата до вас медиумите е да информирате за да може оваа вест да допре колку може повеќе до граѓаните на Република Македнија.