Регионална конференција на земјоделски задруги во Струмица: Здружувањето на земјоделците е иднината и на македонското земјоделство

Под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, а во организација на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, денеска во Струмица се одржа Петтата Регионална конференција на земјоделските задруги која се организираше под мотото „Да изградиме кооперативно општество“.

„Задругарството е еден од клучните сегменти на политиките за развој на земјоделскиот сектор, на кој Владата предводена од премиерот Зоран Заев, преку министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посветено работи. Повеќе од јасно е дека здружувањето на земјоделците во задруги треба да биде иднината и на македонското земјоделство“, истакна на конференцијата советничката за земјоделство во Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, Ленче Николовска.

На конференцијата беше потенцирано дека Министерството за земјоделство во својата програма за рурален развој има ставка со која се поддржуваат земјоделските задруги, и дека во соработка со Македонската асоцијација на земјоделски задруги, активно се работи на усовршување на моделот на земјоделското здружување и на поддршката за овие иницијативи.

На регионалната конференција на земјоделските задруги во Струмица присуствуваа претставници на Задружни сојузи од Србија, Војводина, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Полска.