Младоста е предност кога си министер, Панче Кралев во интервју за „Утрински весник“

Како се снајдовте во новата улога на министер во еден мошне чувствителен ресор како што е Министерството за образование и наука?

На функцијата министер сум веќе шест месеци и морам да признам дека секој ден учам нешто ново. МОН опфаќа голем број луѓе и затоа е исклучително важно министерство. Секаде во светот се смета дека ова министерство е тоа што ги создава основите на едно општество. Како министер верувам дека ова е исклучително важна задача, а тоа е во следниот период да создадеме основи за развој на нашето општество не само од социјален, туку и од економски аспект. Во изминатите шест месеци се поставени основите на моето дејствување, така што во следниот период ќе продолжиме со реализација на проектите што се најавени, но и на некои нови.

Вие сте најмлад министер во овој владин состав. Дали Ви претставува тоа предност или хендикеп?

Искрено, и едното и другото имаат и позитивни и негативни страни. Во оваа ситуација, со обемот на обврски и степенот на одговорност што се бара како министер, можеби младоста дава мала предност, затоа што овозможува комплетна посветеност на работата без да имате друг тип обврски, што значи комплетна посветеност кон реализирање на проектите и кон работата во МОН.


Ретериравте од најавите за укинување на дел од студиите, меѓу кои и оние за македонски јазик. Сега најавувате дека прво ќе разговарате со деканите, па потоа ќе носите одлуки кои студии ќе се укинуваат?

Презентираната анализата беше врз основа на еден податок, односно податоци што ги води Агенцијата за вработување. Меѓутоа, кога одлучувате од аспект на квоти, кои се тие студии што треба да продолжат, а кои би се укинале, а кои евентуално би продолжиле во намален или зголемен обем во наредниот период, не може да го земете предвид само пазарот на трудот, туку и други фактори. Споменавме многу пати дека анализата која беше презентирана, а тоа е нешто за што и самите ректори, декани, редовно спроведуваат истражувања, беше за тоа какви струки се бараат на пазарот и кои се дефицитарни, а кои се суфицитарни. Но, во ниеден момент не значи дека Министерството само врз основа на еден таков фактор може да донесе самостојно одлука од аспект на студиите.

Како секоја година, така и оваа, заедно со ректорите ќе одлучиме во однос на квотите кои ќе бидат доделени на различни факултети за различни насоки. Но, идејата на таа анализа, пред се', беше од економски аспект да ги разгледаме можностите и обврските што ќе следуваат за МОН. Една исто значајна поента е што не треба да се гледа се' од аспект на овозможување квоти, туку, исто така, и од аспект на тоа каква улога треба да игра МОН за оние што се веќе, условно кажано, суфицитарни, како да им овозможиме да си го најдат своето место на пазарот на трудот. Тие имаат квалификации или се во процес на стекнување квалификации. Тоа е другата страна на приказната која не беше соодветно толкувана во јавноста. Како МОН имаме обврска заедно со факултетите да одлучиме кои студии и какви квоти ќе добијат, но, исто така, имаме обврска на оние што завршуваат со студиите да им овозможиме едно квалитетно работно место. Така што таа анализа има две страни.

Значи, студиите за македонски јазик, дефинитивно, не се укинуваат?

Не се укинуваат. МОН нема да донесе никаква одлука без да се консултира со универзитетите, но голем број факултети веќе работат на разгледување нови насоки кои се на некој начин комплементарни, меѓутоа даваат дополнително знаење. Верувам дека тој поттик за промена на студиските програми ќе дојде од самите универзитети.

За какви програми се размислува моментно и дали тоа се однесува и на дисперзираните студии за кои веќе имаше најави дека се размислува за укинување?

За дисперзираните студии дебатата што беше наметната од наша страна беше повеќе како да се направи рационализација на потребата на кадарот онаму каде што постојат дисперзираните студии. На пример, Правен факултет што егзистира во некое помало место, мислам дека има таков во Кочани. Тој Правен факултет изминативе три години има генерирано по 150-200 студенти. Значи, веќе за тој регион има 600 студенти. За наредните години, по барање на самите универзитети, треба да се размислува кој факултет би му бил од корист на тој крај, знаејќи дека веќе има генерирано 600 правници. Иако, карикирам со бројките...

Тогаш, дали планирате укинување на дел од дисперзираните студии ако просторот во некои мали места е веќе пополнет и со тоа нема веќе цел да постојат?

Не може да зборуваме за укинување, зошто дисперзираните студии се токму дисперзија на нешто што веќе постои. Кога ќе спомнете укинување тогаш значи дека еве, комплетно да нема веќе никаков факултет во Кочани. Не е тоа целта. Значи нам ни е целта да овозможиме факултет во таа област кој ќе му служи на тој регион. Тоа што го бараат самите универзитети од нас е да размислиме заедно за следната година како да дојдеме до некое разместување на факултетите во некои градови, да се овозможат некои профили, насоки, факултети кои се барани за потребите на тој крај. Можеби после одреден број правници, да ни треба Земјоделски факултет или можеби повеќе технички насоки. Целта не е да се укинуваат дисперзираните студии, туку да се направи рационализација од аспект на тоа што можеби во следните три години му е потребно на одреден регион. Идејата е да дозволиме друг вид на студии во тие места. Во моментот универзитетите веќе размислуваат на таа тема. Тоа не е нешто што ние како МОН би сакале да го наложиме.

Се согласувате ли со тврдењата дека во Македонија, сепак, има голем број факултети според бројот на население. Колку Министерството внимава на стандардите?

Целта на сите реформи кои се спроведуваат е да може студентот да го сфати студирањето како можност, а не како привилегија. До скоро студирањето во Македонија беше привилегија. Значи беше тешко да влезете, се фаќаа врски... Се согласувам дека од наша страна критериумите кои се доделени за универзитетите треба да се следат. Просветниот инспекторат врши редовна контрола на приватните и државните универзитети. Пред некое време капацитетите на Просветниот инспекторат беа зајакнати со уште четворица инспектори, а во следниот период ќе ангажираме уште тројца. Како втора фаза би размислувале околу самите критериуми за отворање и за следење на студиските програми. Најбитен момент за МОН е луѓето кои завршуваат да се здобиваат со квалитетни квалификации кои би им биле од корист. Не би сакале да се доведеме во ситуација одредени факултети или универзитети да издаваат дипломи кои не се барани или се невалидни кај работодавците. Тоа е ситуација на која мора да работиме за да биде избегната. Перцепцијата да се бараат само кадри од државните универзитети мора да се смени. Не е се' во казните. Казните, според мене, би требало да бидат последен метод.

Дел од студентските домови се во очајна состојба. Студентите се жалат дека, на пример, во Домот „Кузман Јосифовски-Питу“ нема ни струја, парно и дека учат на свеќи. Од друга страна, најавивте дека ќе се градат нови домови. Се планира ли реконструкција на постојните?

Неколку пати напоменавме дека инвестициите во студентските домови ни се приоритет. Освен овој што го започнавме со изградба пред некој ден, планираме и во „Гоце Делчев“ и во другите домови да има реконструкција. Значи онаму каде што е потребно. Тотално е неприфатливо и нема да останам на тоа во 21 век да имаме такви услови за учење на студентите. Правиме максимални напори да издвоиме што е можно повеќе средства за студентските и ученичките домови и за реконструкција и модернизација на условите, но и за изградба на нови домови по пат на јавно приватно партнерство. Од наша страна, во следниот период ќе почнеме со овие активности, иако тоа ќе зависи од средствата, но тоа ќе ни биде приоритет. Како што ни се приоритет инвестициите во основните и средните училишта, така ни се и инвестициите во студентските домови и изградба на нови. Приоритетни ни се домовите-„Невена Георгиева-Дуња“, „Гоце Делчев“, и „Кузман Јосифовски Питу“.

Кога веќе ги споменавте училишта, во колку се планира реконструкција?

Континуирано се инвестира во нови школи. Со проектот за реконструкција, пак, се опфатени околу 200 училишта. Се планира замена на азбестни кровови, на кровна инсталација, прозорци, санитарни јазли и греење... Меѓутоа, независно од тоа, голем дел од општините кои веќе имаат започнато со нови училишта имаат можност да аплицираат за средства преку кредит кај Светска банка обезбеден за потреби на општините. Неколку од нив се пријавија за тој заем. Ние како министерство располагаме со ограничени средства.

Кога ќе ги објавите резултатите од ревизијата на учебниците? И како ќе постапите со предлозите на ревизорите до Вашиот претходник комплетно да се повлечат учебниците за прво и за второ одделение?

Сега сме во една фаза кога, условно кажано, сите учебници за основно и средно образование се веќе испечатени. Оваа година не не' очекува печатење на нови учебници, од нови автори. Што значи, тој процес е завршен. Планираме подобрување на учебниците во три категории: учебници кои ќе бидат повлечени од употреба бидејќи се утврдило дека не ги исполнуваат условите за да бидат во настава; учебници кои имаат помал број на грешки и каде што може да се оди со некаква дополна и исправка; и учебници кои се во ред. За нас приоритет ќе бидат токму тие кои не можат да бидат во употреба.

Колку има такви учебници со оглед на грешките кои се уште се учат, како што е, на пример, дека Грција излегува на Јадранско Море?

Запрепастувачки се филтрите низ кои поминуваат учебниците и пак има грешки. Значи има автор или автори, па потоа тројца рецензенти кои се професори, Национална комисија за учебници, па потоа се оди на печатење. Тоа се три филтри.

Дали е точно дека во голем дел од учебниците има грешки?

Точно е дека во голем број има грешки, но има грешки кои се печатни, ненамерни, несистематски...

Колку учебници ќе се повлечат?

Во приоритетната група на учебници што треба да бидат повлечени за следната година има учебници на македонски и на албански јазик кои едноставно не ги задоволуваат потребите. Не станува збор за големи финансиски импликации бидејќи следната година планираме обнова на тие учебници кои биле ставени во употреба пред 3 години. Приоритет ќе бидат и учебниците кои едноставно не се за употреба. Се работи за десетина учебници за кои размислуваме да се повлечат за основно образование.

Генерално, државните универзитети имаат повисоки позиции од приватните во рангирањето на Шангајската листа. Но, ова се прелиминарни резултати што треба да се допроверат, иако тенденцијата е таква моментно, вели Кралев.

Тој не сакаше да прецизира кои универзитети се на првите позиции на листата, за која нагласи дека треба да ја промовира Шангајскиот универзитет, кој го правел рангирањето. Според Кралев, моментно се дообјаснуваат дополнителните прашања за факултетите, а потоа ќе се промовира листата. Кралев не исклучува можност да има и други рангирања.

Извор: „Утрински весник“

Новинар: Жаклина Хаџи-Зафирова

Категорија: