Премиерот Заев на средба со Џоди Олсен, директорка на Мировниот корпус од САД: Мировниот корпус е едно од најдобрите искуства во градењето на трајни мостови помеѓу САД и Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денес оствари средба со директорката на организацијата Мировен корпус, д-р Џоди Олсен, која оваа должност ја презеде минатиот месец по назначувањето од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Директорката Олсен, која беше придружувана од директорот на Мировниот корпус за Македонија, Марк Ханафин, и амбасадорот на САД, Џес Бејли, изрази големо задоволство од можноста да ја посети Република Македонија и да оствари средби со околу 100 волонтери од САД, кои во овој момент се присутни во земјата. Директорката Олсен, исто така, изрази особено задоволство и благодарност за гостопримството на повеќе од 7.200 граѓани волонтери на САД во изминатите 22 години, како и за можноста да ги спроведуваат принципите на Мировниот корпус во Република Македонија.

Премиерот Заев изрази согласност за огромниот придонес што волонтерите на Мировниот корпус од САД го имаат остварено во развојот на локалните заедници во земјата, како во делот на градењето вистински и искрени пријателства помеѓу луѓето од САД и Република Македонија, така и во делот на позитивните искуства во поддршката на различни целни групи во заедниците, како што се лицата со попреченост, и во поддршката во учењето на англискиот јазик.

„Организацијата Мировен корпус е едно од најдобрите искуства во градењето на трајни мостови помеѓу САД и Република Македонија, како една од најмасовните мисии во земјата со една од најдобрите програми“, рече претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.

Премиерот Заев на средбата истакна дека Владата на РМ и понатаму останува искрен партнер на Мировниот корпус во соработката на поддршката за развојот на руралните и неразвиените подрачја, и дека од непроценлива вредност се пријателствата и врските што се создаваат помеѓу волонтерите на Мировниот корпус и членовите на семејствата домаќини на припадниците на оваа организација.