Во Њујорк бизнис форум „Македонија – Најконкурентна европска бизнис дестинација“


Македонската Влада вчера во Харвард клубот во Њујорк организираше Бизнис форум за презентација на инвестициските можности на нашата земја „Македонија – Најконкурентна европска бизнис дестинација“, на кој учествуваа претставници на околу 100 американски компании.


Премиерот Никола Груевски на форумот говореше за економската состојба во Македонија, а свое обраќање имаше и заменик премирот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски кој зборуваше за македонската економска политика и нејзините стратешки приоитети, додека пак Виктор Мизо се обрати на тема „Бенефиции и иницијативи за правење бизнис и инвестирање во Македонија“.


- Владата на Република Македонија во изминатите пет години спроведе сеопфатни и суштински економски реформи во насока на воспоставување на функционална пазарна економија, стимулирање на конкуренцијата и личната одговорност на поединците, но и реформи во останатите сегменти од системот, овозможувајќи им основа за поквалитетен живот на граѓаните на Република Македонија, истакна Груевски во своето обраќање.


Тој додаде дека целта на Владата е постигнување и одржување на висок економски раст, преку развој на приватниот сектор, привлекување инвестиции и отворање нови работни места.


Премиерот информира дека во 2010 година македонската економија започна постепено да закрепнува, и оти во првиот квартал од 2011 година е забележан охрабрувачки висок раст на БДП од 5,1 проценти. Тој потсети дека последната информација објавена завчера е оти растот на БДП во вториот квартал од 2011 година е 5,3 проценти, со што може да се каже дека во првата половина од годината имаме раст во просек од 5,2 отсто.


- Нашите моментални проекциите се дека оваа година ќе ја завршиме со раст од 3,5 проценти, но со оглед на последните резултати веројатно е да имаме повисок раст од она што сме го проектирале. Во следните години се очекува македонската економија да расте со динамика како што тоа беше случај во годините пред светската економска криза, нагласи Груевски.


Тој ги информира присутните за реформите на даночниот систем во насока на намалување на даноците и социјалните придонеси со цел намалување на трошоците за бизнисот, за проектот „Регулаторна гилотина“, за реформите во Царината и УЈП, за технолошко индустриските развојни зони и друго.

- За постигнатите резултати од спроведените реформи во областите: започнување бизнис, добивање градежни дозволи, вработување на работници, регистрирање на имот, добивање кредит, заштита на инвеститорите и плаќање даноци, Република Македонија од страна на Светската банка е рангирана како трета меѓу најдобрите реформатори во светот на листата објавена заедно со реномираниот извештај Дуинг Бизнис. Според извештајот Дуинг Бизнис за 2011 година Република Македонија е рангирана најдобро во регионот. Дополнително, во овој извештај Македонија е вброена во земјите во светот кои континуирано пет години по ред спроведуваат реформи и ги подобруваат условите за вршење бизнис, потсети премиерот Груевски.


Претседателот на македонската Влада изрази уверување дека бизнис форумот ќе вроди со плод и оти потенцијалните инвеститори ќе ги препознаат и искористат компаративните предности на Република Македонија за реализација на своите бизнис планови. Владата, порача Груевски, е подготвена да излезе во пресрет и да ја обезбеди неопходната поддршка за реализација на тие инвестициски проекти.


На форумот „Македонија – Најконкурентна европска бизнис дестинација“, присуствуваа и заменик премиерот Муса Џафери, министерот за надворешни работи Никола Попоски и министрите Бил Павлески и Веле Самак.

    
 

Категорија: