Премиерот Заев: За праведниот данок отвораме дебата, во која ќе се вклучат сите засегнати страни, не брзаме, целта е да се постигнат позитивни ефекти

 

Одговор на новинарско прашање на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, за прогресивниот данок, 30.3.2018.

 

Прашање: Ќе има ли политичка волја во Владата, да се спроведат даночната реформа, прогресивниот данок? Министерот Тевдовски најави дека се разгледува опција, да се воведе даночна стапка од 18 проценти за приходи над 1 000 евра? Деновиве, има негативни реакции во јавноста дека ќе има одлив на кадри. Отстапивте од одредени даночни реформи во минатото, ќе има ли политичка волја да се спроведе даночната реформа, бидејќи од старт има негативни коментари во јавноста?

Одговор на Премиерот Заев: Не треба да се плашиме од ниедна реформа, која што ќе биде исцрпена преку дебата. Дебатата, веројатно сега се отвора. Според мене, преурането, заради тоа што редот е, Министерството за финансии да излезе со податоци, да презентира, да даде доволно влезни аргументи, па да почне дебатата. Реформата на персоналниот данок на доход е владина програма и ако е владина програма таа ќе се спроведе.

Ние, не сме „слепи“ имплементатори на нешто што сме ветиле или стои во некој документ. Целта е, со тоа да постигнеме ефекти и благодети за сите. Суштината е, дека сакаме правично и фер општество. Не може и тој што зима 10 000 денари плата и тој што зима 10 000 евра плата , да платат исти данок. Тоа, не е фер општество. Дај боже, сите да земаме 10 000 евра плата, па да платиме повисоки даноци. Од тука, преку дебата ќе ја одредиме границата на другата стапка, којашто треба да биде воведена. Таа дебата, треба дополнително да зафати од оние 3,4,5 проценти горе. Веројатно и помалку од пет проценти, коишто се екстремно богати и редот е да платат повеќе. При плаќањето повеќе, државата ќе може да ја подигне социјалната помош до 12000 денари, да го воведе бесплатното болничко лекување, коешто најмногу им треба на граѓаните. Да ги мотивираме лекарите, до 100 000 денари. Тоа е филозофијата на дебатата, но притоа не смееме да дозволиме младите информатичари коишто сакаме да ги вратиме овде во државата, да ни заминат. Треба да ги мотивираме, заедно со инженерите, сите оние високо квалитетни кадри кои треба да земаат плата овде, а сите давачки на работодавачот да бидат издржливи, да не стимулираат миграции надвор од државата. Тоа ќе го овозможи само дебатата. Ние, сме отворени. Гледате, дури имаме и ставови во Владата. Тоа е слободата, не сакаме едноумие. Не, Заев кажал и сега следиме сите. Не треба така. Треба да има дебата отворена, со сите елементи, сите економисти нека се вклучат. Деловната заедница е многу важна, младите луѓе, Здруженијата на потрошувачи, на крајот ќе видиме што е добро. Не ги брзаме работите. Ние, на прва седница на Владата, при формирањето, не ги донесовме сите мерки, како што некогаш беше во минатото. Ние, ја отвораме дебатата и таа дебата ќе доведе до она што е најисправно. Дефинитивно, ние сме левичари и ние веруваме во праведното оданочување.

 

Прашање: Кој е Вашиот став Премиере, дали 1 000 евра, она што го кажа министерот за финансии, за Вас е прифатлив праг над кој треба да се подигне данокот?

Одговор на Премиерот Заев: Премиерот треба на крајот да извлече заклучок. Ако Премиерот го каже ставот, тоа ќе влијае на дебатата. Да ја оставиме дебатата, нека тече, нека се изјаснат луѓето, ќе извадат аргументи, институциите ќе ги извадат самите аргументи. Целта е, паралелно работиме на мерки коишто ќе значат ограничување на кеш плаќањето, со голема цел и желба да го анулираме сето она што е сива економија.

Паралелно со тоа, размислуваме за намалување на данокот на добивка од три проценти за компаниите од информатичката технологија, софтверскиот аспект, за да можеме дополнително да мотивираме големи компании да дојдат овде. Македонија, е едно микро подрачје, а апсолутно со клима, целосно подготвено, да биде Хаб, односно еден Центар на информатичките технологии. Се работи за пакети, јас ги гледам од тој аспект со конечна цел: нови работни места, нови инвестиции во Македонија и растење на Бруто домашното производство во државата.