Одржана конститутивната седница на Советот за следење на имплементацијата на стратегијата за реформи на правосудниот сектор во Владата на РМ

Во Владата на Република Македонија се одржа конститутивната седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017 – 2020 година).

 На оваа конститутивна седница, премиерот и претседавач на ова тело, Зоран Заев,  рече дека  формирањето на Советот е со цел враќање на дигнитетот на правосудството, обезбедувањето правда и право согласно очекувањата на граѓаните и претставува патриотски чин. Премиерот информираше дека тој ќе ги обезбедува сите неопходни информации за политичките процеси низ кои ќе се спроведува имплементацијата на реформите во правосудството.

 

На конститутивната седница беше презентиран Нацрт-деловникот за работа на Советот за следење на реформата во правосудството, а веќе за следната недела е закажана нова средба на која ќе треба да се изгласа деловникот за работа, а ќе се разгледуваат и закони кои се во владина или во собраниска процедура.

 

Инаку новиот Совет освен премиерот Заев, го сочинуваат и министерот за правда, заменикот министер Оливер Ристовски, Јавниот обвинител на РМ, Љубомир Јовески, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Народниот правобранител Иџет Мемети, претседателот на Здружението на судии, судијата на Врховниот суд Џемаили Саити, судијката Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд на РМ, Лидија Димчевска од Апелациониот суд во Скопје, Шефајет Хајдари од Апелациониот суд во Гостивар, Антонио Јолевски од Основното јавно обвинителство во Битола, Ристе Бојаџиски од Основното јавно обвинителство во Штип, Иван Џолев, претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Илир Сулејмани, претседател на Основниот суд Скопје 2 – Скопје, адвокат Александар Тумановски како претставник на Адвокатската комора на РМ, д-р Гордана Лажетиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, д-р Беса Арифи, вонреден професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Жарко Хаџи-Зафиров, претставник на Блупринт групата на граѓански асоцијации за правосудство, д-р Миодраг Лабовиќ, професор на Факултетот за безбедност -Скопје, при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола, адвокатите Звонко Давидовиќ од Скопје и Ибраим Бајрами од Тетово, Магдалена Несторовска, како претставник на Министерството за внатрешни работи, Марија Митевска од Министерството за финансии и Џелал  Бајрами од Јавното обвинителство на РМ.