Владата поставува стандарди за отчетност, два и пол пати е поштедлива од претходната, а трошоците во бифеата се за работните состаноци во министерствата

Владата на Република Македонија покажува пример за отчетно работење посветено на потребите на граѓаните. Додека во минатото граѓаните прашуваа на што се трошат нивните пари, а власта молчеше, денес, институциите самостојно објавуваат за какви цели се користат буџетските средства.

Наместо тајни и високи сметки за непродуктивни трошоци, денес во јавните извештаи стојат информации од бифеата во институциите, за искористени кафиња, чаеви и води за работни состаноци со членови на комисии, работни групи, граѓани, претставници на синдикати, компании, здруженија, меѓународни организации, амбасади и др. Во дел од министерствата сите вакви трошоци се одобрени и потпишани од министрите, пријавени во извештаите за отчетност, а се користени од голем број административни службеници и граѓани исклучиво за потребите на работните состаноци за реализација на Програмата на Владата. Ова е причината зошто кај некои носители на јавни функции трошоците за угостителски услуги се повисоки во однос на останатите. Со потписот на дел од министрите, одобрувани се трошоците направени во бифеата на сите раководители во институцијата, а вкупниот износ е претставен во Алатката за отчетност, во ставката Угостителски услуги, како службен трошок на функционерот.

Министрите, замениците министри, државните секретари, генералниот секретар и премиерот во сегашната Владата на РМ во првите шест месеци реализирале речиси три пати помалку трошоци во надворешни угостителски објекти (1.008.057 денари), во споредба со функционерите на претходната власт (2.858.244 денари). Двојно помалку се направени трошоци во угостителски објекти во странство (733.552 денари во првите шест месеци од Владата во 2014 година, наспроти 345.989 во првите шест месеци од Владата во 2017 година).

Во тековниов период, на иницијатива на  министерствата и Владата се прават дополнителни заштеди на трошоците во бифеата, имајќи предвид дека Службата за општи и заеднички работи склучи договори со два нови оператори кои обезбедуваат пониски цени за пијалоците, во споредба со наследените договори од претходната власт.

Владата се фокусира целосно на насочување на парите кон граѓаните и воведува нова политичка пракса каде отчетноста, рационалноста и продуктивноста се на прво место. Ваквиот принцип на раководење со институциите води кон намалување на трошоците коишто се прават за службени потреби во рамки на активностите на институциите. Рационалноста и отчетноста се главната причина зошто министрите, замениците-министри и државните секретари од оваа Влада имаат потрошено речиси два и пол пати помалку буџетски средства за службени цели, во споредба со функционерите од Владата во 2014 година.