Надминати се наследените проблеми во АД 11 Октомври Еурокомпозит, исплатен е надоместокот на вработените, се работи на трајно решение

Одлуката на Владата на Република Македонија од 57-та седница за надминување на состојбите и наследените проблеми во АД 11 Октомври Еурокомпзит се реализира, и на вработените во ова претпријатие им е исплатен надоместок од 22.000 денари.

На владината седница, Министерството за внатрешни работи беше задолжено да ја продолжи реализацијата на договорот со АД 11 Октомври Еурокомпозит, да изврши репрограмирање на обврските кон Еурокомпозит и да изврши авансна исплата на обврските предвидени со Договорот за изработка на производи наменети за потребите на министерството.

Министерството за внатрешни работи ја исполни својата обврска и изврши авансна исплата, а Министерството за финансии преку трезорската сметка веднаш ги префрли парите на АД 11 Октомври Еурокомпозит, со што е обезбеден надоместок од 22.000 денари за секој од вработените.

Во насока на трајно решавање на проблемите во фабриката АД 11 Октомври Еурокомпозит, Владата на Република Македонија ќе обезбеди финансиски средства за изработка на финансиска и правна анализа за компанијата и ќе се разгледаат мерки и можни решенија за системско решавање на наталожените состојби од изминативе години.