Јавна дискусија на медиуми и граѓански здруженија во Владата: Го унапредуваме концептот на отвореност, отчетност и одговорното владеење во интерес на граѓаните

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа дебата на која претставници на медиумите и граѓанските организации изнесоа мислења и понудија сугестии и идеи во врска со актуелните политики и процеси поврзани со транспарентноста и работата на Владата.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски и Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност, на јавната дискусија пред присутните учесници ја нагласија отвореноста на Владата за размена на искуства и согледување на можни решенија кои можат да се инкорпорираат како предлог политики за подобрување и унапредување на работата на Владата во насока на Агендата за транспарентност.

„Разговараме за една од клучните теми кои ја разликува оваа Влада од сите претходни, а тоа е отвореноста во пристапот кон медиумите и јавноста, отчетноста за сè она што Владата го работи, а тоа значи одговорно владеење, и тука сме да видиме како вие ги цените нашите политики“, истакна министерот Поповски.

Истовремено, тој ги повикаа присутните учесници во дискусијата да ги лоцираат проблемите со цел јавноста да добие повеќе релевантни информации кои се од интерес на граѓаните за да се подобрат меѓусебните релации.

Претставувајќи го концептот на ,,отворена Влада“ која почива врз принципите на создавање на демократски, слободен медиумски амбиент, на активната транспарентност и пристапноста до информациите, министерот Поповски потсети дека е укинато владиното рекламирање, воведена е редовна комуникација со новинарите преку прес-конференциите на портпаролот, се објавуваат акти, документи, и се декласифицираат информации.

„Да не дозволиме повеќе поделба на медиумите и еднакво да се однесуваме кон сите, да бидеме транспарентни и убеден сум дека само така одиме во вистинската насока,“ рече Поповски.

Учесниците во дискусијата, позитивно ги оценија постапките на Владата да ги зема в предвид сите забелешки и укажувања, како што беше пример предлозите за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и сугестиите за разгледувањето на можностите за поддршка на печатените медиуми.
Советникот за односи со јавност во Кабинетот на премиерот и одговорен за Секторот за комуникации, отчетност и транспарентност Марјан Забрчанец, потсети дека на оваа јавна дискусија и претходеа серија консултативни средби со различни граѓански организации и медиуми, на кои се разговараше за се она што го прави Владата за подобрување на демократскиот амбиент во државата, за обезбедување поактивна транспарентност и поголема пристапност кон сите граѓани.

Презентирајќи ја политичката волја за декласифицирање на информациите, кои во минатото биле тајни, владините претставници најавија дека се подготвува Стратегија за отворени податоци.

Во поглед на Дигиталната транспарентност, Владата на РМ, наскоро ќе објави алатка, која на едноставен начин ќе ги визуелизира и прикажува личните, службени трошења на премиерот, министрите, замениците министри, државни секретари и Генералниот секретар на Владата на РМ.

Целта на оваа алатка е да биде механизам кој ќе информира за трошоците на јавните функционери, и ќе алармира доколку се јават драстични отстапки во трошењата на јавните средства.

„Одговорното владеење, транспарентноста и отчетноста е море од информации за кои мора да се трудиме да стигнат до граѓаните и јавноста. Секогаш сте поканети, да набљудувате, да укажете на институциите и на министрите за кои сметате дека не ги исполнуваат своите задачи отворено и транспарентно, и да бидете коректив за да дојдеме до целта, успешни политики и унапредување на работата на Владата“, рече Министерот Поповски на дискусијата на која се разговараше и за дневно-политички настани и за сугестии како да се подобрат актуелните политики на Владата.