Премиерот Заев на работен состанок со Јункер и Борисов, Хан, Могерини и лидерите од Западен Балкан: ЕК е посветена на интеграциите на Балканот во ЕУ, да продолжат реформите и соработката

Претседателот на Владата на Република Македонија, по завршувањето на работната средба меѓу лидерите на земјите членки на Западен Балкан со Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, со Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Фредерика Могерини, и со еврокомесарот Јоханес Хан, под покровителство на премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов, како земја претседавач на ЕУ, имаше свое обраќање пред медиумите кое ви го пренесуваме во целост:

Денеска беше едно споделено задоволство, помеѓу мене, премиерите на Западен Балкан, преку гостопримството на Бугарија и претседателот Бојко Борисов, да направиме едно резиме, со претседателот Јункер, со високата претставничка Могерини и со комесарот Хан, за заклучоците од посетата, севкупниот амбиент, и секако да разговараме за перспективите на Република Македонија и на целиот Западен Балкан.

Задоволен сум што во своите заклучоци, претседателот Јункер вети сериозна инфраструктурна поддршка, односно пари за инфраструктурни проекти што треба да го поврзат Западниот Балкан меѓу себе и со целиот овој регион. Зборувавме за милијарди евра, пари кои се однесуваат и на коридорите и на севкупната поврзаност.

Драго ми е, што претседателот Јункер, кој потврди дека е посветен пријател на Западен Балкан на патот кон евроинтеграцискиот процес.

 

 

Како премиер на Република Македонија сум среќен, заради тоа што навистина нашите перспективи во Европската унија се водилка и кон стабилноста, но и кон реформските процеси кои што се случуваат во Република Македонија. Се надевам дека ваквите сериозни позитивни пораки ќе овозможат дополнително охрабрување на институциите и на институционалната поставеност на Македонија, за да испорачаме завршеток на реформите во Македонија на еден суштествен начин. Правосудството е многу важно, медиумската сфера е многу важна, реформата на јавната администрација, исто така и реформите на тајните служби и Министерството за внатрешни работи.

Тоа се агендите на кои што сме посветени, и убедени сме дека навистина, до Самитот за Западен Балкан, овде во Софија, што ќе се одржи во месец мај, ќе можеме да се пофалиме со завршени резултати, како што и досега тоа го правиме во Република Македонија.

Навистина, честа што оваа посета на Западен Балкан започна од Република Македонија, претставува и обврска исто така да се одржи континуитетот, да се биде буквално успешен во реформите, во очите на Европската унија, која што не проверува, не чекира и не потврдува, во делот на спроведувањето на реформите.

Истовремено, тука е и чувството на одговорност да се сподели со граѓаните и со институциите дека навистина треба до крај да ги испорачаме реформите.

Македонија има шанси, нашите очекувања се, во април месец да добиеме безусловна препорака, а во јуни месец да добиеме датум за отпочнување на преговорите.

Овие се вредни цели, кои што се исправени пред нас, и убеден сум дека заради ваквите цели, треба навистина да се посветиме сите и на крајот да го завршиме ова полугодие од 2018 година, со успех.