Министерот Сарачини во Истанбул се сретна со неговиот турски колега Чаглајан

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска во Истанбул се сретна со неговиот турски колега Зафер Чаглајан, како и со претставници на Стопанската комора на Истанбул (ИТО) и Независната индустриска и бизнис асоцијација на Турција (МУСИДА).

На средбите, како што информира ресорното Министерство, се претставени актуелните економски проекти кои се дел од програмата на Владата, како и реформите во бизнис климата што ја прават земјата атрактивна за инвестирање. Една од најзначајните теми за кои се разговарало биле проектите и поволностите за инвестирање со цел да се анимираат турските компании да ги реализираат своите деловни планови во Македонија.

Министерот Сарачини истакнал дека е потребно македонските компании да го насочат вниманието кон турскиот пазар од 77 милиони жители, особено поради фактот што учеството на македонскиот извоз е скромно во оваа земја, која минатата година остварила извозна експанзија.

Турција лани имаше пораст на извозните активности за 20 проценти во однос на претходната година и инкасира 134 милијарди и 600 милиони американски долари. За 11 месеци од 2011 година извезени се стоки и услуги за 67 милиони долари, а увозот достигна 313 милиони.

На средбата со бизнис здруженијата изразен е интерес од страна на турските стопанственици за зголемување на деловната соработка, но и за влез на нивни инвестиции во Македонија.

Во текот на вчерашниот ден, министерот Сарачини учествувал и на неформална средба, организирана од претседателот на Мармара фондацијата, Акан Сувер  и од генералниот конзул Зерин Абаз. Притоа, Сарачини се сретнал со менаџери на неколку големи турски концерни заинтересирани да инвестираат во слободната технолошко-индустриска развојна зона во Тетово, како и во проекти од енергетиката, патната и железничката инфраструктура.