Вицепремиерот Османи: Стратегијата експлицитно ѝ ја отвора можноста на Македонија за членство во Унијата

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во просториите на Владата на Република Македонија, одржа презентација на Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.

„И како Влада, но и како држава, и севкупно како општество, имаме секое право да бидеме задоволни од напредокот што го имаме направено изминатиов период, напредок кој е валоризиран во содржината на Стратегијата на Европската Комисија“, истакна Османи на почетокот од Презентацијата. Како еден од најважните успеси Османи го додаде и фактот што во Стратегијата, експлицитно е посочена можноста на земјите од Западниот Балкан кои сѐ уште немаат започнато преговори, меѓу кои е и Република Македонија, согласно успех во напредокот во периодот што следи, да ги достигнат земјите предводнички и се приклучат на динамиката 2025 која е предвидена со Стратегијата.

„Во Стратегијата веќе се најавува чиста препорака за Македонија за отпочнување преговори, и согласно успехот во затворањето на политичките прашања, вклучително и прашањето за употребата на името со Грција, Македонија може да очекува одлука за започнување преговори“, истакна Османи, додавајќи дека согласно долгиот стаж во претпристапниот период и значајниот напредок во усогласувањето со Унијата направен токму овој период, приклучувањето кон динамиката 2025 станува опиплива, изводлива, а може да се рече и извесна.

Во продолжение Османи пред медиумите ги презентираше обврските кои треба да ги преземат земјите аспиранти, најмногу во адресирање на внатрешните прашања во контекст на нивната подготовка за членство во Унијата, но и затворањето на отворените прашања, согласно критериумите за добрососедство. „Со Стратегијата, Европската Унијата ни испрати две многу важни пораки: Прво, дека ќе се шири само со земји кои ги исполнуваат критериумите, што значи дека секоја земја мора да ги заврши своите реформи и подготвена да пристапи кон Унијата, и второ, дека нема намера да увезува политички проблеми, т.е. дека земјите мора прво да ги затворат билатералните прашања со соседите, па потоа да бидат примени во Унијата“, истакна Османи. Тој додаде дека е добро што и во Стратегијата Европската Унија предвидува ангажман за да им помогне на земјите од Западниот Балкан во исполнување на овие предизвици, но предвидува и серија мерки со кои и самата Унија, институционално, политички и финансиски ќе се подготви за прием на новите членки.

Во рамките на презентацијата Османи се осврна и на придобивките од Стратегијата кои ѝ следат на Република Македонија уште во периодот на приближување, како што се зголемените средства за здравството, образованието, инфраструктурата, дигиталната агенда, поддршката за бизнисот итн., како важен сегмент за конвергенција на сите општествени слоеви во Република Македонија со оние а земјите – членки на Унијата.

„Стратегијата покажа дека 2018 година е навистина година на можности, и се надевам дека овие пораки ќе бидат примени од сите релевантни општествени и политички фактори во државава, вклучувајќи ги тука и останатите институции и опозицијата, и дека согласно насоките на Стратегијата, ќе изградиме национален консензус по стратешките прашања, како услов за напредок во европските интеграции“, изјави Османи на крајот.