Заев, Каевски и спортски работници: Владата поддржува фер плеј, во општество во кое спортот добива шанса

По инцијатива на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, со присуство на советникот за спорт на Премиерот, Даниел Димевски, денеска, во свечената сала во владата на Република Македонија се одржа работна средба за анализа на тековните состојби во спортот и предлог мерки и сугестии за унапредување на спортот.

На состанокот учество зедоа околу 70 спортисти, спортски работници претставници на федерации, клубови, градоначалници, долгогодишни спонзори и поддржувачи на спортот, а целта на овој настан беше да се промовираат мерките, можностите и измените кои се однесуваат на развојот на спортот, како и да се слушнат сугестии и предлози од сите поканети.

- Заедно со спортската фела, сакаме да ја продискутираме ова многу значајна работа – спортот, кое е нешто што сите не обединува. Да се потрудиме да ја тргнеме политиката од спортот. Политиката, низ институциите треба да е поддржувач на спортистите – рече Премиерот Заев на состанокот.

Премиерот, во текот на средбата, ја најави изградбата на Дом на спортовите, кој како една административна целина во себе треба да ги вдоми сите спортски федерации и да ги надополни непостоечките елементарни услови за работа на спортските федерации, што е дел од владината програма.

- Немам никакви политички очекувања од ова. Дајте да направиме спорт достоен за Македонија – рече Премиерот Заев пред присутните.

Во работниот дел од средбата, од советникот за спорт, Даниел Димевски, беше презентирана детална свот анализа на позитивните и негативните страни на актуелната ситуација во која се наоѓа македонскиот спорт, а беше и презентиран Предлог акциски план „Анализа за состојбите во спортот во Република Македонија“.

На средбата посебно беше нагласена потребата од законски измени во делот на здравственото и пензиско осигурување на професионалните спортисти со привилегии, а исто така и потребата од изготвување на 10 годишна стратегија за спорт во која ќе бидат поканет да се вклучат и авторитети од науката, а ќе бидат користени и позитивни примери од земји – лидери во спортот.
- Ни треба вашата експертиза за да не потрошиме ни еден скапоцен денар во промашени проекти. Картите се наместени, да направиме нешто добро. Да не чекаме секојпат само некој „одозгора“ да ги решава состојбите во спортот – рече Димевски обраќајќи се пред спортските работници.

На прес-конференцијата, одржана по повод работниот состанок, Премиерот Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, деканката а Факултетот за физичка култура, Ленче Алексовска и великанот на македонската кошарка и кошаркарски репрезентативец, Тодор Гечевски, ги нагласи заложбите на Владата да обезбеди неопходна поддршка за остварување на квалитетни спортски можности и резултати, да поддржува спортски политики кои ќе придонесат за поголем број на граѓани кои активно спортуваат, од сите возрасти, социјални групи и средини.

- Ве уверувам дека во мене, како Премиер, имате спортски партнер, а во Владата сериозна поддршка за фер-плеј во општество во кое спортот и спортистите ги заслужуваат сите шанси.
Спортските заедници се исклучително креативни и позитивни и можат значително да учествуваат во нашата заедничка цел – изградба на креативно, позитивно и единствено општество во кое се негуваат вредностите на почит, меѓусебно разбирање и солидарност. Посебно внимание ќе им посветиме и на наставните програми по спорт во сите сегменти на образованието – рече премиерот Заев на прес-конференцијата.

Тој уште нагласи дека преземената обврска на Владата, заедно со Агенцијата за млади и спорт, ќе биде реализирана со серија мерки за постојана стабилна финансиска поддршка како и за сеопфатна логистичка поддршка со соодветна спортска инфраструктура за развој на спортот.

- Разговаравме за клучните проекти кои се од суштинско значење на спортот, промена во делот на законот за спорт, за 10 годишната стратегија за спортот и разговаравме за се сето она што е клучно во периодот што следи. Градењето намали реонски базени, олимписката програма, наградувањето на 250 најдобри младински клубови, враќање на спортски сали на федерациите, и ред други активности се дел од клучните и приоритетни мерки што Агенцијата за млади и спорт ќе ги преземеме – рече на прес-конференцијата директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.

Тој уште најави повеќе вакви координативни состаноци, дебати и активности, со цел да се донесат вистински круцијални мерки и проекти кои ќе бидат, како што рече Каевски, од интерес на сите спортисти во Република Македонија.

Ленче Алексовска, деканката на Факултетот за физичка култура, на прес-конференцијата ја поздрави иницијативата преку оваа почетна средба, велејќи дека ова многу работи ќе продолжи но многу работи и ќе промени.

- Факултетот за физичко образование спорт и здравје е директен актер во креирањето на спортските кадри и она што значи здрава нација. Овој почетен импулс ќе го гледам како обединување, затоа што спортот значи тоа, значи обединување, значи толеранција, почитување еден со друг, поставување на цели, создавање на дисциплини – рече Алексовска.

Македонскиот кошаркарски ас, Тодор Гечевски, велејќи дека со задоволство ја прифатил поканата да учествува во оваа дебата, како долгогодишен спортист и професионалец, и сега како спортски работник во КК Работнички, потенцираше дека најбитно е што сите присутни се согласите дека најважно е создавањето квалитетни македонски, домашни спортисти.

- Без спорт, без инволвирање на децата во спортот, немаме здраво општество. Вистинските вредности и вистинскиот пат на едно здраво општество е преку спортот – рече Гечевски на прес-конференцијата.

 

Категорија: 
Галерија со слики: 
https://flic.kr/s/aHsksJyB18