Премиерот Заев го прими во посета медијаторот Нимиц: Сега е момент за взаемно прифатливо решение кое ќе го почитува националниот идентитет и дигнитет на двата народи

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска го прими Специјалниот претставник на ОН во разговорите за уставното името на нашата земја со Република Грција, Метју Нимиц.

На оваа средба медијаторот Нимиц ги образложи своите идеи и размислувања за текот на процесот на разговорите.

Премиерот Заев ги претстави идеите и ставовите на Владата на РМ, како и размислувањата кои произлегоа од координативниот состанок на државно-политичкиот врв на Република Македонија, одржан минатата недела.

На оваа средба беше истакнато дека процесот продолжува и понатаму под покровителство на ОН и на амбасадорот Нимиц, и дека на идните разговори за решавање на ова прашање лидерските места на преговарачките тимови ги преземаат министрите за надворешни работи на двете земји.

На средбата во кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија беше нагласено дека во оваа фаза од разговорите е создаден позитивен момент, и дека двете земји покажуваат дека се посветени на натамошно градење на довербата.

На разговорот меѓу премиерот Заев и медијаторот Нимиц беа издвоени првите придобивки од средбата на премиерите Заев и Ципрас во Давос, кога од двете страни беше изразена политичка и добра волја за првите практични чекори како што беше најавеното преименување на автопатот, додека од страна премиерот на Република Грција беше најавено одблокирањето на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација, и можноста и Република Македонија да стане член на Јадранско-јонската иницијатива.

На средбата беше речено дека сега е време за решавање на ова прашање за кое се водат дискусии веќе 25 години, и дека е неопходен прагматичен пристап и решение за да се постават основи за долгорочни и стабилни билатерални односи.

Премиерот Заев и медијаторот Нимиц се согласија дека и понатаму треба да продолжи атмосферата на добра волја и на дијалог во процесот, на што повикуваат од НАТО и од ЕУ, и дека тоа е начинот да се стигне до компромис и до взаемно прифатливо решение кое ќе го почитува националниот идентитет и дигнитет на двата народи.

Категорија: