Премиерот Заев по завршувањето на Самитот во Давос: Македонија повторно има глас на светската економска и политичка сцена

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на крајот од Светскиот економскиот форум во Давос, оценувајќи го учеството на делегацијата од Република Македонија како плодотворно и успешно, во изјавата која ја даде по завршувањето на Самитот, рече:

Овде во Давос привршува Светскиот економски форум. Впечатокот е јасен. Светот е глобално село, а неговите лидери знаат дека треба да да се поврзат уште повеќе и заедно да ги направат локалните средини подобро место за живеење.

Форумот во Давос е многу значен за Република Македонија и особено за граѓаните на нашата земја. После повеќегодишна изолација, политичките лидери на Македонија и на регионот, повторно и заедно имаат свое присуство и глас на глобалната економска и политичка сцена. Нашиот став тука е слушнат: Западен Балкан создава сплотена иднина во ЕУ и НАТО.

Овде во Давос, земјите кои се во развој имаат уникатна можност да учат и да добијат инспирација од светските економски лидери, односно од оние кои го трасираат патот на развојот на светот.

Во сите работни средби кои ги имавме со министерот за надворешни работи, добивме силна поддршка за реформите што ги спроведуваме во Македонија. Политичките пријатели на Македонија и потенцијалните бизнис инвеститори ни упатија јасна порака: „Реформите се клучни за економски просперитет!”.

Интеграцијата на Македонија надвор, реформите и економските мерки дома, се клучни за развој и за внатрешен напредок на нашата држава.

За развојот на Македонија мораме да работиме и овде во Давос, и насекаде во светот, но и во Скопје, и во Тетово, и во Штип, и во Босилово, и во Арачиново.

Како што истакнуваат светските лидери, мораме да внимаваме на развојот на локалните заедници. Мораме да вложуваме во вештините на луѓето и да гарантираме безбедна работа дома. За тоа се зборува овде во Давос. За тоа ќе работиме и кај нас дома.

Охрабрувања и интереси за поддршка на Македонија стигнаа на средбите кои тука ги имав со Европската банка за обнова и развој, со гигантите Мајкрософт и Филипс, со нашите пријатели и соседи, Борисов, Вучиќ и Брнабиќ, Ципрас, Тачи, Пленковиќ, Церар и со нашиот поддржувач, еврокомесарот Хан.

Се сретнав и со Џерард Кушнер, советникот на претседателот Трамп, со кој што имавме заедничка вечера. Исто и со Ерик Шмит, директорот на Алфабет. Се сретнав и со министерот за економски развој на Русија, господинот Максим Орешки. Се сртетнав со Биљал Буто Заради, претседателот на народната партија на Пакистан, со премиерот на Сомалија, господинот Хасан Али Каир. Се сретнав и со Џерад Коен од „Гугл Џиксо“ , со потпретседателот на белгиската Влада, со директорката на Светска банка, Кристелина Ѓеорѓиева, и со многу други пријатели на Македонија.

 

Категорија: 
Галерија со слики: 
<p>https://flic.kr/s/aHsm9MUgMq</p>