Премиерот Заев на Водици во Струга: Стружани се пример за соживот и гостопримство

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денес присуствуваше на чествувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Струга.

Поздравувајќи ги присутните граѓани и претставницитена медиумите рече:

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Дозволете ми да ја споделам радоста и честа да бидам денеска тука, во Струга, на денот кога водите на Охридското Езеро и на реката Црн Дрим се преобразуваат во свети води за да не потсетат на денот кога Исус Христос се крштеваше во светите води на реката Јордан.

Овој ден, празникот Богојавление Водици не потсетува и на тоа дека сѐ може одново да се измие, очисти, обнови и повторно да се роди.

Благородната порака на овој празник исполнува и со оптимизам, дека надежта и жедта за доброто, совршеното и убавото никогаш не згаснува.

Со овие пораки, и со искрената верба во нив, да си посакаме подобра иднина, здравје и посилна добра волја да се соочуваме со сите предизвици што ни претстојат на личен и на заеднички план.

Честитки за среќниот граѓанин кој успеа да го фати крстот, му посакувам да го следи среќа и добрина низ целата година.

Нека ни е честит и вековит, големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Одговарајќи на новинарско прашање за впечатоците од чествувањето на празникот во мултиетничка Струга, премиерот Заев рече:

„Знаете, како градоначалник пред се на Струмица, но и како политичар во нашата цела Македонија, ја имам денеска честа прв пат за Водици да бидам во Струга.

Оваа прекрасна гледка која ме плени со погледот на Охридското Езеро, овде е незаменлива. Како Струга нема друга.

Дефинитивно посакувам се повеќе граѓани да го посетуваат ова наше прекрасно македонско катче, за да се развие туризмот, а секако стружани покажуваат и со соживотот, и со благопријатните насмевки, и со гостопримството дека секој е добредојден овде во Струга“.

Одговори на новинарски прашања,

Медиуми: Премиере како ја коментирате изјавата на Васко Наумоски околу тоа дека Нимиц не дава достоинствени решенија?

Заев: Се работи за личен став. Слобода. Луѓето може да коментираат слободно. Јас сум оптимист, или како ме нарекоа, непоправлив оптимист. Верувам дека помеѓу две земји, кои што се пријатели и имаат намера да бидат уште поголеми пријатели, ќе се изнајде решение каде што ќе се сочува достоинството на двете страни, и буквално ќе биде придобивка за иднината на граѓаните на двете земји.

Медиуми: Премиере, Дескоски кажа дека Република Македонија (Скопје), тој предлог во 90-тите години го прифатиле и двете земји. Дали навистина повторно се преговара околу тој предлог?

Заев: Верувајте за суштината на предлозите, на разговорите, на рамката која што е испорачана, не би требало јавно да зборуваме, да не ги уништиме шансите на преговорите. Гледате дека се води транспарентен процес, знаете дека сакаме со национален консензус да го изградиме решението на ова прашање и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат. Јас сум убеден дека ако бидеме внимателни, ако водиме грижа дури и за грчката страна, а грчката страна да води грижа за нашата страна, верувам дека ќе се изнајде решение за ова прашање кое што еве 25 години не измачува пред се нас, граѓаните на Република Македонија.

Медиуми: Претседателот Иванов стави вето на законот за јазиците. Како го коментирате тоа? И вели дека сите решенија кои што се носат сега се фалични решенија.

Заев: Апсолутно не. Се што е донесено во рамките на законот за унапредување на јазиците е согласно амандманот 5 од Уставот на Република Македонија. Јас уште еднаш ја испраќам пораката дека е вредно да се заложиме за едно општество за сите. Ова е наша мајка Македонија, на сите граѓани, без разлика на нашата етничка, религиска, па дури и политичка определба. Треба да подадеме рака, да имаме доверба во институциите на системот. Се надевам дека ако нешто не е буквално во согласност со Уставот, постои Уставен суд, Венецијанската комисија ќе го каже своето мислење,но и да внимаваме сите со пораките, поради тоа што навистина треба и ова политичко прашање конечно да спласне, да се посветиме на подобар живот и подобри перспективи за сите граѓани.

Медиуми: Премиере се наоѓаме во мултиетничка Струга, каде докажавме дека симболот на соживот може да важи за сите на една ваква манифестација. Вашите импресии од денешниов ден за тоа како сега го дочекавте овој празник?

Заев: Знаете, како градоначалник пред се на Струмица, но и како политичар во нашата цела Македонија ја имам денеска честа прв пат за Водици да бидам во Струга. Оваа прекрасна гледка на дримот со погледот на Охридското Езеро овде е незаменлива. Како Струга нема друга. Дефинитивно посакувам се повеќе граѓани да го посетуваат ова наше прекрасно македонско катче за да се развие туризмот, а секако, стружани покажуваат и со соживотот и со благопријатните насмевки и со гостопримството дека секој е добредојден овде во Струга.

Медиуми: Премиере дали имате договорено средба со грчкиот премиер Ципрас во Давос?

Заев: Да, имам. На 24-ти ќе се видиме во Давос.

Медиуми: Дали сте задоволни од средбата со Столтенберг?

Заев: Јас сум повеќе од задоволен. Но секое задоволство од секоја средба или завршена работа претставува сериозна обврска. Навистина, Генералниот секретар на НАТО упати сериозна охрабрувачка порака до сите граѓани, до мене лично како политичар и до Владата. Сигурно, треба да ја сработиме работата пред се поради реформите. Реформите не ни се услов за влез во НАТО, но тие се услов за благопријатна состојба на граѓаните и нивниот живот во нашата Македонија. Треба да го сработиме тоа. Знаете дека очекуваме решение на проблемот кој што Република Грција го има со нашето уставно име, јас се надевам дека во 2018 година Македонија може да ја добие поканата да биде 30-та членка на северозападната Алијанса - НАТО.

Медиуми: Дали пред април може да се случи тоа да се реши спорот околу името и да се очекува Македонија да влезе во НАТО?

Заев: Знаете, дај боже ден поскоро, месец поскоро да има решение на вака чувствителен и сериозен проблем. НАТО самитот е во јули колку што знам, тогаш ќе се носат одлуките. Април знам дека се држат претходните сесии на претставниците на земјите членки на Алијансата каде што се подготвуваат тие седници за јули месец. Така што, имаме многу време но и немаме многу време, треба да бидеме посветени и внимателни. Јас апелирам и до медиумите и до граѓаните, да бидеме со позитивна енергија, поради тоа што знаете дека се што ќе правиме, ќе биде на референдум потврдено или одбиено. Ќе се обидеме со национален консензус, и ние, и ВМРО-ДПМНЕ, генерално и ДУИ, другите политички партии, имаме или исти, или приближни ставови и ќе водиме грижа за нашиот идентиет и за достоинството на нашиот народ, но истовремено мораме да водиме грижа на сегашните и идните генерации.

 

Категорија: 
Галерија со слики: 
<p>https://flic.kr/s/aHsmbmy4w6</p>