Премиерот Заев на средба со Американската стопанска комора AmCham од Албанија: Пронајдете го вашиот бизнис интерес за профит во Македонија, создаваме услови за интензивирање на регионалната соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостоловска денеска остварија средба со Марк Крафорд претседател на Американската стопанска комора во Албанија AmCham и бизнис претставници - членки на комората.

На средбата со бизнис секторот од Албанија застапуван од Американската стопанска комора AmCham премиерот Заев потенцираше дека Македонија работи посветено на унапредување на економската регионална соработка со земјите од регионот, вклучително и со Албанија, на воспоставување на пријателски релации и на инфраструктурно регионално поврзување како врвни приоритети на регионална политика со цел унапредување на квалитетот на живот за сите граѓани.

Во таа смисла, тој додаде дека позитивните исчекори што Македонија ги прави за придвижување на интеграциските процеси на земјата во НАТО и ЕУ се уште еден силен импулс за отворање на економските перспективи на земјата, а еден од начините за остварување на таа цел е токму зголемувањето на регионалната соработка.

Претседателот на Американската стопанска комора AmCham во Албанија, Марк Крафорд ги поздрави напорите на земјата за интеграција во НАТО И ЕУ како исклучително важни за политичката стабилност и економската предвидливост на земјата и посочи дека компаниите членки, од кои дел присуствуваат на средбата покажуваат значителен интерес за инвестирање во Македонија и регионот.

Во тој правец присутните претставници на компаниите изразија позитивни оценки за подобрена бизнис клима и деловно опкружување во земјата што заедно со новите економски политики претставува одлична основа за експанзија и проширување на нивните бизниси со реални очекувања за нови инвестиции во Македонија.

„Ве повикувам да го пронајдете вашиот бизнис интерес за профит, токму овде во нашата земја. Македонија поседува огромен економски потенцијал и одлична географска поставеност. Работиме на зголемување на растот на БДП, на отворање на нови работни места, на поттикнување на конкурентоста и нови инвестици што во крајна линија ќе придонесат за развој на стопанството и државата. Целта е преку одговорен пристап во водењето на економски политики да го насочиме целокупниот економски потенцијал во функција на обезбедување на квалитетен живот за граѓаните.“ истакна премиерот Заев на средбата со претставниците на Американската стопанска комора AmCham во Албанија.