Средба на владини претставници со откупувачи на јагнешко месо: Градиме партнерски однос за унапредување на оваа стопанска гранка

 

Денеска во Владата на Република Македонија се одржа неформална средба помеѓу посебната советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на Република, Ленче Николовска, директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Јане Станкоски, заменик-директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Фирус Мемед со претставниците на кланиците - откупувачи на јагнешко месо на којашто се разговараше за состојбата со откупот и пласманот на јагнешко месо, условите за работа на кланиците, но и за начините за унапредување на сточарството како важна извозно ориентирана  гранка.

На средбата беше заклучено дека разговорите од овој тип се одлична стартна основа за започнување на сериозна и долгорочна соработка помеѓу Владата, сточарите и државните и претставниците на кланиците - откупувачи на јагнешко месо, со цел да се унапреди соработката, да се воспостави комуникација и дијалог низ кој ќе се изнаоѓаат решенија за наталожените проблеми, но и ќе се развиваат стратегии за развој на оваа гранка.

Советничката Николовска ги слушна барањата на откупувачите и ги информираше дека Владата на Република Македонија формираше Комитет за земјоделство и безбедност на храната со кој претседава лично Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и дека систематизираните барања и предлози коишто беа тема на разговор ќе бидат процесуирани и разгледани во рамки на ова тело во кое се носат важни одлуки и решенија за граѓаните на Република Македонија.

Заеднички беше констатирано дека важен е партнерскиот однос што Владата на Република Македонија го воспоставува со сточарите и откупувачите во процесот на носење и спроведување на политики во интерес на граѓаните.

 

 

Категорија: