Премиерот Заев: Божик нека ни биде причина за неминлива радост, за да ја споделуваме со сите, во сите наши претстојни предизвици

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, по повод верскиот празник Божик – Рождество Христово, упати писмо со честитки до г.г. Стефан, Архиепископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, и до сите православни верници во Република Македонија.

Во честитката на премиерот Заев до православните верници се истакнува дека додека „овие денови ја слушаме ангелската песна што го слави раѓањето Христово, ја слушаме и пораката која секоја година повикува да ги подготвиме нашите срца за Неговото раѓање во сите нас.“

Премиерот Заев во честитката по повод празникот нагласува дека „славењето на овој ден не е само спомен на историскиот настан, туку е повик Христос да се роди внатре во нас и од нас да направи подобри луѓе. Срцето на човекот е најсоодветното место за тоа. Овој празник не потсетува да се подготвиме, да направиме место во нашите срца, да го исполниме со радост и љубов, зашто радоста е темел на духовниот живот.“

„Празнувањето на Божик нека ни биде причина за неминлива радост, за да ја споделуваме со сите, во сите наши претстојни предизвици.Честито Рождество Христово! Христос се роди!“, се вели во писмото со честитки на Претседателот на Владата на Република Македонија, до православните верници.

 

Категорија: