Новогодишно обраќање на премиерот Никола Груевски

Почитувани граѓани на Република Македонија,

          Вообичаено кога се обраќам до Вас во ваквите прилики, секогаш зборувам за десетици и десетици проекти кои сме ги реализирале во минатата година, со прецизно објаснување за нивните детали и ефекти, и давам прилично прецизна проекција за целите кои ги поставуваме за следната година и начините за нивно достигнување. Се прашував дали и оваа година да го следам истиот концепт, и повторно да бидам до толку детален и прецизен, повторно има многу проекти кои ги спроведовме и од кои има сериозни придобивки целото население и навистина има што да се каже, но нашите достигнувања и нашите идни чекори многу јасно ги имате во нашата програма, и во отчетот, и тие се познати и видливи, и затоа решив оваа година да ја изменам таа практика.

           Оваа година сакав да Ви се обратам од оваа просторија, од салата за седници на Владата. Ова е местото каде што ги носиме одлуките и проектите кои имаат за цел да го подобрат секојдневието на сите граѓани. Ова ќе биде местото каде и идната година и јас и министрите, ќе поминеме најголем дел од времето и со посветена работа ќе продолжиме со реформите и со реализацијата на програмата која ја подржавте, заради општото заедничко добро.

          Драги пријатели,

       Сакам најпрвин пред се и над се сакам искрено да Ви се заблагодарам за Вашата поддршка, за довербата која ни ја давате, и верувајте токму таа доверба е нашата најголема движечка сила да продолжиме со работата, со реформите и модернизацијата, и со создавањето дела кои имаат трајна вредност за сите. За мене, и за министрите од владата обврската која сме ја презеле кон вас е светост, и од неа нема отстапување. Зборот е даден, а образот мора да остане чист, и утре кога ќе се видиме на улица треба да можеме да Ве погледнеме достоинствено во очи, со чиста совест дека сме го дале нашиот максимум. Затоа и некогаш ако погрешиме, имаме доблест да се извиниме и да се коригираме, затоа што кој работи некогаш и греши, само важно е грешките да не се стратешки и ненадоместливи. А најбитно од се е да се вложува труд и да не се обесхрабруваме, туку да не води идејата дека само со залагање може да одиме напред.

          Затоа и работиме, со силна посветеност и со одговорен пристап, за да направиме добри работи за сите граѓани, без разлика на било каква припадност, затоа што делата и вредностите кои ги промовираме се за сите, и за оние кои не подржуваат, и за оние кои не критикуваат и поддржуваат други политички опции, и за оние кои воопшто не гласаат на избори. За мене нема разлика, човекот е човек, секое семејство заслужува шанса за подобрување на условите за сопствен развој, за економска благосостојба, за модерно образование, квалитетно здравство, културна надградба, на ефикасно судство, на услужлива администрација, на напредно земјоделство, и на создавање на можности за развој на секоја општествена сфера.

          Нашите политики во економијата имаат за цел да ги унапредат бизнис климата и претприемачкиот амбиент, да ги помогнат развојните планови на компаниите независно дали се водени од Македонец, Албанец,  Турчин, Србин, Влав, Ром, Бошњак или некој друг, да овозможат нови вработувања за населението. Затоа и толку инвестираме во привлекувањето на странски инвестиции, заради новиот квалитет кој ќе го донесат, заради технологијата, заради конкурентноста и атрактивноста на земјава како бизнис дестинација, но пред се заради новите работни места кои ги отвораат.

          2011 година, и покрај сите предизвици кои ги надминавме беше успешна година, и сите ние граѓаните на Република Македонија треба да сме горди на тоа, затоа што ние тоа го заслуживме и ние тоа го одработивме, со сопствени сили и потенцијал, со верба во самите нас и во нашите квалитети. И затоа добивме трет позитивен извештај на Европската комисија и трета по ред препорака за почеток на преговори со европската Унија, на листата на Дуинг бизнис на Светската банка сме 3 најдобар реформатор а на генералната листа не сместија меѓу дваесетината најдобри дестинации на светот според поволните услови за правење бизнис, кредитните агенции го потврдија нашиот добар кредитен рејтинг, а ММФ ги пофали нашите економски политики, а посебно ниската задолженост во овие тешки денови на должничка криза во Европа. Заради доброто на граѓаните, и со Ваша помош и поддршка, ги намаливме даноците и царините, ги поефтинивме услугите, изградивме нови објекти, определивме минимална плата, градиме станови за лица со социјален ризик, и ќе даваме државна парична помош за купување стан или куќа, а и многу други проекти, кои се од Вас и за Вас. И затоа продолжуваме со развој на македонското мултиетничко општество на еднакви граѓани со еднакви можности.

       И во следната година ќе продолжиме да чекориме по патот на интеграцијата во НАТО и ЕУ, со волја и посветеност за надминување на блокадите, за отвореност за заеднички исчекор на регионот кон интеграциите. За таа цел силен придонес и улога, и нова позитивна правна и политичка аргументација ќе даде и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, која е позитивна за Македонија, и која е триумф на правдата и владеењето на правото, и ја гледаме како средство за постигнување на поголема блискост со нашите партнери, соседи и асоцијации и остварување на нашите стратешки цели и заеднички вредности.

         Сакам да ве уверам дека со секој атом од својата сила, работиме и ќе продолжиме да работиме на остварување на нашата програма и на реализација на проектите кои ќе донесат нов квалитет во животот, и во имиџот на Македонија. И кога има добри и кога има помалку добри работи, ние сме со Вас и ќе останеме со Вас, затоа што заеднички можеме многу повеќе отколку самите.

         Драги пријатели,

        Бидете убедени во сопствените можности, и имајте силна верба во себеси и во вашите блиски. Македонија отсекогаш имала и паметни, и трудољубиви, и чесни, искрени, вредни граѓани, луѓе домаќини еснафи. Ние отсекогаш сме знаеле да живееме во слога, со соработка како пријатели. И секогаш стремете се кон високите дела, базирани на системот на вредности, тоа треба да е нашиот репер, натпревар во позитивното, во достигнувањата и во придонесот.

         И верувајте дека и јас и министрите со сета своја сила ќе работиме за Вас и за Вашите семејства, и по секоја цена ќе се трудиме да создадеме нови позитивни дела, за да ги задоволиме Вашите интереси и да ја оправдаме Вашата несебична поддршка и разбирање. Се разбира, не можеме да ги решиме сите проблеми, но ќе дадеме максимум од себе да решиме колку е можно повеќе од нив. И уште еднаш да ја искажам нашата огромна благодарност и почит за Вашата доверба кон нас, и посветеноста на реализацијата на заедничкиот напредок на Република Македонија.

         Во новата 2012 година Ви посакувам пред се добро здравје, пријатна домашна атмосфера и семејна среќа, лична хармонија на чувствата и идеите, благосостојба и бериќет за секој од Вас. Посакувам понатамошен економски раст и развој и подобрување на стандардот на секој граѓанин, и остварување на стратешките цели на државата. Радоста и среќата нека Ви бидат најголеми придружници во годината што следи.

 

            Да сте здрави и живи, нека оди работата, и имајте многу пријатни моменти.

 

            Среќна и весела нека е Новата 2012 година!