Средба на премиерот Заев со претставници на Црногорската Заедница во земјава: Македонија чекори по правиот пат, поддршка за интегративните политики на новата Влада

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Борис Попивода, претседател на Црногорската Заедница во Република Македонија и со претставници на заедницата. Претседателот Попивода и претставниците на Црногорската Заедница во Република Македонија оценија дека Република Македонија веќе чекори по вистинскиот пат и изразија поддршка на демократските и развојни политики на премиерот Заев и на Владата на Република Македонија.

Тие констатираа дека клучно за просперитетот на државава се политиките на заедништво и помирување на граѓаните, независно од каква било етничка определба и додадоа дека премиерот Заев и новата Влада обезбедуваат таква клима што води кон прогрес.

- Ние водиме отворени политики на градење едно општество за сите, со шанси за сите граѓани, како и градење пријателства, и дома и во регионални и меѓународни рамки. Стратешки цели на државата се ЕУ и НАТО. Интеграциите ќе значат и охрабрување инвеститори и подобрување на економијата во земјата, а тоа е важно за квалитетот на живот на сите луѓе во Македонија. Благодарам на Црногорската Заедница во Република Македонија за конструктивната улога во сите важни процеси за напредокот на државава, рече премиерот Заев.

На средбата посебно се обрна внимание на можностите за економски развој на државата и придонесот што може да го даде Црногорската Заедница во Република Македонија низ продлабочување на соработката, а нагласена е и важноста на реформските процеси за воспоставувањето правна држава и владеењето на правото.  

 

 

Категорија: