Премиерот Заев на јубилејната прослава на Денот на наставата на турскиот јазик во Република Македонија: Историјата спои држави и народи, турската заедница е конструктивен дел од нашето општество

 
 
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, вечерва присуствуваше на јубилејното празнување на Денот на наставата на турски јазик во Република Македонија, кој се одржа во ВИП Арена, Борис Трајковски.

Во своето обраќање, поздравувајќи го вицепремиерот на Република Турција, Хакан Чавушоглу, амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Тулин Еркал Кара, претставниците од општествената и политичката заедница во Република Македонија, пратениците од турскиот Парламент, пратениците од Македонскиот Парламент и сите сограѓани од заедницата на Турците во Македонија, меѓу другото рече:

„Ви го честитам од сè срце, во името на Владата, во мое лично име, и во име на граѓаните на Република Македонија денешниот празник – Ден на наставата на турски јазик во нашата заедничка држава, Република Македонија.

Свеченостите по овој повод, овој национален празник на припадниците на турската заедница во Република Македонија, се уште еден доказ и потврда за традиционалното пријателство и за одличната соработка меѓу нашата земја и Република Турција.

Турција беше прва земја која подаде пријателска рака на самиот почеток на осамостојувањето на Република Македонија. Земја која изрази подготвеност за соработка и помош во сите сфери на општественото живеење.

Република Македонија секогаш ќе го има тоа предвид.

Отвореноста и блиската соработка се најзначајната алка во градењето на стратешките односи помеѓу двете земји.

Сведоци сме на континуираното вложување во развојот на билатералните односи помеѓу Македонија и Турција.

Воспоставеното пријателство помеѓу нашите две земји е несомнен пример за тоа како треба да се соработува во регионот и пошироко.

Освен денешниот празник, Македонија и Турција секоја година одбележуваат значајни датуми поврзани со една од најзначајните личности во историјата на Турција – Мустафа Кемал Ататурк.

Историските околности посакаа нашите две земји да бидат поврзани и преку ликот и делото на творецот на модерна Турција кој точно пред 118 години се стекна со диплома на воената гимназија во Битола, Република Македонија.

Историјата спои држави и народи.

Денес, кога Република Македонија гради едно општество за сите нејзини граѓани, припадниците на турската заедница се значаен и конструктивен дел од тоа наше заедничко општество. Соодветно на тоа, наши истакнати сограѓани од турската заедница го даваат личниот, значаен придонес во развојот на нашето мултикултурно и мултиетничко општество. Заедно со нив, посветуваме големо внимание на правичната и рамноправна застапеност на етничките заедници, вклучувајќи ја и турската, во јавната и државната администрација.

Сакам да нагласам дека Република Турција, со силната поддршка за нашата земја, придонесе Република Македонија да стане активен учесник во обезбедувањето на глобалниот мир и безбедност. Тоа е од огромно значење за нашите аспирации за членство во НАТО.

Познато е дека приоритет на Република Македонија е членство во НАТО и Европската Унија. Од Република Турција, како членка на НАТО, постојано добиваме безрезервна и целосна поддршка за исполнување на тие наши аспирации. Само така Западен Балкан ќе биде побезбеден, посилен и соработката и понатаму ќе јакне.

Република Турција е меѓу најголемите донатори на опрема за АРМ. Само пред два дена Владата на Република Македонија го прифати Договорот за воена финансиска соработка меѓу министерствата за одбрана на двете земји кој предвидува поддршка вредна 1,5 милиони долари од страна на Република Турција за Република Македонија.

Односите меѓу Република Македонија и Република Турција се пример како да се соработува и како да се влијае врз соработката во регионот и пошироко. Нашите две земји немаат отворени прашања.

Република Македонија ја поддржува Република Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО.

Економската соработка меѓу нашите две земји е одлична. Тоа го обезбедивме со околу 100 договори за заедничка соработка во многу области.

Ретки се земјите што можат да се пофалат на тој начин за соработката со друга земја.

Годинава навршуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Турција.

Се надевам наскоро да остварам посета на Република Турција, по покана на премиерот Бинали Јилдирим. Сигурен сум дека таа средба ќе отвори нова, значајна страница, во соработката меѓу нашите две земји.

На крајот, дозволете ми уште еднаш, на сите наши сограѓани од заедницата на Турците во Република Македонија, да ви го честитам овој значаен празник во нашата земја.

Истовремено, му упатувам уште еднаш добредојде на високиот гостин од Владата на Република Турција, вицепремиерот Хакан Чавошоглу, и го замолувам да ги пренесе нашите искрени поздрави до пријателскиот народ на Турција, и до Претседателот Реџеп Таип Ердоган“.

Категорија: 
Галерија со слики: 
<p>https://flic.kr/s/aHsmce1BNn</p>