Одржана дебата на тема „Утврдување на потребата за можни измени во Законот за медиуми“

Во организација на Министерството за информатичко општество и администрација и на Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, денеска се одржа отворена дебата на тема „Утврдување на потребата за можни измени во Законот за медиуми“.

На дебатата, која беше отворена за јавноста, и на која беа поканети и присуствуваа претставници на поголем дел од медиумите, новинарските и медиумските здруженија, како и поединци од медиумската сфера, свои воведни излагања имаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

Министерот Манчевски во своето обраќање нагласи дека оваа дебата е покрената на барање на дел од медиумите и нивните претставници и дека заради тоа е вклучена во Планот 3-6-9 за итни реформи, кој ги опфаќа и реформите во медиумската сфера, како една од препораките од извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе.

„Во секој случај“, нагласи министерот Манчевски, „нагласуваме дека сакаме да се држиме до насловот на трибината и дека таа има за цел само да ги утврди потребите од можни измени во Законот за медиуми, и дека тоа ќе дојде само како единствен и усогласен заклучок на сите релевантни засегнати страни и врз основа на нивните аргументи“.

Владата на Република Македонија во овој случај е само организатор на дебатата и нема намера да биде генератор на предлози за измени во законот. Тие треба да дојдат од претставниците на медиумите, медиумската индустрија, од медиумските здруженија и експерти, особено како решенија за утврдените потреби за измени.

Во своето обраќање министерот Манчевски се задржа на дел сугестиите, што повторно дојдоа од медиумската сфера, и што поттикнаа отворање на оваа дебата, и кои главно се однесуваат на укажаната потреба од евентуално регулирање на интернет порталите.

Во тој контекст, Манчевски го спомна и феноменот „лажни вести“, односно „фејкњуз“, кои се генерираат од Република Македонија. Тој нагласи дека и за ова прашање нема готови решенија и дека за решавање на ова прашање е неопходна потребата од зајакнување на концептот на саморегулација, проверка на фактите и на интензивирање на медиумската писменост.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, истакна дека Владата на Република Македонија со подготвеноста да ја отвори оваа дебата на барање на дел од медиумските претставници, нема апсолутно никаква намера да ги ограничи слободите и правата за медиумите што ги гарантира Законот за медиуми.

„Оваа дебата ја отвораме единстевено на барање на новинарите и на претставниците на медиумската индустрија, бидејќи во повеќе наврати беше побарано да се допрецизираат некои одредби кои се однесуваат на интернет порталите. За тоа дали треба, или не, да постои утврден регистер за нив, како и за прашањата за одговорноста на вработените во овие портали“, нагласи министерот Поповски.

Министерот Поповски потенцираше дека очекува оваа дебата да ги поттикне медиумските претставници за отворените прашања да разговараат меѓу себе, во рамките на нивните здруженија, асоцијации и совети. Поповски истакна дека Владата на Република Македонија ги охрабрува новинарите и медиумите, за сите теми што ги засегаат, и за кои сметаат дека можат да дадат сериозен придоенс за подобрување на состојбите во медиумската сфера, да разговараат соодветно на концептот на саморегулацијата во рамките на кој, тие самите и никој друг, ќе дебатираат, ќе ги усогласуваат ставовите и ќе понудат решенија прифатливи за прашањата за кои ќе биде утврдено дека треба да се решаваат по пат на законски измени.

Најголем дел од денешната дебата денеска им беше препуштен на претставниците на новинарските и медиумски здруженија, како и на претсваниците на медиумите. Еден дел од нив оценија дека нема потреба од измени и дополнувања на Законот за медиуми, додека, пак, еден дел застанаа на ставот дека оваа иницијатива и дебата и за утврдување на евентуалната потреба од измени, е доберодојдена и дека може да приоднесе за подобрување на вкупната медиумска слика во Република Македонија.

Заедничка констатација од дебатата е дека треба да следува период во кој ќе бидат доставени аргументи за и против измени во законот и дека потоа ќе следува уште една циклус јавни дебати од кои ќе произлезат соодветни одлуки.

Категорија: 
Галерија со слики: