Премиерот Заев, вицепремиерот Османи и вицепремиерката Шекеринска на конференција „Патот понатаму за Република Македонија“

Во организација на институтот „Прогрес“ денеска во Скопје се одржа конференција на тема „Патот понатаму за Македонија“ на која учествуваа Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, Заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, и Заменик претседателката на владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Во обраќањето на панелот „Реформи и политики за градење доверба во Македонија“ на конференцијата „Патот понатаму за Македонија“, премиерот Заев на почетокот ги пренесе своите импресии од последната посета на Брисел, и од придвижувањето во позициите на Република Македонија во перцепцијата на Европската Унија и истакна дека “целиот регион и нашата Македонија се многу поразлични во перцепцијата на ЕУ, и цел демократски свет за само една година. Република Македонија блеска во очите на Европската унија”.

Во своето обраќање на конференцијата Претседателот на Владата на РМ, се задржа на неопходноста за градење доверба во Македонија, во период кога нашата земја е во процес на реституција на функционалноста на севкупниот политички систем.

Во таа насока, премиерот Заев истакна:

„Тргнувајќи од очекувањата на граѓаните, знам дека бескомпромисната борба со корупцијата во практикувањето на политиката, како и транспарентноста, пристапноста, отвореноста и свесноста на владата за потребите на луѓето, се основните столбови врз кои треба да се стекне и изгради довербата на граѓаните. На сите граѓани во нашето општество.

За да го постигнеме тоа, мора да се обезбеди одговорно, инклузивно, и транспарентно донесување одлуки на сите нивоа. Неопходно е да создадеме ефикасни, одговорни и транспарентни институции.

Суштински да обезбедиме владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите, како и одговорност пред правдата за сите кои се огрешиле пред законите.

Ако не се справиме со корупцијата ефикасно, со функционални институции задолжени за тоа, ние и понатаму ќе се соочуваме со сите форми на организиран криминал, насилство, експлоатација и злоупотреба, како последици на корупцијата“.

Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев нагласи дека „на граѓаните во Република Македонија веќе ништо нема да им ја одземе препознаената моќ. Граѓаните добро знаат дека тие ги избираат лидерите и дека тие учествуваат во обликувањето на политиките од непосредна важност за нив, за општеството и за иднината. Развиена е политичка култура што ќе има влијание и врз генерациите што доаѓаат“.

Заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, на конференцијата „Патот понатаму за Македонија“ рече дека „со оглед на испорачаните резултати можам да кажам успеавме да ја вратиме земјата на вистинскиот пат“, и додаде:

“Во 2018 година, како никогаш порано ни се отвора прозорец на можности, моментум на европски оптимизам кој е присутен во земјава, регионот но кој е проширен и кај земјите членки на Унијата. 2018 претставува историска година на можности кога Македонија може, треба и ќе ги затвори прашањата за ЕУ и НАТО. За таа цел потребно ни е да изградиме консензус за обврските по прашање на нашата европска и евроатлантска агенда. Инклузивност на граѓанскиот сектор при изработка и имплементацијата на потребните реформи, изградба на политички консензус за стратешките интереси и клучните политички прашања, како и севкупен општествен консензус за посветеноста на земјата во насока на интеграцијата во ЕУ и НАТО“.

Заменик претседателката на владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на конференцијата на тема „Патот понатаму за Македонија“, нагласи дека „клучно за Македонија е да кажеме, да, имавме мрачни моменти и неколкугодишна криза но силата на земјата не се мери по тоа колку длабоко ќе падне, туку колку брзо ќе стане“.

Во продолжение на своето излагање, вицепремиерката Шекеринска истакна дека само 6 месеци после инцидентот во Собранието на РМ, позитивно шокантно е што Македонија може да се претстави како нормална демократска земја со кохезија и сила.

Кризата беше сведувана на ривалитети и конфликт меѓу политичките актери, но всушност имаше недоверба кон институциите на државата. Мислам дека акцентот треба да го ставиме на создавање на доверба кон институциите.

Добро е што разбудената македонска јавност поставува прашања. Тоа ќе не направи подобра држава.

Владата обрнува големо внимание на транспарентноста бидејќи таа создава имунитет во општеството кон слабостите, корупцијата, клиентелизмот и врски. Треба да се фокусираме на изградба на институции каде транспарентноста ќе создава отпорност кон такви тенденции.

Дали членството на Македонија во НАТО и ЕУ има вредност за НАТО и за ЕУ ? Како што нагласи еден француски политичар, за да стане ЕУ модел треба да биде актер и да влијае на настаните. Во последните неколку години ЕУ и САД влијаеа позитивно. Македонија е пример дека кога има реакција и ангажман, има и позитивни резултати. Македонија може да биде пример на Балканот во делот на третирање на меѓуетничките прашања. Од кризата, Македонија излезе со поголема социјална и етничка кохезија. Како позитивен пример, тоа можеме да го понудиме на земјите членки на ЕУ и НАТО. За да го забрзаме патот кон ЕУ треба да обезбедиме членство во НАТО.

Ќе треба заедничка акција и силни институции, сите, одговорно да го извлечеме максимумот од себе и да ја искористиме оваа трета шанса. Верувам во трета среќа“, истакна министерката за одбрана Шекеринска на конференцијата „Патот понатаму за Македонија“, на која учествуваа и Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и Заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи.

 

 

Во продолжение на своето обраќање на тематскиот панел „Реформи и политики за градење доверба во Македонија“, премиерот Зоран Заев истакна:

Треба да сме свесни дека со промената на власта, граѓаните јасно порачаа дека очекуваат нова пракса и нови политики при управувањето со државата и дека тоа ќе биде главен предуслов за враќањето на довербата кон институциите и кон власта како политички инструмент.

Знаеме добро што наследивме. Системот беше девастиран, државата беше заробена, а граѓаните беа турнати на маргините од каде што не беше можна контролата на владеењето.

Тоа се факти кои доведоа дискусијата за довербата во власта денес да биде поставена на три елементарни основи:

Прво: Доброто владеење е поважно денес од кога и да е;
Второ: Довербата на граѓаните во власта е критичен предуслов за нејзино ефикасно функционирање; Таквата доверба не се дава на тацна. Таквата доверба се стекнува.
И трето: Маргината на грешка што може да си ја дозволи една власт во околностите во кои функционира во денешниот свет, е сведена на минимум.

Овие елементарни услови наложуваат дека нема место за политички импровизации во заложбите да се креираат добри политики. Како за денес, така и за идните генерации.

Ова е важно уште на стартот на дебатата за реформи и политики за градење доверба во Македонија.

Токму затоа, тргнувајќи од очекувањата на граѓаните, знам дека бескомпромисната борба со корупцијата во практикувањето на политиката, како и транспарентноста, пристапноста, отвореноста и свесноста на владата за потребите на луѓето, се основните столбови врз кои треба да се стекне и изгради довербата на граѓаните.

На сите граѓани во нашето општество.

За да го постигнеме тоа, мора да се обезбеди одговорно, инклузивно, и транспарентно донесување одлуки на сите нивоа.
Неопходно е да создадеме ефикасни, одговорни и транспарентни институции.

Суштински да обезбедиме владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите, како и одговорност пред правдата за сите кои се огрешиле пред законите.

Ако не се справиме со корупцијата ефикасно, со функционални институции задолжени за тоа, ние и понатаму ќе се соочуваме со сите форми на организиран криминал, насилство, експлоатација и злоупотреба, како последици на корупцијата.

Овие аномалии мораме да ги решаваме, за да ja зголемиме довербата на граѓаните кон институциите и кон државниот систем генерално.

Ќе се повикам повторно на нашето директно искуство: На граѓаните во Република Македонија веќе ништо нема да им ја одземе препознаената моќ. Граѓаните добро знаат дека тие ги избираат лидерите и дека тие учествуваат во обликувањето на политиките од непосредна важност за нив, за општеството и за иднината.

Развиена е политичка култура што ќе има влијание и врз генерациите што доаѓаат.

Спроведувањето на реформите не е лесно. Понекогаш тоа е заради стравот од промени, што е прифатлива човечка природа, а понекогаш тоа е и заради големите очекувања.


Има ситуации кога тие големи очекувања треба да се пресретнат со краткорочни политички одлуки кои треба да обезбедат услови и амбиент за долгорочни придобивки.

Еден од начините да се стекне, гради и придобие довербата е, краткорочните, понекогаш непопуларни политички одлуки, да се спроведат во пријателска релација со јавноста и да се елаборираат со суштински аргументи.

Така беше кога ја најавивме, подготвувме и реализиравме мерката повисока минимална плата. Со оваа мерка се опфатени околу 70 илјади наши вработени сограѓани, но реализацијата на оваа мерка беше спроведена со вклученост за сите засегнати: работодавачите, синдикатите и владата. Взаемно обезбедивме доверба дека мерката е добра, остварлива и стимулативна.
Вака е, или ќе биде, и во многу други области.

Кохерентноста на политиките, и обезбедувањето сеопфатен "пакет" решенија за граѓаните е незамисливо без инклузивност на сите засегнати, или без поддршка и доверба на граѓаните.
Владите повеќе не го држат монополот на донесување на одлуки, и затоа, довербата во односите со чинителите како што се бизнисот и граѓанското општество, е од суштинско значење за да се испорачаат ефективни политики.

Но, тоа не ги ослободува владите од политичката одговорност.
Таква одговорност презедовме и во спроведувањето на Планот 3-6-9 за да ја постигнеме стратешката цел договорена со граѓаните на нашата земја: Спроведување на реформите забрзување и реализација на фазите за да го добиме датумот за преговори со ЕУ и за членство во НАТО!

Планот 3-6-9 е подготвен и консултиран во соработка со граѓаните преку широка дискусија со експерти и граѓански организации.
Меѓународната заедница го препозна тоа, ги препозна инклузивните политики и политиките на отворени врати што ги практикува владата.

Пред да завршам, дозволете ми уште една поента на која граѓаните во Република Македонија, мнозинството граѓани, особено сметаат кога одлучуваат дали ќе имаат доверба или не.
Одредени политичари во изминатите години избраа да водат политика на поделби и предизвикување на конфликти кои луѓето ги поделија на „наши“ и „ваши“.

Тоа е политика којашто гради минато, а не иднина. Тоа е политика што дели, а не создава доверба.

Само интегрирана Македонија којашто ќе го обедини множеството на различности, ќе биде стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани. Во таква Македонија имаат доверба мнозинството од граѓаните.

И на крајот, мојата трета премиса од која тргнав на почетокот на ова мое обраќање: Владите имаат минимална маргина за грешка!

Денес, владите имаат многу малку простор за грешка во креирањето политики. Реков дека очекувањата на граѓаните се големи и сосема оправдани. Но, истовремено тие се и растечки. И тоа е сосема природно. Оттаму, постојаното следење на пулсот на јавноста станува неопходност за да се биде секогаш подготвен за апдејт на политиките.

Во денешниот свет, закоченоста во времето и застарените политики, јавноста знае да ги казни. Да не зборуваме за погрешни политики создадени без допирни точки со потребите на јавниот интерес.

Растечката недоверба на граѓаните и на другите засегнати страни, може да има и сериозни економски последици. Инвеститорите бегаат од она што го гледаат како непријателска, нестабилна или корумпирана средина. Избираат повеќе пријателски и ефикасни заедници.

Затоа просторот за грешки е многу, многу мал. А откако ќе се изгуби, враќањето на довербата може да трае со години.
И тоа ни е познато од нашето непосредно искуство.

Затоа мораме постојано да работиме на развивање на концептот „добро владеење“. На влада која нуди ефикасни јавни услуги од полза за граѓаните.

Мора да бидеме свесни и да знаеме дека довербата се стекнува бавно. Таа пристигнува пешки, но може да ве напушти со 300 километри на час.

Благодарам за можноста да се обратам на овој форум. Сигурен сум дека од говорниците тука и од дебатата можат да се добијат интересни идеи како да создаваме и да ја чуваме довербата на јавноста за да ја достигнеме крајната цел на јавните политики: Зголемување на благосостојбата на граѓаните и осигурување на нејзината одржливост за идните генерации, истакна во завршницата на своето обраќање Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на конференцијата на тема „Патот понатаму за Република Македонија“ во организација на институтот „Прогрес“.