Заедничка седница на владите на Македонија и Албанија во Поградец, премиерите Заев и Рама оценија дека е отворено ново поглавје во билатералните односи

„Придонесуваме кон развојот на регионалната соработка и кон остварувањето на значајните стратешки цели на нашите држави, но и на сите држави од регионот, а тоа се интеграциите во Европската унија и НАТО“, оцени претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во воведното обраќање на заедничката седница на владите на Република Македонија и Република Албанија, што се одржа попладнево во Поградец, Албанија.

Премиерот Заев оцени дека меѓувладината седница отвора ново поглавје во билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Албанија и изрази почит за свеста за пријателската и ефикасна соработка меѓу владите на двете држави.

„Врз минатото, во сегашноста, работејќи на решенија што водат до спокојна и безбедна иднина на нашите граѓани и нашите земји, а не на нивно одложување, ние почитувани колеги, пријатели, градиме иднина – за Македонија, за Албанија, за регионот.“

 

Тој констатираше дека владите на Република Македонија и на Република Албанија испраќаат силна порака во регионот, дека двете држави имаат одговорни политички раководства коишто работат искрено и отворено, со цел да го подобрат  квалитетот на живот на граѓаните во двете земји и за добра и безбедна иднина на двете држави во евро-атлантското семејство.

„Зголемената фреквенција на посети на високо ниво означува "нови почетоци" во меѓусебните односи што ќе отвори и нови можности за нашите граѓани.

Сето ова што правиме е вредно за граѓаните и за нашите земји, за Република Македонија во остварувањето на европските и атлантските цели, и за Република Албанија во европските цели. Ги интензивиравме активностите во рамки на Берлинскиот процес. Според целите зацртани во Трст почнавме да работиме на создавањето регионална економска зона. На денешната меѓувладина седница, отвораме нови перспективи: за унапредување на меѓусебната поврзаност и инфраструктурата, за олеснувањето на размената на стоки и услуги, како и за зајакнувањето на соработката во областа на безбедноста“ рече премиерот Заев.

 

 

Тој нагласи дека Република Македонија како држава е определена кон изградба и унапредување добрососедските односи, не само затоа што и е тоа потребно за евро-атлантските интеграции, туку затоа што добрососедските односи значат и мир, стабилност и напредок во регионот, а тоа значи мир, стабилност и напредок и на Република Македонија.

„Ние сме пријателски народи и само низ заеднички развој можеме да ги постигнеме посакуваните перспективи, како граѓани и како држави во регионален контекст. Дополнително, Албанците во Македонија и Македонците во Албанија навистина се мост за градење поблиски врски и соработка и тоа треба да го имаме секогаш предвид“ порача премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, објасни и дека Владата на домашен план е посветена на реформскиот процес, преку Планот 3-6-9, којшто е клуч кон ЕУ и НАТО, но и кон создавање државен систем што функционира, којшто постои за граѓаните, во којшто имаат доверба граѓаните. „Систем што ги штити граѓаните и отвора можности за сите граѓани, во едно општество за сите, во какво што, се покажа на изборите, сакаат да живеат огромното мнозинство граѓани на Република Македонија: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, други“ нагласи премиерот Заев.

 

 

Тој посочи дека за Македонија ЕУ и НАТО не се само политички интерес, туку и можност за економски развој на државата и финансиска стабилизација на граѓаните.

„Ова е потреба за граѓаните на Македонија, но знам дека е потреба и за граѓаните на Албанија и за граѓаните на регионот. Важно е што како политичко раководство на Република Албанија го препознавате моментот со шанси за регионален развој, што ќе донесе развој за сите држави и сакам да ја поздравам ваквата ваша поставеност во име на граѓаните на Македонија и на Владата на Македонија“, додаде премиерот Заев на меѓувладината седница.

„Постои наклонетост на земјите-членки на ЕУ за пристапувањето на Западен Балкан кон ЕУ. А отворени се шансите и за НАТО интеграции. Јас знам дека Република Македонија и Република Албанија ја споделуваат визијата за просперитетен и меѓусебно поврзан регион, интегриран во ЕУ и НАТО. Со право очекуваме дека идната 2018 заедно ќе започнеме преговори за членство во ЕУ, како Македонија така и Албанија“ рече премиерот Заев.

Тој оцени дека за Република Македонија многу значи поддршката на Република Албанија на тој пат и изрази благодарност на Република Албанија за континуираната поддршка за НАТО-аспирациите. Премиерот Заев дополни дека пред Република Македонија, како и пред сите земји од регионот е обврската да се исполнат критериумите што демонстрираат демократски зрело општество, со независни и професионални институции и изградба на граѓанско општество со еднакви можности за сите и релаксирани меѓуетнички односи.

„Следните неколку месеци може да бидат клучни за Република Македонија, и во поглед на напредокот кон ЕУ и во поглед на членството во НАТО. Затоа со голема сериозност сме фокусирани да направиме сè што е потребно од наша страна за да обезбедиме пробив кон овие стратешки цели на државата“ соопшти премиерот Заев.

Тој изрази очекување и дека меѓувладината седница во Поградец ќе придонесе во економската соработка којашто има простор да се унапредува, преку воспоставениот Мешовит комитет за економска соработка и други заеднички комитети и додаде дека се потребни и други координативни тела и механизми за ефикасно спроведување на склучените билатерални договори, надминување на потенцијалните пречки и идентификувањето нови можности за реализација на дополнителни заеднички проекти и стратегии со цел поврзување и подобра интеракција помеѓу деловните заедници на двете земји.

„Повикувам да ги удвоиме напорите за да ги забрзаме тековните проекти што се однесуваат на инфраструктурата, во рамки на Коридорот 8, како и во областа на енергетиката. Подготвена е физибилити студија за енергетска поврзаност меѓу Македонија и Албанија (Битола-Елбасан). Постојат можности за изградбата на железничката линија од Кичево преку струшко кон албанската граница, со користење на ИПА фондовите. Да се посветиме на овие шанси што ќе значат олеснувања за граѓаните на двете држави“ рече премиерот Заев.

Тој повика и двете Влади и држави да продолжат да работат заедно, користејќи ги сите можности за напредок на односите. „Да ги претвориме предизвиците во прогрес за наша заедничка иднина“ посочи претседателот на Владата, Заев.

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, ги покани премиерот на Република Албанија, Еди Рама и министрите, следната, 2018 година да одржат заедничка владина седница во Охрид.

И премиерот на Република Албанија оцени дека денешната меѓувладина седница е ново поглавје во односите меѓу двете земји, не само на политички план туку и во сите други области. Претседателот на Владата на Албанија, Рама, го поздрави посебно придонесот на премиерот Заев во изградбата на Република Македонија во едно општество за сите, функционални институции и социјална кохезија, а рече и дека позитивно ги ценат добрососедските односи, како аспекти што придонеле кон интензивирање на односите меѓу државите. Премиерот Рама најави засилена соработка во инфраструктурата, патниот и железничкиот сообраќај, меѓугранични и царински олеснувања, енергетиката. Албанија ќе продолжи со поддршка за целосно зачленување на Република Македонија во НАТО, како инвестиција во мирот и безбедноста во регионот, најави премиерот Рама. Премиерот на Република Албанија, Еди Рама констатираше дека заедничката владина седница на Македонија и Албанија е добра порака и за регионот, за политиките на соживот, градење мостови и просперитет кон коишто се определени двете влади и двете држави.

По меѓувладината седница потпишана е Заедничка Декларација за поголема заедничка соработка, од страна на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Советот на министри на Република Албанија, Еди Рама. Премиерите потпишаа и Меморандум за разбирање, за превенција и сузбивање насилен екстремизам и радикализација којашто води кон тероризам. На министерско ниво потпишани се: План за соработка и консултации помеѓу Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Министерството за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Албанија за зајакнување на соработката во областа на внатрешната контрола, Меморандум за соработка помеѓу Институтот за духовно и културно наследство на Албанците од Република Македонија и генералниот директорат на архиви на Република Албанија, потпишани од министрите или овластени раководни лица на институциите.

Категорија: 
Галерија со слики: