Остануваме на нашето уверување дадено пред граѓаните во врска со рудниците; Разговараме интензивно да ги пополниме испразнетите министерски и други места

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска имаше свое обраќање на завршната конференција на тема "Зајакнување на младинскиот дијалог за промоција на демократските процеси во духот на евро-атлантските интеграции".

На барање на претставниците на медиумите, премиерот Заев по конференцијата одговори на повеќе прашања од актуелен интерес на граѓаните.

 

Медиуми: Што се презема за рудникот Казандол? Има најава дека таму ќе започне минирање.

Премиерот Заев: Започнати се сите постапки. Јас уште еднаш ве уверувам дека секој правно-формален аспект ќе го искористиме за да останеме на нашето ветување дадено пред граѓаните. Ќе направиме сè.

Медиуми: Тоа значи дека ќе се спречи градењето?

Премиерот Заев: Нашата намера е да ја спречиме изградбата на рудниците. Сè што постои, како правно-формални опции. Гледам дека има пропусти. Правните тимови работат. Ќе ги разгледаат сите овие резултати како заклучоци и ќе постапиме.

 

Медиуми: Кога ќе имаме министер за здравство?

Премиерот Заев: Штом ќе ја донесеме одлуката и за министерот за здравство и за министерот без ресор за странски инвестиции, замениците, веднаш ќе соопштиме јавно.

Медиуми: Дали ова значи дека сe уште нема одлука господине Заев? Вашиот одговор упатува на такво нешто. Дека ќе продолжите со разговори.

Премиерот Заев: Не. Еве ќе ви дадам дел од информациите. Знаете дека има испразнети пратенички места, кои што треба да бидат пополнети, знаете дека ДИК е во оставка, треба да продолжи да работи додека собранието не ги констатира оставките.Сите овие работи треба да бидат исполнети за да можеме да ги комплетираме правно-формално процедурите, вклучително и за комплетирање на владата.

Медиуми: Како ќе ја вклучите опозицијата? Опозицијата треба да има членови во ДИК. Тие не доаѓаат во парламентот, а искрено не верувам дека би се вклучиле во овој момент во разговори за такво нешто.

Премиерот Заев: Отворена е дебатата, и верувам дека секогаш постои можност секогаш низ дијалог да се најде решение. Јас сум непоправлив оптимист, верувам дека низ разговор се наоѓа решение за сè.

Категорија: