Ставрески: И покрај кризата пензиите нема да се намалат и навреме ќе се исплаќаат

Пензионерите можат да бидат сигурни дека пензиите во Република Македонија и понатаму ќе ги добиваат навреме и нема да бидат намалени.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во одговор на прашање по доделувањето решенија во рамки на проектот Е-регистрација во Централен регистар на Република Македонија.

- За разлика од тоа што се случува во другите земји, ние ќе настојуваме тогаш кога кризата ќе се смири, а тоа очекуваме да се случи до крајот на 2012 година, да донесеме одлуки за етапно зголемување на пензиите, онака како што е ветено во Програмата на Владата, рече Ставрески.

Во врска со бројот на блокирани сметки на фирмите во Македонија истакна дека наскоро ќе се донесе системско решение со кое ќе се направи класификација со која ќе се елиминираат фирмите кои со години стојат неактивни и не поднесуваат извештаи иако се должни според законот.

- Голем дел од фирмите кои  се со блокирани сметки практично се и неактивни. Ќе се спроведат мерки во однос на фирмите кои со години стојат неактивни и немаат вработени, дури некои и не поднесуваат редовни извештаи. Ќе ги поделиме фирмите дали се активни или не и дали поднесуваат извештаи. Ќе бидат принудени според законот да поднесат извештаи, а доколку не го направат тоа ќе бидати збришани од регистерот, рече Ставрески. 

Доколку  некој сака да има неактивна фирма, но истовремено ги запазува законските  обврски за поднесување на извештаи ќе може да го направи тоа, можеби со известен надомест, додаде вицепремиерот.