Премиерот Заев: Мораме да дејствуваме одлучно и со нула толеранција кон корупцијата

По повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, Претседателот на Владата на Република Македонија имаше видео обраќање до граѓаните и истакна:

„Корупцијата е корозија на секое општество и закана за иднината и за квалитетот на живот на сите граѓани. Коруптивното делување е сериозна закана за економскиот и за севкупниот развој на нашата Македонија.

Почитувани граѓани,

нашата Влада и јас како премиер, но и сите претставници на локалната власт, како и претставниците од граѓанскиот сектор и од приватниот сектор, имаме одговорност да се справиме со сериозните предизвици што корупцијата ги поставува пред нас.

Корупцијата е закана за воспоставување на владеење на правото, а ние презедовме обврска дека во Македонија ќе владее правото.

Затоа, мораме да дејствуваме одлучно и со нула толеранција кон корупцијата. Ве охрабрувам и вас, активно да се вклучите во oваа заедничка борба, преку пријавување на корупцијата и без страв од последици. Со ова јасно укажувам дека никој нема да биде изземен од одговорност.

Само така, заедно и пркосно, ќе креираме успешни политики, и ќе поставиме темели за постабилна, економска и правична иднина за сите граѓани на Република Македонија. Од успехот на борбата против корупцијата, зависи успехот на нашата држава.

Почитувани сограѓани,

со вашиот глас ја добивме најодговорната функција, да раководиме со оваа држава. Реформата е во тек и се интензивира. Промените во Република Македонија значат заложби за професионални институции и обезбедување права и слободи на секој човек. Со промените градиме едно и единствено општество во кое нема место за корупција.

Нека ни е честит Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

Да живее слободна, демократска Република Македонија!“

Категорија: