Министерот Кралев ќе има излагање на Светскиот образовен форум во Лондон

Министерот Панче Кралев, кој од вчера учествува на Светскиот образовен форум во Лондон, денеска ќе има излагање на тема „Со фокус на високото образование и доживотно учење: Како технологијата го поддржува образованието како систем на учење во кој истражувањето, развојот и размената на идеи прават систем за подобрување на образованието?“ Покрај излагањето на самитот, Кралев денеска ќе има и повеќе билатерални средби.

Вчера тој имал средба со британскиот национален министер за училишта Ник Гиб, на која биле разменети искуства за образовните училишни системи во двете држави. - Министерот Гиб изрази интерес за реформите во образованието во Република Македонија и ги сподели нивните искуства во поглед на интегрираното образование и посебно нивниот систем за екстерно тестирање на ученици. На средбата станало збор и за интензивирање на соработката помеѓу двете држави, со акцент на високото образование, соопшти МОН.

Министерот Кралев се сретнал и со својот летонски колега Ричардс Килис и ја истакнале потребата за интензивирана соработка во образованието. Размениле искуства од различни области на образованието и разговарале за начините за продлабочување соработката во науката. Кралев во Лондон имал средба и со Тодор Милев, генерален претставник на генералната канцеларија на Мајкрософт за северноисточна Европа, со седиште во Минхен. Разговарале за можностите со конкретни проекти да се подобри и дигитализира образовниот процес во Македонија. За време на формалниот прием кој се одржал во Ланкестер Хаус, министерот Кралев и амбасадорот на Република Македонија во Обединетото Кралство Марија Ефремова имале кратка средба со министерот за надворешни работи на Велика Британија Вилијам Хеиг, кој заедно со принцот Едвард бил домаќин на формалниот прием по повод Светскиот образовен форум.