Доставени 16 мини автобуси од Јутонг за јавниот градски превоз во Скопје

Кинески „Јутонг“ ги достави сите 16 миниавтобуси наменети за јавниот градски превоз во Скопје. Во тек  е постапка за нивна хомологација, по што ќе бидат пуштени во употреба во јавниот превоз, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Започната е и испораката на 68 новопроизведени двокатни автобуси кои ќе се користат во јавниот градски превоз во Скопје.

- Автобусите се испорачани од фабриката и во текот на денешниот ден се товарат на пристаништето во Шангај. Се очекува кон средината на февруари да пристигнат на пристаништето во Пиреа и во март да бидат доставени во Република Македонија, што е неколку месеци порано отколку очекуваната испорака согласно договорот, велат од Министерството за транспорт и врски.

Двокатните автобуси се уникатни и се дизајнирани во ретро стил како автобусите што се користеле за градски сообраќај во Скопје во педесеттите и шеесетите години од минатиот век. Автобусите од кои 68 веќе се возат во Скопје не се во сериско производство и нема да се возат на друга локација. Тие ги исполнуваат сите потребни стандарди, односно имаат емисија на издувни гасови „ЕУРО 4“, дигитален тахограф, автоматски управувана рампа за инвалидски и детски колички, целосно се климатизирани. Покрај 68. двокатни во Македонија досега пристигнаа и 80 нископодни автобуси од украинско производство, кои сe пуштени во сообраќај. До крајот на 2013 година треба да бидат испорачани преостанатите 66 двокатни автобуси.

- Набавката на 202 двокатни автобуси, петнаесет отворени двокатни автобуси, како и 80 нископодни автобуси и 16 минибуси, претставува реализација на проектот за обновување на возниот парк на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, со што за граѓаните на Скопје ќе се обезбеди  удобен, безбеден и модернизиран јавен градски превоз. Потребата за обнова на возниот парк е произлезена од фактот што скопјани со децении наназад, се возат во застарени автобуси со лоши услови за чие подобрување во минатото не се водело грижа.