Заев: Трите цели кои ги споделуваме и за кои имаме поддршка од ЕУ се квалитетно и применливо образование, еднакви можности и широк спектар на можности за вработување

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествуваше на завршниот настан од кампањата на Европската Унија, „EU FOR YOU, кампања за развој на човечки ресурси“.

Пред ЕУ Амбасадорот, Самуел Жбогар и министрите за финансии и за труд и социјална политика, Драган Тевдовски и Мила Царовска, како и пред останатите присутни, Премиерот Заев истакна:

„Мене ми е посебно драго што од мојот факултет, од факултетот каде што јас го завршив високото образование, денеска ќе можам да учествувам на еден ваков прекрасен настан, зборувајќи за развојот на човечките ресурси. И една порака прво до студентите – уживајте додека студирате. Оти ова се најубавите денови од животот. А верувајте дека од овој факултет се станува и министер за финансии и Премиер. Така да мотивирам поголема надеж и посветеност во образовниот процес.

Но пред се, се надевам дека ќе станете идни менаџери, бизнисмени кои што ќе бидете кормилото на водилката на идниот раст и развој на нашата Република Македонија.

Денеска ме прави посебно среќен и радосен кога учествувам на вакви настани и кога сум поканет да бидам дел од успешни приказни и од успешни проекти.
Особено кога тие проекти ангажирале голем број граѓани, стручни лица, волонтери. И кога тие проекти направиле среќни, радосни, и им го вратиле ентузијазмот и вербата во пружените можности на повеќе од 10 илјади наши сограѓани. Бројката е дури до 13 илјади наши сограѓани.

Тоа се наши сограѓани кои стекнале знаења и вештини, и најважно од сѐ: благодарение на стекнатите обуки, до обуки и други квалификации – обезбедиле работни места.

За себе. За своето семејство. За заедницата, во која сега и тие придонесуваат и ги пренесуваат сопствените искуства стекнати од овој проект.
Зборуваме за проектот „Развој на човечките ресурси со фокус на вработувањето, образованието и социјалната инклузија“. Еден од проектите на широката и сеопфатна кампања „EU FOR YOU“ на Делегацијата на Европската Комисија во Република Македонија, финансиски поддржана од пред пристапните фондови на Европската Унија - ИПА 1.

Многу е важно да го свртиме вниманието на целните групи кон кои беше насочен овoj успешен проект: Човечките ресурси и човечкиот потенцијал, како најзначаен капитал на било кое општество, па така и на нашето.

Вложувањето во можностите за вклучување и за еднаков пристап на сите луѓе кон пазарот на трудот, е долгорочна, но најисплатлива инвестиција за едно општество.

Ова е момент, кога сакам посебно да искажам само едно искрено благодарам на нашите пријатели, на нашите партнери од Европската Унија.

Ги препознаа суштинските потреби на нашето општество и поддржаа финансиски, и со други ресурси, една толку благородна идеја: Отворија можности неколку илјади наши граѓани да се дообразуваат, да се доквалификуваат, да бидат оспособени да добијат еднаква шанса на пазарот на трудот во Република Македонија.

Велам еднакви шанси, бидејќи сакам да издвојам посебно една од трите, еднакво важни компоненти на овој проект: Компонентата за социјална вклученост на нашите сограѓани со попречености и со посебни, јас би рекол, таленти и надарености.

Една третина од вкупните финансиски средства искористени за реализација на овој проект, околу 12 милиони евра, беа издвоени за проектните активности за овие наши сограѓани, како и за намалување на разликите во вработувањето и наградувањето на жените.

Со придобивките од другите две линии на овој проект, преку образование и дообразование, како и преку програмите спроведени преку Агенцијата за вработување, неколку илјади наши сограѓани се стекнаа со конкурентни вештини и знаења. Така станаа рамноправни учесници во натпреварот за работни места и во социјалниот дијалог за еднакви можности за сите.

„Никој нема да биде запоставен“, е една од целите на глобалната кампања за одржлив развој на Обединетите нации. Овие цели Владата на Република Македонија, целосно ги прифати и ги афирмира. Ги спомнувам бидејќи се совпаѓаат со благородната цел на проектот „Развој на човечките ресурси со фокус на вработувањето, образованието и социјалната инклузија“, како дел од кампањата „EU FOR YOU“ на Делегацијата на Европската Комисија во Република Македонија, и со социјалната и економската програма на Владата на Република Македонија.

Во Програмата за економски раст, во комбинација со програмите за активни мерки за вработување, посебна грижа им е посветена на социјалните групи изложени на ризици и на родовата еднаквост. Мерки што обезбедуваат еднакви можности за сите граѓани.

Позитивните искуства од овој проект докажуваат дека во размислувањата за идната професионална кариера на младите луѓе треба да им се помогне на еден организиран, систематски и стручен начин, уште за време на средното образование. Неопходно е да се сретнат амбициите и знаењата на младите луѓе, со барањата на пазарот на трудот и на потребите на бизнисот.

Почитувани,

Дозволете ми во завршницата на ова мое обраќање, уште еднаш да се заблагодарам за поканата да бидам дел од завршните активности на кампањата за вредносните придобивки од ИПА-фондовите инвестирани во нашата земја во делот за вработување, образованието и социјалната инклузивност.
Им упатувам честитки на сите што учествуваа во успехот на овој значаен и доста успешен проект.

Завршувам со истакнувањето дека постојат три важни сегменти како предуслови за подобар живот на сите граѓани во едно општество: Квалитетно и применливо образование, еднакви можности, и широк спектар на можности за вработување.

Тоа се цели на Владата на Република Македонија. Тоа се целите што ги споделуваме и со Европската Унија, бидејќи се цели што го овозможуваат социо - економскиот раст на земјата“.

Категорија: 
Галерија со слики: