Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, оствари средба со в.д. Заменичката асистент секретар за одбрана на САД Лаура Купер

На средбата, премиерот Заев ѝ посака добредојде на в.д. Заменичката асистент секретар за одбрана на Соединетите американски држави Лаура Купер, која во текот на денот ќе учествува и на Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба (А5 група), која денеска се одржува во Охрид.

На средбата беше истакнато дека САД, како стратешки сојузник на нашата држава, секогаш ја поддржуваше Република Македонија од нејзиното осамостојување до денес, и особено во периодот на последната длабока политичка криза.

Република Македонија останува и понатаму посветена на градењето на партнерство со САД, врз основа на споделувањето на заедничките вредности како што се демократијата, функционалните институции, владеењето на правото, пазарната економија и кохезијата на различностите на македонското општество.

Република Македонија и САД ги делат истите вредности и во однос на регионалната соработка на безбедносен и на секој друг план. Тоа беше потврдено и во текот на оваа година, кога Република Македонија претседава со иницијативата Јадранска Повелба (А5), како и за време на самитот на земјите членки на А5 групата во Подгорица, на кој учествуваше и Потпретседателот на САД Мајк Пенс.

Заменичката асистент секретар за одбрана на Соединетите американски држави Лаура Купер на оваа средба се заблагодари за учеството на АРМ во мировните мисии, како што е „Одлучна поддршка“ во Авганистан, додека премиерот Заев истакна дека Република Македонија останува сојузник во овие мировни иницијативи, за кои се планира зголемено учество.

Република Македонија и САД во изминатиот период имаат развиена меѓусебно сеопфатна соработка. Над 7000 припадници на АРМ учествувале во над 800 заеднички настани како заеднички обуки, мисии, додека повеќе од 900 припадници на АРМ поминале различни образовани воени програми на институции на Секретаријатот за одбрана на САД.

Двајцата соговорници изразија позитивни очекувања од состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба и се согласија дека со неа отвораат нови и важни можности за идната регионална соработка во мировните операции во кои се очекува поголема инклузивност од аспект на родовата припадност имајќи го предвид мотото под кое се одржува овој состанок - „Интеграцијата е целта, соработката е начинот“.

На средбата се истакна дека соработката на планот на одбраната и безбедноста меѓу САД и Република Македонија е силен сигнал за подготвеноста на Република Македонија да биде прифатена како полноправна членка на НАТО, која САД силно ја поддржува.

Владата на Република Македонија, истакна премиерот Заев на средбата со в.д Заменичката асистент секретар за одбрана на Соединетите американски држави Лаура Купер, искрено се надева дека идната година ќе се активира отворената покана за членство во НАТО и дека Република Македонија ќе биде 30-тата членка на алијансата.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и в.д Заменичката асистент секретар за одбрана на Соединетите американски држави Лаура Купер разговараа и за тоа дека поканата за членство во НАТО ќе биде сериозен исчекор и за стабилизирање на политичката и безбедносната ситуација ситуација, во земјата, и во регионот.