Средба на премиерот Заев со високи претставници на Дојче Телеком: Владата воспостави стабилна инвестициска клима за побрз развој на сервисите и апликациите во телекомуникациите за олеснување на животот на граѓаните

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска ги прими Шрини Гопалан, член на Управниот одбор на Дојче Телеком за Европа и главниот извршен директор на Македонски Телеком Андреас Елснер.

На состанокот присуствуваа и Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, и владиниот претставник во Собранието на акционери на Македонски Телеком – АД Скопје и Горан Трајановски, член на Одборот на директори и кандидат на Владата на РМ за главен оперативен директор на Друштвото.

Премиерот Заев информираше дека Владата на Република Македонија интензивно работи на воспоставување на стабилна бизнис инвестициона клима којашто ќе ја гарантира сигурноста и стабилноста на странските инвестиции.

„На нашата земја и е потребен пораст на домашниот бруто производ поголем од пет проценти и тоа можеме да го постигнеме само со охрабрување на компаниите да инвестираат и да отвораат нови работни места, за да се подобри животот на граѓаните во секој сегмент“, рече премиерот Заев оценувајќи дека Дојче Телеком е многу важен инвеститор во Република Македонија, со кого треба искрено да се соработува и да се гради професионален однос.

На средбата, претставниците на обете страни посочија дека соработката во областа на телекомуникациите во иднина ќе се интензивира и дека во земјата се чувствуваат услови и подобрена бизнис клима како важен предуслов за ваков тип на соработка.

Состанокот беше искористен и за разговори во врска со идните перспективи за дигитализација на Република Македонија, е-Влада, е-здравство, е-администрација и воведувањето на апликации и активности во проекти како „паметни градови“ ,,паметно осветлување“, ,,паметно паркирање“, и во проекти штого олеснуваат животот на граѓаните за побрзо доаѓање до документи, известувања и друго.

На крајот беше заклучено дека Македонија располага со значајни технички и човечки капацитети и постојат услови за воведување на најновите телекомуникациски трендови и остварување на современите потреби на граѓаните.