Средба на премиерот Заев со високи претставници на Европската Инвестициска Банка: Поддршка за развој на малите и средни претпријатија и за заштита на животната средина

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Матео Ривелини, шеф на одделот за проекти на Европската Инвестициска Банка во Словенија, Хрватска и Западен Балкан и Дубравка Негре, шеф на регионалната канцеларија за Западен Балкан на ЕИБ.

На средбата се поздравени храбрите развојни политики на премиерот Зоран Заев и на Владата што водат кон економска стабилизација на државата и напредок.

Во таа насока, разговарано е за продлабочување на соработката со Европската Инвестициска Банка, освен во инфраструктурата и во подиректно зајакнување на капацитетите на малите и средни претпријатија во Македонија, како и во делот на заштитата на животната средина, пречистителни станици за вода и станици за третман на отпад.

„Владата на Република Македонија е силно фокусирана да обезбеди здрава и чиста животна средина за граѓаните на Македонија. На државата и се потребни капитални инвестиции што можат значително да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните. Исто така, определени сме да ги развиваме домашните мали и средни претпријатија и кон поддршка на домашните и странските инвестиции. Соработката со ЕИБ е од големо значење во реализацијата на овие програмски определби на Владата и затоа во име на граѓаните на Македонија и на Владата изразувам голема благодарност за долгогодишната помош и поддршка што ја дава ЕИБ на нашата држава и за можноста да ја интензивираме за доброто на граѓаните на Република Македонија“, рече премиерот Заев.

На состанокот е нагласено дека стратешка определба на Република Македонија се ЕУ и НАТО и дека реформите што ги прави Владата со инклузивниот процес во општеството и со отворањето можности за економски развој, ги отвораат вратите на тој пат.

 

 

 

Категорија: