Брифинг со новинарите во Владата на РМ: Односи со јавноста заради транспарентност, а не заради пропаганда

Во рамките на редовниот брифинг со претставниците на медиумите, денеска во Медиа центарот во Владата на Република Македонија, присутните новинари беа детално запознаени со работата на Сервисот за комуникации, отчетност и транспарентност, кој изминатите денови предизвика одредено внимание во јавноста.

Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност и Миле Бошњаковски, портпарол на Владата на Република Македонија, ги запознаа претставниците на медиумите со реалноста дека новата влада, практично се соочи со непостоечки систем за односи со јавност, и дека беше затекната состојба во која не постоеше утврден систем за транспарентно сервисирање на јавноста со информации од интерес на граѓаните.

Следствено на таа состојба, јадрото на тимот што беше задолжено да го креира системот за комуникации, отчетност и транспарентност, започна од гради процедури, да создава пракса, и со реализацијата на секојдневните обврски за комуникација на активностите на владата и на другите министерства, да развива стандардизирани оперативни протоколи за професионален комуникациски сервис.

Единствена цел на овој процес беше да се отворат и да се доближат институциите до јавноста, да се слушнат и разберат мислењата и ставовите на граѓаните и заедниците, како и на медиумите.

За разлика од претходната пракса на нестандардизирано и пропагандно комуникациско дејствување, намерата плус на новиот сервис за комуникации, отчетност и транспарентност, е да се создаваат документи, процедури, протоколи и правилници за водење на демократски комуникациски сервис. Да се создаде систем со капацитет да продолжи да спроведува транспаретност и отчетност кон граѓаните, без разлика на политичките промени.

На брифингот со новинарите на оваа тема, Забрчанец и Бошњаковски нагласија дека стратегијата и праксата на овој сектор е еднакво да се однесува кон сите медиуми, да биде отворен и отчетен кон секого, и да нуди точни, темелни одговори на новинарите во најбрз можен рок. Сервисот за комуникации, отчетност и транспарентност обезбедува сервис за јавна комуникација со граѓаните секој ден во неделата, во секое време од денот, беше нагласено на брифингот.

Вредностите што ги застапува и практикува овој систем се дека во комуникацијата за работата на Владата на РМ, како и на министерствата, нема пропаганда, нема лаги, нема притисок врз медиуми, нема фаворизирање, нема газење врз достоинството на медиумските работници, нема гушење слобода на говор, нема уредување вести од страна на владата.

На овој брифинг со претставниците на медиумите, Забрчанец и Бошњаковски потсетија дека во концептот за информирање на јавноста за работата на оваа владина гарнитура, нема трошење милиони евра граѓански пари за владини реклами, нема прескапи странски консултанти, нема прескапи странски ПР агенции.

Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност и Миле Бошњаковски, портпаролот на Владата на Република Македонија презентираа информации од кои се гледа дека, на пример, во 2014 година владата потрошила 7.5 милиони евра за односи со јавност и за пропаганда, во 2015 потрошила 5.5 милиони евра, во 2016 1.1 милиони евра, а буџетот за 2017 изнесува 530.000 илјади евра.

Тоа е 14 пати помалку во споредба со 2014 или 10 пати помалку во споредба со 2015 година, беше нагласено на брифингот со новинарите.

Во однос на бројот на вработени – во 2015 и 2016 година за ПР и пропаганда биле платени и ангажирани 100 лица на ниво на Влада и министерства, а дополнително, биле ангажирани и надворешни скапи странски конуслтанти и ПР агенции.

За разлика од овие бројки, во 2017 година, вкупната и реална бројка на лица кои работат ПР за Владата, за премиерот, за 15 министерства, за 5 вицепремиери и за 7 министри без ресор изнесува 46. Нема надворешни консултанти, нема надворешни агенции.Постојат и 57 вработени кои извршуваат придружни функции како превод, протокол, анализа, логистика, фото и видео, организација на настани, за потребите на различните сектори во владата и министерствата, a не само за односите со јавност.

Сервисот за комуникации, отчетност и транпсарентност се обидува да интегрира и дел од наследените вработени кои, можеби против своја волја, учествувале во пропагандата и манипулацијата која претходната власт ја вршеше врз граѓаните. Во тек е оценување, со цел да се проценат нивните вештини и капацитети, врз основа на кое ќе биде донесена одлука за нивно ангажирање.

На брифингот со новинарите беше информирано дека бројот на новоангажирани лица за односи со јавност во Владата и во сите министерства и агенции заедно изнесува 39 лица. Овие лица се ангажирани врз основа на нивното образование, искуство и вештини за кои е констатирно дека се во сообразност со критериумите за екипирање на професионален комуникациски сервис, за да се доближат институциите до јавноста, низ сите модерни канали за комуникација.


Системот за комуникации на владата сега чини сериозно помалку заради тоа што Владата се откажа од трошење пари за пропаганда и за контрола на медиуми. Целокупниот делокруг на работа се спроведува со внатрешни капацитети, без да се трошат дополнителни пари за надворешни ресурси.

На средбата со новинарите во Медиа центарот на Владата на Република Македонија, беше посебно нагласено дека односите со јавност на владата се во функција на прогресивна транспарентност, а не во функција на пропаганда и манипулација. Тоа е така, и ќе остане заложба на Секторот за комуникации, отчетност и транпсарентност, за разлика од претходните воспоставени пракси и навики на водење институции преку политика и пропаганда.

Во име на таквата стратегија за прогресивна транспарентност и отчетност, сведочат и другите постапки и преземени иницијативи на Владата на РМ како што се:


 Декласификацијата на сериозни документи и договори.
 Јавно се објавуваат дневните редови и записници од владините седници.
 Министерствата самостојно, на своите веб страни, објавуваат пакети информации и документи за својата работа од интерес на граѓаните.
 Владата воведе редовен неделен брифинг за медиумите. Наскоро ќе им и втор.
 Министрите гостуваат на дебати.
 Премиерот постојано одговара на новинарски прашања.
 Достапни сме за сите новинари, преку сите канали за комуникација.
 Создаваме атмосфера на медиумска слобода – заедно со асоцијациите на новинарите и медиумите и останатите граѓански организации транспарентно и јавно дебатираме за измените во Законот за аудио и аудиовизелни услуги во полза на јавниот интерес.
 Се подготвуваат измени кои ќе донесат професионализација и независен избор на раководни органи во Јавниот радиодифузер и во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги.

Низ овој интензивен процес на градење професионален комуникациски сервис, вработените и ангажираните лица во секторот ги опсервираат и ги прифаќаат критиките, како прифатен принцип дека тоа ги прави подобри комуникациските услуги за граѓаните и медиумите.

Во завршницата на брифингот со новинарите Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност и комуникации и раководител на Секторот за комуникации, отчетност и транспарентност, и Миле Бошњаковски порпаролот на Владата на Република Македонијаво, упатија благодарност за сите кои на конструктивен начин укажуваат на работата на владата во делот на комуникациите и транспарентноста, и со тоа го помагаат создавањето и функционирањето на еден подемократски јавен дискурс.

 

 

Категорија: