Премиерот Заев: Помошта од Народна Република Кина е од историско значење за инфраструктурната модернизација на земјата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со владината делегација денеска во Будимпешта оствари средба со Премиерот на Народна Република Кина, Ли Кечијанг и владина делегација на Народна Република Кина.

 

„Народна Република Кина е докажан пријател на Македонија, а нашите билатерални односи се исклучително добри и во таа насока очекувам плодна соработка помеѓу нашите две земји во иднина", оцени премиерот Заев.

Во однос на Самитот 16+1 за соработка на земјите од централна и источна Европа со Народна Република Кина на кој учествуваше и Македонија, премиерот Заев посочи дека Македонија е подготвена со повеќе конкретни проекти да аплицира за поволните кинески кредитни линии. Премиерот Заев истакна дека многу е важна поддршката на Народна Република Кина за воспоставување на поинтензивна економска соработка меѓу двете земји.

На средбата двајцата премиери ги разгледаа проектите од регионално значење за Коридорот 10 и се согласија за негова имплементација и реализација во најбрз рок.

Исто така се разговараше и за ново железничко поврзување по должина на Коридорот 8. Кинескиот премиер истакна дека со реализација на Коридорот 8 и Коридорот 10 Македонија ќе стане транспортен јазол во регионот, за што посочи дека инвестициите во инфраструктурата се инвестиции во иднината на Македонија.

Премиерот Заев истакна дека Република Македонија ќе ја зајакне соработката со врвни кинески компании од областа на информатичките технологии. Тој истакна дека во рамки на самитот 16+1 на средбите со претставници на компаниите ЗТЕ и Хуавеи се споделија идеи и планови за нови иновативни смарт решенија за кои постои согласност дека може да се имплементираат во нов концепт на смарт држава.

„Овa е историски момент за Република Македонија. Помошта од Народна Република Кина е значајна за инфраструктурна модернизација на земјата", оцени премиерот Заев.

Премиерот на Народна Република Кина, Ли Кечијанг порача дека во пресрет на 25 годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји, следната година, очекува интензивирање и унапредување на соработката меѓу двете земји и посочи дека Народна Република Кина ја има признаено Република Македонија под уставното име и дека во билатералната соработка го почитува тоа.

Потенцирајќи ги добрите билатерални односи меѓу двете земји премиерот Заев додаде дека Македонија ја поддржува т.н. политика на една Кина.

 

 

Категорија: