Владата на Република Македонија утре ќе ја одржи својата редовна, 40-та седница

Владата на Република Македонија утре ќе ја одржи својата редовна, 40-та седница, со повеќе точки на дневниот ред од интерес на граѓаните на Република Македонија.

На оваа седница на предлог на Министерството за финансии, владата ќе ја разгледа Националната стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризам.

Агенцијата за катастар на недвижности, на оваа седница на владата ќе поднесе предлог Тарифник за изменување и дополнување на Тарифникот за висина на надоместокот за користење и увид на податоците од Геодетско-катастарскиот информационен систем, како и на други услуги на агенцијата.

Министрите во Владата на РМ денеска ќе ја разгледаат и информација за преземените активности за склучување на меѓувладин договор за имплементација на FATCA режимот во Република Македонија и за позициите на САД во однос на потребата од склучување на договор со Република Македонија за усогласување на даноците по странски сметки (Foreign Account Tax Compliance Act -FATCA), кој има за цел да го спречи затајувањето на данокот од страна на американските даночни обврзници кои имаат сметки во странство.

На оваа 40-та седница, на владата ќе биде разгледана и информација во врска со активностите кои ги превзема Република Македонија кон Бернската Конвенција.

Министерството за правда на утрешната седница ќе го презентира најновиот текст на Предлог-законот за амнестија по јавната расправа по предлогот, додека Министерството за информатичко општество и администрација ќе предложи измени и дополнувања на повеќе закони кои произлегуваат од измените и дополнувањата на Законот за јавна администрација.

Министерството за информатичко општество и администрација за точка на дневен ред ја предожи и информацијата за потпишување Меморандум за соработка со Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за реализација на проект за модернизација и трансформација на јавната администрација

На утрешната седница на владата ќе го разгледа и Предлог-закон за ратификација на Договорот за основање на транспортна заедница, како и Предлог-законот за ратификација на Протоколот за изменување на Договорот од 13 јули 2006 година меѓу Македонската Влада и Владата на Сојузна Република Германија за одбегнување на двојното оданочување во однос на даноци на доход и на имот.

Владата на РМ на утрешната седница ќе го разгледа и извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за преземање на лица со незаконски престој и Протокол за спроведување на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за преземање на лица со незаконски престој.

На предлог на Министерството за образование и наука, на утрешната седница на владата ќе биде разгледана и информацијата за резултатите што ги постигнале учениците од Македонија во меѓународните програми за оценување (PISA и TIMSS) и реформите што произлегуваат од постигнатите резултати, како и информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот „Намалување на партиципацијата за 50% на студентите од самохрани и еднородителски семејства“.

Категорија: