Заев: Транспарентноста е важна, одговорни сме пред граѓаните

Одговори на новинарски прашања на премиерот Зоран Заев

 

Медиуми: Господине Заев може ли еден ваш коментар за препораките од Брисел во однос на превработувањето во Владата. Ви рекоа малку да се намали во однос на Владината ПР служба. Ваш личен коментар за тие предупредувања.

Зоран Заев: Значи еве вака. Систематизацијата која што е голема, е 30% пополнета со нормалните неопходни функции за функционирање на ПР службата. Секако не се точни гласините, не дај Боже 120 луѓе, тоа што се шпекулира во јавноста. Веројатно и од 39-те кои што се ангажирани ќе останат многу помалку, заради тоа што ова е и ресурсен центар и за самите министри, заменици министри, директори на јавните институции. Јас сум убеден дека навистина водиме сметка за домаќинско работење. Гледаме со минимум ресурси да го испорачаме пред граѓаните сето она што треба. Но никој пат нема да заборавиме – транспарентноста е важна работа. Џабе е сѐ што работиме, ако граѓаните за тоа не знаат. Ако граѓаните и вие медиумите не нѐ контролирате, може секој да забега и на крајот да ни се повторат работи од минатото, за кои што ниту ние, ниту граѓаните ги очекуваат да се случат. Во тој дел, апсолутно, еве вака отворено по пат на дебата разговараме за сите работи, спремни секогаш да се корегираме, но верувајте дека е тоа минимум на ресурси кои што ни требаат заради асистирање, за да сето тоа што е општествена одговорност и владина одговорност пред граѓаните, допре до граѓаните. Тоа се луѓе кои што асистираат буквално заради транспарентноста на работењето на Владата и владините служби.

Медиуми: Само што овој пат нели предупредувањата стигнаа од Брисел во однос на исполнување на тој План 3-6-9, дека треба да се намали или да се внимава на Секторот за односи со јавност?

Зоран Заев: Нема проблем, ние сите препораки ги почитуваме. Не само тоа. Со внимателно и должно внимание се однесуваме спрема нив, поради тоа што можеме да успееме со реформите во правосудството, во тајната полиција, не дај Боже овде да кикснеме на вакви препораки. Ќе ги почитуваме сите препораки, апсолутно 100 – процентно од она што стига. Секако објаснувајќи ги сите наши аргументации, зошто е нешто неопходно во дијалог со Европската Унија.

Медиуми: До каде е Владата со реформите во безбедносните служби? Кажавте во тајната полиција Ви се забелешките од Брисел што беа дадени?

Зоран Заев: Па мислам дека сме во многу напредна фаза. Моделот е веќе испорачан, после сите дебати во министерствата, во Владата и во Парламентот. Избран е третиот модел, кој што претставува аутсорсинг на сите институции. Останува тајното следење, директно под контрола на Јавното Обвинителство, далеку од рацете на политичарите. МВР ќе може само со судска наредба да се вклучи во системот, за борба против тероризам, екстремизам и радикализам – она што значи заштита на државата. Сѐшто е поврзано со корупција, криминал, можности за сомневања или слично е апсолутно под строга контрола на Јавното Обвинителство, таков е моделот. А на самиот модел може да се приклучат и Царината, Агенцијата за разузнавање или други институции кои што имаат потреба од ваков вид на асистенција. Она кое што е конечна цел, знаете на ваквиот модел – никогаш повеќе да не се повтори злоупотреба на тајните служби, посебно и тајното следење. Попрецизно кажано дури и тајното прислушкување, кое што беше егземплар или пример како не треба во Република Македонија тоа да се злоупотребува. Затоа во иднината, она што е најважно, граѓаните треба да знаат дека никогаш повеќе никој нема да ги прислушува, да ги уништува нивните човекови права, нивната слобода на комуникација и слободно општење.

Медиуми: Дали е донесена одлука за формирање Државен албански ансамбл и дали ќе има двојазичност во сите институции на целата територија?

Зоран Заев: Апсолутно не. Знаете дека законот е согласно Уставот. Онаму каде што има практична потреба, и Уставот тоа го дозволува, самиот закон и така ќе се реализира. Јас преку законот гледам, навистина отстранување на некои потреби кои што досега биле присутни кај граѓаните, а не биле овозможени - тоа е унапредување на употребата на јазиците во Република Македонија. И секако, како што постојат ансамбли, без да се зголемуваат буџетските средства, само ќе биде дефиниран правно - формално ансамбл за културата на албанските граѓани.

Медиуми: Кој ќе биде нов министер за здравство? Дали ќе го прифатите предлогот на Алијансата на Aлбанците?

Зоран Заев: Сѐ уште немаме одлучено за министерот за здравство. Се работи за многу сериозен ресор. Јас реков дека до крајот на месецот ќе гледаме да ги донесеме одлуките. 10 дена откако се официјално прогласени изборите за завршени, интензивно преговараме. Јас вчера го искористив моментот да разговарам и со Зијадин Села и со Али Ахмети, со нашите коалициони партнери. Денеска повторно имав средба. Секој момент го користам и час поскоро или ден поскоро ќе го избереме и ова министерско место и да го пополниме испразнетото министерско место за странски инвестиции, како и заменик – министерот, кој што стана градоначалник на Чаир.

Медиуми: Што ќе значи персоналниот данок на доход за земјоделците, односно измените кои што ќе се прават? Дали тоа ќе биде дополнително оптеретување на земјоделците?

Зоран Заев: Не, апсолутно не. Мене ми е драго дека сѐ е под будното око на медиумите, на граѓаните. Буквално во државата сѐ што се случува и ќе се случува, треба граѓаните транспарентно да го знаат. Јас верувам дека наредните денови, дали министерот за земјоделство или министерот за финансии, а можеби и јас, ќе ги обзнаниме сите детали од ваквата мерка. Се работи за реформа во делот на наплатата на персоналниот данок на доход за сите граѓани. Ние апсолутно сакаме граѓаните кои што се со вкупен приход до еден милион денари да ги видат своите повластици, заради тоа што тоа се најчесто земјоделци со основна дејност. Живеат од производството на храна. И апсолутно она што досега беше присутно во законските регулативи и можности, земјоделците до 300 илјади денари годишен приход беа ослободени од плаќање на данок. Еве само ќе го најавам, а деталите ќе ги оставам на стручните служби. Во иднина конечната тенденција е граѓаните кои што работат земјоделие со вкупен приход до еден милион денари, да бидат ослободени од овој данок. Односно, ќе добијат даночна пријава, ќе се уплати два посто данокот и ќе им бидат повратени парите веднаш после крајот на годината и пријавувањето на вкупниот годишен приход за самите земјоделци. Тоа ќе значи дополнително некои 4-5 милиони евра пуштање пари назад кон земјоделците, кои што ќе се најдат во севкупната поддршка за нивниот земјоделски развој.

Медиуми: Имате ли индиции дали на Дрисла се гори радио–активен отпад?

Зоран Заев: Верувајте ми, не, ако има такви работи, веднаш ќе интервенираме. Јас знам дека градоначалникот на Скопје ги прави заедно со правните тимови, сите анализи на договорот, правно–формалниот дел на договорот, кој што е должен да ме информира, заради тоа што се работи за странска инвестиција во Република Македонија. Ние досега сме имале само информации повеќе преку медиумите, заради тоа што немавме увид во архивите на Градот Скопје. После таа анализа, ние ќе го соопштиме на граѓаните правно–формалниот дел. Апсолутно не станува збор за никаква радиоактивност или недозволиви, штетни работи, кои што се однесуваат на штета на граѓаните. Апсолутно не.

Медиуми: Дали има одлука за „Фени“, бидејќи од понеделник вработените најавуваат нови протести и блокади заради тоа што не можат доверителите да се договорат и се поизвесно дека фабриката ќе оди под стечај.

Зоран Заев: Не апсолутно. Сите знаат дека ова е контролиран стечај, за рестарт, знаат и вработените, знаат и транспортерите, знаат и потенцијалните нови сопственици, кои што Фала Богу 4 се вкупно. Знаат дека конечната постапка ќе заврши најбрзо можно. Со тоа што, ќе биде избран веројатно оној кој што ќе исплати најголем процент од обврските на „Фени“ и ќе гарантира посериозен прогрес и развој на „Фени“ како компанија. „Фени“ има големи перспективи. Добро е што цената на фероникелот расте на Берзата, знаат и вработените, знаат и граѓаните. Јас само апелирам да не дозволат некој да ги мотивира да се прават несоодветни работи заради тоа што процесот е комплетно контролиран. Јас се надевам дека дополнително „Фени“ ќе има и нови производствени капацитети на финализација на производот од никел, кој што го произведуваат досега. Но секако тоа останува во текот на изборот на сите доверители. Државата е овде да асистира. Ние ги најдовме сите тие инвеститори. Се работи за компанија од Бугарија, се работи за Фонд од Швајцарија, се работи за мултинационална компанија со Франција и се работи за нова, 4-тата е од Британија. Џинови компании се. Навистина „Фени“ е многу значаен за државата. Прво е важен за граѓаните, заради тоа што работат преку 850 луѓе таму. Тоа се фамилии, поврзува вкупно 4 илјади семејства. Извозно е ориентирано. Апсолутно е домашно производство, учествува во Бруто домашниот производ на државата и апсолутно нема да дозволиме буквално ништо да мрдне од колосекот на идните перспективи на „Фени“.

Категорија: