Премиерот Заев на доделувањето на првите договори за мерката „Млад земјоделец“: Овозможуваме земјоделството да биде профитабилна гранка, двигател на економијата

Почитуван министер,
почитуван директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството,
Почитувани вработени во Министерството за земјоделство, шумарство, водостопанство,
Почитувани земјоделци,
Почитувани граѓани,

Особена чест ми претставува што можам да обзнанам дека денеска ќе се потпишат првите договори од вкупно 424 одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за мерката за поддршка на млади земјоделци да започнат сопствен агро-бизнис.

Овие млади луѓе присутни овде покажаа дека македонскиот аграр има на кого да се потпре. Нивната желба и ентузијазам да се занимаваат со, и егзистираат од земјоделско производство, ме охрабрува. Тие се наша потврда дека се стремиме кон стандардите на европскиот аграр каде што е привилегија и модерно да си фармер.

Земјоделството ќе биде една од базичните гранки на кои ќе го темелиме идниот економски раст. Нашата Македонија ги има сите почвени и климатски предности за конкурентно земјоделско производство кои мора да ги искористиме за развој на вкупната економија и држава.

Вие почитувани млади луѓе ќе ја имате клучната улога во остварување на оваа цел. Државата ќе биде тука да ви помага на тој пат и да ги создава потребните услови за стопанисување за да може да напредувате во вашата работа.

Со задоволство можам да кажам дека откако ќе ја завршите инвестицијата, веднаш ќе ви бидат исплатени неповратни 10.000 евра.

Овие финансиски средства се обезбедени од Програмата за рурален развој и оваа година ќе завршат во рацете на 424 млади земјоделци. Секој млад земјоделец кој аплицираше и ги исполни предвидените критериуми ќе си ги добие парите што му следуваат. Со измените што ги донесовме на Програмата за рурален развој воведовме нови критериуми со цел да овозможиме овие пари да завршат таму каде што се најпотребни, во рацете на вистинските земјоделци. Право на учество имаше секој млад земјоделец кој сака да започне сопствен агро-бизнис и кој е запишан во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, не повеќе од 18 месеци. Овие 10.000 евра земјоделците имаат можност да ги инвестираат во нови производствени капацитети и за набавка на нова земјоделска механизација.

Особено е важно што оваа година, прифатени се барањата на огромно мнозинство од младите земјоделци кои аплицираа за оваа мерка.

Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остануваат цврсто определени да го развиваат и помагаат земјоделството како стратешка гранка на која ќе се темели економскиот раст.

За таа цел во предлог Буџетот за 2018 година определивме 8.4 милијарди денари за субвенциите. Субвенциите ќе се исплаќаат навремено и ќе стимулираат унапредување и зголемување на земјоделското производство.
Оваа година вложуваме во развој на руралните средини, а определивме средства и за локален економски развој и развој на општините.

Нашата цел е да овозможиме земјоделството да прерасне во современа и профитабилна гранка којашто ќе нуди можности за напредок и заработка. Преку земјоделска дејност младите луѓе ќе можат да градат и организираат живот дома – таму кај што се родени, во нашите села, во нашите градови, во нашата убава Македонија.

На самиот крај сакам да ви се обратам вам почитувани млади земјоделци:

Горд сум на вас, Ви посакувам среќна, бериќетна и успешна работа!

Очекувам да ги мултиплицирате овие пари, храбро да влегувате во нови и добро осмислени инвестиции, да ги користите помошта и поддршката од државата и заедно да се радуваме на вашиот напредок и вашите успеси!