Агенцијата за филм успеа да ги врати назад кај граѓаните првите 300 илјади евра, стекнати на незаконски начин

Агенцијата за филм на Република Македонија известува дека првите 300 илјади евра државни пари се одземени од хрватската продукција „Јадран филм“ како последица на неисполнувањето на договорот за производство на играната серија „Македонија“.

Имено, согласно правосилното извршно решение, по законски пат, Агенцијата за филм направи поврат на речиси 19 милиони денари, колку што имаше на сметката на „Јадран филм“ во моментот кога беше блокирана. Ова не е целосната сума која државата му ја исплатила на хрватскиот продуцент Винко Грубишиќ- таа изнесува 68 милиони денари или милион и 100 илјади евра со обврска тој до септември годинава да достави готови епизоди од првата сезона. Како ќе се наплати остатокот ќе знаеме по завршување на истрагата на Јавното обвинителство и Финансиската полиција кои ја проверуваат документацијата за целиот период, од објавениот конкурс во декември 2015-та до четврти септември, кога истече рокот за предавање на 14 епизоди од серијалот.

Со ова може да започне да врти бројчаникот на Владата, кој треба да ги брои одземените пари стекнати на незаконски начин. Овој чекор со ефикасно спроведување на законот треба да биде поттик за сите државни институции во одлучната борба против криминалот и корупцијата и со тоа да ја поддржат определбата на Владата дека ќе се конфискуваат имот и пари кои се стекнати со криминално работење.

Инаку, да потсетиме дека хрватската продукција „Јадран филм“ имаше обврска до септември годинава да ни достави готови 14 епизоди од серијалот „Македонија“. Тоа не беше сторено и договорот со нив беше раскинат затоа што во него постои извршна клаузула.

Во недостаток на снимени материјали, односно непостоење на серија, „Јадран филм“ продолжува да манипулира со јавноста пласирајќи кратки видеа снимени во Загреб кои имаат за цел да остават впечаток во јавноста дека нешто се работи. Мојот апел е јавноста да не наседнува на овие трикови кои имаат за цел на целата работа да и дадат политичка заднина, наместо целата работа да се заврши правно.

Договорот беше многу јасен - обврска на „Јадран филм“ беше да достави готови епизоди во септември, а не да објавува трејлери и сцени во неколку секунди во ноември. Дополнително, Грубишиќ изнесува видео материјали во јавноста, а при тоа ни тие снимки ги нема доставено до Агенцијата за филм.

Ние како Агенција за филм, оставена во милионски долгови и со потпишани мегаломански, а неостварливи проекти од претходната власт, немаме пари да плаќаме ПР агенции, како што тоа го прави „Јадран филм“ во Скопје. Сега Грубишиќ е спремен да потроши илјадници евра за маркетинг кампања, да узурпира медиуми кои ќе му објавуваат некакви кратки сцени за да сее магла пред јавноста дека тој работи, ама ние не му даваме да доработи, но заборава на фактот дека не треба сега да снима и да пласира видеја, тој требал согласно договорот, веќе да има готови епизоди.

Истото во моментов на „Јадран филм“ му се случува и во Хрватска. Некои медиуми објавија дека и таму сметката му е блокирана, а пред два дена Хрватската државна телевизија му раскина договор за продукција на играната серија „Гричка Вештица“. Во официјалниот одговор на ХТВ е наведено дека Винко Грубишиќ не ги исполнувал обврските од договорот. Исто така, во Хрватска се водат неколку судски спорови во последните 15 години во кои е вмешана „Јадран филм“.

Затоа „Јадран филм“ треба да одговори на други прашања поврзани пред се, со непочитување на роковите и немањето банкарски изводи за парите- каде се трошеле? А не после непочитување на сите рокови да објавува видеја со измислени сцени, кои имаат намера да дискредитираат.

Воедно ги замолувам медиумите за објективен пристап кон ова прашање со цел да им овозможиме на државните институции да ги вратат парите стекнати на незаконски начин.

Категорија: