Премиерот Заев на свеченоста по повод Денот на албанската азбука: Заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции кои опстојувале заедно со векови

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, вечерва имаше свое обраќање на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука која се одржа во Битола, градот во кој пред 109 години, албанските интелектуалци го стандардизираа албанскиот јазик.

Во своето обраќање премиерот Заев истакна:

Ми претставува посебна чест што сум поканет да бидам дел од оваа свеченост со која се одбележуваат 109 години од албанската азбука. Настан кој е од исклучително значање за Албанците, кога во 1908 година, во Битола, за време на одржувањето на конгресот на албанските интелектуалци, била донесена одлука да се усвои современо и единствено, стандардизирано албанско писмо.

Денот на создавањето на албанската азбука има голема важност за сите Албанци и овој датум се смета за еден од клучните настани во нивната историја. Со унифицирањето и стандардизирањето на азбуката, албанското писмо станува дел од рамноправните, модерно формирани европски писма и дел од разноличното богатство на светското културно наследство.

Овој аспект е уште позначаен имајќи предвид дека со чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноличност, односно богатството на Република Македонија.

Писмото и говорот се во основата на националниот идентитет, а нивните специфичности и особености се вткаени како карактеристични нишки на културната посебност. Но, во исто време, секој говор и писмо, во себе ја кријат и потребата да не бидат изолирани и самодоволни, туку да воспоставуваат комуникација за разбирање, толеранција и соживот со другите.

Прогласување на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо, е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија. Одбележувањето на културните вредности, датуми и традиции на сите етнички заедници, вклучувајки ја и албанската, придонесува за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани.

Градиме едно и единствено, општество еднакво за сите. Градиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво кое се градеше со векови, што претставува обврска за нашата заедничка иднина.

Затоа сме горди, и затоа етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. Затоа велиме: Кога денеска го одбележуваме и славиме Денот на албанската азбука, заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции кои опстојувале заедно со векови.

Во оваа пригода сакам да упатам порака до сите граѓани на Република Македонија дека моделот за иднината започнува со почитувањето на сите заедници.

Тој модел повикува да градиме држава и општество за сите, во кои културите ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат.

Категорија: 
Галерија со слики: