Премиерот Заев на средба со МАТТО: Соработката со Турција е значајна, градиме стабилна бизнис клима, успехот на приватните компании ќе биде и успех за Владата

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев,и советниците за економија, здравство, енергетика и земјоделство, денеска оствари средба со Претседателот на МАТТО, Стопанската комора на Македонија и Турција, Ајдован Адемоски, кој на средбата беше придружуван од високи претставници на раководството на комората.

На средбата беше изразено силно уверување дека соработката помеѓу Република Македонија и Турција во периодот што следува ќе се интензивира, и во таа насока ќе се работи на зголемување на трговската размена помеѓу двете земји, но и на нови инвестиции кои се важни за економскиот раст.

„Успехот во работењето на новата Влада го гледаме преку успехот што ќе го постигнуваат приватните компании и бизнисот. Наша цврста определба е да работиме како ваш сервис, да ги решаваме проблемите, но и да ги отвораме перспективите за нови инвестиции и развој на вашите бизниси. Веруваме дека ако бизнисот оди напред, ќе се отвораат шансите за квалитетен животен стандард на сите граѓани. Владата на Република Македонија посветено работи на градење на стабилна и предвидлива бизнис клима за да можете вие и вашите компании слободно да планирате, да градите стратегии но и храбро да влегувате во нови инвестиции“ - порача премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев, посочи дека постои голем интерес за поволностите и поддршката што Владата на Република Македонија ги обезбедува во планот за економски раст еднакво и за домашните и за странските инвеститори, и во таа смисла ги повика и пристуните претставници на комората, воедно и докажани директори и менаџери на големи компании во Р.Македонија, да влезат во нови инвестиции за кои ќе добијат силна помош и поддршка од државата.

Претставниците на МАТТО Стопанската комора на Македонија - Турција дадоа поддршка на економските политики и изразија очекувања за плодна соработка во иднина.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев уште еднаш ја нагласи важноста од интензивирање на економските релации и соработка со Република Турција и порача дека Владата на Република Македонија посветено ќе работи во тој правец.

 

 

Категорија: