Премиерот Заев и генералниот секретар на ОБСЕ Гремингер: Продолжува заедничката соработка во реализацијата на реформскиот процес важен за иднината на државата

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер. На средбата беше потврдена цврстата определба на Владата на Република Македонија за заштита на човековите права, функционирањето на правната држава и посветеноста на реформскиот процес и поддршката што Владата на Република Македонија ќе продолжи да ја добива од ОБСЕ во реализацијата на реформскиот процес.

По средбата премиерот Заев и генералниот секретар на ОБСЕ, Гремингер одржаа заедничка прес конференција на која што ги потврдија заложбите за понатамошно интензивирање на соработката помеѓу земјата и ОБСЕ во насока на продолжување на демократските процеси за кои се очекува да резултираат со полноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Ја потврдивме цврстата определба на новата Влада на Република Македонија за заштита на човековите права, функционирањето на правната држава и посветеноста на реформскиот процес. Работиме и ќе работиме согласно стандардите на Европската унија и на ОБСЕ во сите важни области за граѓаните и за државата, затоа што ја гледаме иднината на Република Македонија во ЕУ.“ изјави премиерот Заев.

Премиерот Заев изрази почит кон цврстите заложби на оваа меѓународна организација која што континуирано дава поддршка за опстојување на Македонија на демократскиот пат и најави дека соработката во иднина ќе се интензивира како вреднување на пријателските релации со ОБСЕ чии што укажувања и нивното почитување ќе ја придвижат земјата напред.

„Владата, во Програмата за работа и Реформскиот план 3-6-9 ги зема предвид забелешките во извештаите за напредок на Европската комисија. Со предвидените мерки градиме демократски институции, независно судство, објективни медиуми, ја подобруваме социо-економската клима во државата, овозможуваме активно учество на граѓанското општество, на младите, на опозицијата, на сите заинтересирани поединци или групи, низ инклузивен процес да учествуваат во демократската обнова на општеството“ соопшти премиерот.

Премиерот Заев истакна дека со посебно внимание ќе се работи на воспоставување на непристрасен, професионален и ефикасен судски систем согласно препораките на Европската комисија, на Венецијанската комисија на Советот на Европа.

„Се согласуваме со прелиминарната изјава на ОБСЕ / ОДИХР за изборите, што се оценети како демократски и конкурентни, со почитување на човековите права и потребата за цврсти заложби за јасна поделба меѓу државата и политичките партии и обезбедување услови за балансирано медиумско известување, што е меѓу нашите приоритети во работењето како влада“ - порача премиерот Заев.

 

 

Тој посочи дека интензивно се работи на градење на едно општество со што се подобрува имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, на унапредување на добрососедските односи низ пријателски пристап за решавање на сите прашања во интерес на граѓаните и во таа насока премиерот Заев посочи дека се забележуваат први придвижувања, преку Договорот со Бугарија, транспортната заедница, регионалната економска соработка, односите на доверба со Грција. 

„Стратешки цели на Република Македонија се европската и евро-атлантска интеграција и економски развој на државата и посветено работиме во оваа насока. ОБСЕ е наш пријател и партнер на тој пат. Благодарам од име на граѓаните на Република Македонија за тоа почитуван Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ, кој што со вашиот придонес денеска и со вашето лично присуство уште еднаш ја потврдувате соработката помеѓу ОБСЕ и Република Македонија“ - изјави премиерот Заев. 

Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер порача дека две причини се важни за денешната негова посета на Скопје на самиот почеток од неговиот нов мандат како генерален секретар на ОБСЕ, прво да и честита на Владата на Република Македонија, на граѓаните и премиерот Заев за надминување на политичката криза и за насочување на земјата на реформскиот процес и второ да ја потврди поддршката што ОБСЕ и ја дава на Македонија во спроведување на реформите важни за иднината на земјата, но и за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.

„Во моментот кога се реализираат реформите, сметаме дека важно е спроведувањето на долгорочни структурни реформи во области како што се владеењето на правото, медиумски права и слободи, полицијата и реформи во секторот за безбедноста, за кои сметаме дека се клучни“ - посочи генералниот секретар Гремингер.

Генералниот секретар на ОБСЕ Гремингер ги охрабри сите вклучени страни да работат заедно на зајакнување на демократските процеси и на враќање на довербата во државните институции, за кои рече дека треба да бидат транспарентни, отчетни и инклузивни за да се осигура просперитетна иднина за сите граѓани на земјата.

 „ОБСЕ и институциите на нашата организација и нашата мисија во Скопје се овде да ве поддржиме и продолжуваме со партнерскиот однос што го негуваме во соработката со државните институции и поддршката на реформите во клучните области“ - истакна генералниот секретар Гремингер.

На самиот крај од своето обраќање, генералниот секретар Гремингер се заблагодари за силната поддршка што земјата ја пружа на мисијата на ОБСЕ повика да продолжи соработката и да се искористи во целост вредносниот потенцијал на мисијата и порача дека 2017 година е важна како јубилеј на 25 години од работењето на мисијата во земјата.

 

 

Категорија: 
Галерија со слики: