Обраќање на премиерот Зоран Заев за Денот на ромскиот јазик

Почитувани гости и пријатели на овој значаен настан, почитувани министри во Владата на Република Македонија,

Кога одлучивме еден од основните принципи на програмата на владината коалиција да биде Општество еднакво за сите, верувајте ми дека таа одлука не ја донесовме заради тоа што добро звучи политички, заради тоа што го привлекува вниманието на гласачите, или заради тоа што некој тоа ни го наметна.

Не! Го прифативме овој принцип бидејќи силно веруваме во него и затоа што сме подготвени да ги реализираме сите неопходни предуслови нашата земја, Република Македонија, навистина да се функционира и да се препознава како општество еднакво за сите. Суштински, а не само како политичка определба.

Ги создаваме предусловите за да го оствариме тоа: Клучно е почитувањето на сите човекови права и слободи, секаде, секому и во секое време, како и владеењето на правото, и на национално и на меѓународно ниво. За секој член на нашето општеството, без разлика на неговата или нејзината етничка, политичка, верска припадност и без разлика на социјалната положба.

Безбедноста на сите граѓани, без исклучок, е исклучително важно прашање во создавањето на чувство за вклученост и учество во општеството.

Создаваме инклузивно општество во кое сите граѓани можат, и се мотивирани да учествуваат во граѓанските, социјалните, економските и политичките активности. Така граѓаните добиваат можност да учествуваат во процесите на носење одлуки кои влијаат врз нивните животи. Само така се поттикнуваат принципите на учество, на вклученост, инклузивност.

Постоењето на силно граѓанско општество е од фундаментално значење за јавност на политиките и за одговорност на институциите. Тоа ги поттикнува граѓаните да се ангажираат и да комуницираат едни со други, да градат взаемна доверба додека, истовремено, ги почитуваат разликите.

Во општество еднакво за сите, секој поединец или заедница има еднаков пристап до сервисите и услугите на јавната администрација. Истото се однесува и на пристапот до информации, бидејќи инклузивното општество кое е еднакво за сите подразбира добро информирани граѓани.

Како се распределуваат и користат ресурсите, е уште еден од клучните елементи на општествата еднакви за сите, и значително влијае за едно интегрирано општество кое не дискриминира и не запоставува.

Друга димензија на инклузивните општества е толеранцијата и почитувањето и поттикувањето на културната разноличност. Како општество еднакво за сите, во Република Македонија треба да се препознаваат, почитуваат и слават повеќекратни и разновидни идентитети. Кога ја славиме различноста и афирмацијата на разликите, создаваме општество на кое ќе му бидат туѓи дискриминацијата и етикетирањето. Тука морам да напоменам дека одговорното лидерство е модел на однесување.

Клучна улога во овие процеси има образованието за да обезбеди можности за учење на историјата и културата на разноличностите во сопственото и во другите општества. Образованието мора да го негува разбирањето и почитувањето кон другиот, инаквиот, во општеството еднакво за сите.

Конечно, постои потреба и да се креираат позитивни приказни за едно инклузивно општество еднакво за сите и за иднината.

Почитувани,
Ние сите денеска тука сме дел од една таква приказна. Приказна што ја слави различноста како уникат, како богатство на едно општество еднакво за сите.

Повод за оваа наша заедничка и благородна средба е одбележувањето на Меѓународниот ден на ромскиот јазик.
Кога УНЕСКО го прогласи 5 ноември како Светски ден на ромскиот јазик во 2015 година, ни даде причина да ги славиме и чуваме ромскиот јазик и култура, за да ја препознаеме важноста и еднаквоста на сите јазици.

Ромскиот јазик е официјален јазик на сите Роми во светот, збогатен со историски процеси на миграции и широк спектар на влијанија. Влијанијата, колку што биле предност, биле и опасност за егзистенцијата на ромскиот јазик.

Ова е една од причините зошто УНЕСКО повикува на поголема поддршка на ромскиот јазик, вклучувајќи и образование во овој јазик за ромските деца, за кои ова е нивниот мајчин јазик, без разлика во која средина живеат.

Признавањето на важноста на ромскиот јазик, во исто време, треба да биде дел од пошироките напори и акции за спречување на сите форми на дискриминација, како и поддршка на Ромите, на нивните човекови права, и правото на социјална инклузија и развој заедницата.
Кога го одбележуваме Светскиот ден на ромскиот јазик, сите ние застануваме со ромскиот народ и ја славиме културата на Ромите како дел од богатството на целото човештво, а со тоа ја поттикнуваме заштитата на сите јазици и култури низ светот.
Ова е многу важен чекор во однос на консолидацијата и солидарноста со ромските заедници, имајќи го предвид фактот дека тие немаат единствена матична земја. Но, во исто време тие го имаат целиот свет, и му припаѓаат на целиот свет. Тие имаат вредности што несебично ги делат со целиот свет: заеднички традиции, култура и симболика.

Да не заборавиме: Припадниците на ромската заедница од Република Македонија, имаа пресудна и одлучувачка улога во официјализирањето на ромскиот јазик во мапата на јазиците на народите на светот со иницијативата на професорот Јусуф Шаип. Тој го посвети целиот свој живот на стандардизацијата на оригиналниот ромски јазик, и на негово вклучување во образованието.

Република Македонија беше лидер на овие иницијативи кои потоа инспирираа и други држави да поддржат активности за афирмација на ромскиот јазик на институционално рамниште.

Тие иницијативи, тоа наследство, за Република Македонија останува и понатаму мотивација и обврска и понатаму да ги унапредуваме овие придобивки.

 

Категорија: