Премиерот Заев: Буџетот го креиравме врз реални основи за да испорачаме резултати за граѓаните

Ви ги пренесуваме во целост одговорите на премиерот Заев, и на вицепремиерот Анѓушев на сите прашања на новинарите на прес конферецијата за буџетот за 2018 година:

Ако за оваа година во Предлог – буџетот е најавено зголемување на акцизата кај нафтата, за наредната 2019- та почнува прогресивно оданочување кај персоналниот данок. Вчера советникот Бранимир Јовановиќ истакна дека се предвидени промени кај данокот на добивка. Може ли да ни прецизирате какви промени се предвидени? Ако тоа не значи зголемување на данокот на добивка, што ќе значи?

Заев: Тоа ќе значи флексибилност на наплатата на данокот на добивка во функција на мотивација на инвестициите. Ќе дадеме отворени можности и со тој данок бидат дополнително мотивирани инвеститорите да инвестираат. Овде ќе немаме зголемување на данокот на добивка. Реинвестирани добивки, алтернативи, модерни трендови, како модерниот свет располага со корпоративниот данок... Разгледуваме варијанти. Тоа ќе биде транспарентно. Но, да биде јасно, зголемување на данокот на добивка нема.

А попрецизно што би значело тоа кај реинвестираната добивка? Ќе се намалува, ќе ги ограничувате фирмите?

Заев: Не, сакаме да ја отвориме можноста по пат на дебата со коморите, следејќи ги модерните трендови кои се даваат како лепеза на можности, токму таа добивка како сериозен извор за инвестиции, за нови работни места, за учество во Бруто домашниот производ, по пат на дебата да отвориме многу варијабли на нејзината употреба. Но едно е сигурно, нема зголемување на данокот на добивка.

Пред да се донесе Буџетот, имаше големи најави за реформи во правосудството, но ако се гледа од вкупниот колач за расходи, за судството се одвојуваат еден ппроцент од вкупниот Буџет. Дали можеби требаше повеќе средства да се издвојат за поголема независност на судската власт?

Заев: Во резервоарите на Буџетот, и на Јавното обвинителство и на судството, има одредени механизми кои што се оставени, за да се искористат законски моменти и можности на менаџмент на унапредување, на мотивирање, наградувања што ги овозможува законот, и тие пари се предвидени. Ние внимателно ќе ги следиме, буквално сите развојни тенденции во правосудството со конечна цел за негова комплетна независност, пред се мислам на политичка, законска, структурна, но и финансиска. Знаете дека долг период нема ниту вработувања ниту пополнување на работни места. Тој резервоар на пари останат е така. Нека се доекипира и судството и правосудството, по одлуки независни на раководните негови органи. Да ги следиме реформите, ребалансите на буџетите како можност се отворени за идната година. Ако има потреба дополнително за зајакнување, со плус пари за независност на судството, ние остануваме целосно на располагање. Една од трајните и главни определби на Владата е независно правосудство во Република Македонија. 

Од Предлог – буџетот се гледа дека се скратени 650 милиони денари од непродуктивни трошења, што се претпоставувам наследени од претходните буџети. Тоа се отприлика некаде околу 10 милиони евра. Дали само толку вредат непродуктивните трошења што можевте да ги откриете и да ги скратите?

Заев: Таман работа. Јас реков на пример, еве ви една ставка, таа е така поизразита, само во една компонента. Непродуктивните трошоци ги кратиме на секое можно ниво, насекаде. Ќе ви кажам неколку од мерките коишто ќе бидат пракса, се надевам уште на почетокот на декември, а не на почетокот на наредната година.

Дадовме препорака, и синоќа отворивме дискусија, за да конечната подготовка ја направиме. Сакаме од 1 декември, секој договор склучен од било која државна или јавна институција, која што е под надлежност на Владата, а со препораки после и до општините, па и до другите јавни институции. Договор произлезен од јавна набавка ќе се потпише и ќе биде конечен, а ќе може да влезе во реализација само откако ќе се објави јавно на веб страната на секоја институција. Целосно на увид на јавноста. Преку оваа мерка, очекуваме сериозна транспарентност, но пред сѐ и сериозна заштеда на трошењето на парите на граѓаните во државата.

Непродуктивните трошоци ќе видите како се кратени и во делот на она што значи купување на мебел, она што значи планирани процеси за вкупно, квадратура, или не знам  километри на асфалт. Историски. Ако се реализирале 400 километри на рехабилитација на асфалт во некои претходни години и сега, ќе ги видите колку се големи разликите. Тоа го очекуваме да го постигнеме пред сѐ преку транспарентноста, компетитивноста на тендерските постапки и најголемите резервоари на заштеди ги очекуваме токму тука. Она што значи јавни набавки. Кај јавните набавки согледавме дека постои голема можност за корупција. И ќе направиме се, таа корупција да ја намалиме на најниско можно ниво, со тенденција да ја отстраниме комплетно. Борбата против корупцијата е една од трајните определби на Владата и верувам дека преку тоа годишно е можно да се заштедува десетици и десетици милиони евра, пари кои што и те како и требаат на Македонија за секаков вид развојни компоненти за јакнење на стандардот на граѓаните. Да не зборувам за јавните претпријатија, акционерските друштва, агенциите во Република Македонија буквално на секое ниво. И втората мерка која што ја проверува Министерството пред сѐ од етички, но и законодавен аспект, е можноста да секое враќање или повратот на ДДВ до компаниите биде јавно објавено. Освен да не нарушиме некој интегритет или посебност на компаниите, го проверуваме, сакаме секогаш кога се враќа ДДВ тоа да биде јавно достапен податок. Граѓаните да го гледаат онлајн. Со тоа очекуваме да ги подобриме, наплатата на приходите од Данокот на додадена вредност. Тоа не е нешто ново, што ние го измисливме. Современи европски земји го практикувале и се уште го практикуваат и дава тоа одлични резултати во перформансите и капацитетите буџетски на државата.

Дали патот Скопје – Блаце ќе стане воопшто автопат и зошто не се предвидени буџетски пари за изградба на автопатот Скопје – Блаце?

Заев: Заради тоа што, преку финансирањето на овој пат и целата проекција, некаде до крајот на наредната година завршува комплетната проектна документација за овој приоритетен пат за Република Македонија, Скопје – Блаце. Секако, дебатата заврши во делот на Визбегово и делницата која што поминува тука, во урбаното јадро на градот Скопје. Наша цел е, да го прошириме овој пат, а да не ги уништиме објектите на бизнисмените. Веќе се одржаа состаноци со деловните субјекти. Но едно е сигурно, од клучката на обиколницата се до границата со Косово ќе биде целосно автопатско решение. Новата проектна документација треба да го даде решението кое што поминува во урбаното јадро.

Целта е, колку што може побрзо, макар месец порано да завршиме со главните документации, физибилити студиите, идејниот и главниот проект за реализација на овој пат. Останува во првите приоритети на државата заради економските интереси на Македонија. Трговијата со Косово е многу важна.

Кога бевте во опозиција бевте премногу гласни дека вашите противници не прават доволно за да се заштити населението од загадувањето и чистиот воздух. Сега со предлог буџетот ќе се види каков е вашиот став кога вие дојдовте на власт. Колку пари се предвидени по оваа ставка, односно за проекти кои што треба да придонесат за почист воздух во градовите?

Заев: Ако ги ставиме во сублимат сите проекти што ги правиме на краткорочен, среднорочен и долгорочен план, тоа се десетици и десетици милијарди денари. Имајќи ја предвид гасификацијата, имајќи ја предвид инвестицијата во филтрите, не само во буџетот, посебно јавните претпријатија како ЕЛЕМ, акционерското друштво, РЕК Битола, другите јавни претпријатија, самите институции, внатре во својот дел на буџетски ставки кои што значат одржување на самите институции имаат обврска да бидат пример во вградувањето на филтрите со што сакаме да покренеме и лавина на активности и на деловната заедница, и на граѓаните во делот на филтрите, но секако и еден дел од мерките ќе идат спроведени и преку окалните самоуправи и градот Скопје.

Првиме еден цел пакет за кој што веќе е отворена дебата и на краток рок, а тоа е наредната година, да испорачаме резултати токму на тој план. Затоа го потенцирав секако интересот на граѓаните, стопанството и здравјето на граѓаните. Пред сѐ, мислам токму и на заштитата на животната средина, пред се на чистиот воздух за граѓаните.

Здружението на превозници Макам-Транс поднесе официјално барање до министерството за финансии за рефундирање на акцизата, земјоделците исто така побараа да бидат изземени од поскапувањето, кој е вашиот одговор, дали ова ќе се случи?

Заев: Секогаш со достоинствено внимание ги разгледуваме сите иницијативи и отвораме дебати. Од 0,80 евра литар на 0,86, не очекуваме ама никакви импликации. Една година, мислам дека беше 2011 или 2012, по пат на растот на цената на нафтата на берзите, се покачи цената на нафтата за само еден ден за 3,7 денари. Така што 3-те денари никако не влијаат и нема да влијаат, но тоа е само наш став. Ние со достојна почит ќе ги разгледаме сите тие иницијативи, ќе ги видиме импликациите за тоа, и секако тоа што го работиме е поради интересите на бизнис заедницата, земјоделците, граѓаните... Секако ако има било какви рефлексии, веднаш ќе најдеме начин за нивна супституција, сѐ со конечна цел за поддршка на растот и развојот на сите сегменти од општественото живеење, а не да бидеме нивна кочница.

Во врска со субвенциите во земјоделството предвидувате 8,4 милијарди денари, односно 136 милиони евра, во предизборната кампања ветувавте 160 милиони. Може да ми кажете зошто е намален овој износ?

Заев: Поради тоа што нашата конечна тенденција е до крајот на мандатот е  да бидат 160 милиони. Јас верувам дека и 136-те милиони ќе се зголемуваат во иднина,  дури и со ребаланс, од проста причина, ако успееме да ги добиеме конечните цели со субвенциите кои што се програмска определба на владата, а тоа е зголемен капацитет на земјоделското производство и зголемен обем на земјоделското производство. Значи ќе имаме вистински стимулативен аспект на субвенционирањето во земјоделието, со конечна цел да расте севкупниот обем на производство на храна во Македонија. Знаете дека ветивме дека ќе ја наградуваме секоја зголемена количина во споредба со претходната година по хектар.

Ако квалитетот расте, ќе растат и субвенциите во поддршката кон земјоделците. Ако ги видиме резултатите уште во првото полугодие, ние сме подготвени уште во ребалансот да  дополнително определиме плус пари, но конечната цел е во Македонија да биде, да, 160 милиони евра субвенции до крајот на нашиот мандат, но тие да стигаат на вистинско место, да имаат ефекти и цели, кои што ќе ги постигнува Македонија преку субвенционирањето.

Господине Заев, претседателот на Судскиот совет, Караџовски, изјави дека на судовите во Македонија им се заканува парализа, бидејќи надоместоците за судиите поротници се срамни, 125 денари е една дневница за судија поротник.  Тие тврдат дека доколку не се интервенира, судовите ќе бидат во таа смисла парализирани, и дека не сте ги зеле предвид нивните препораки кога сте го планирале Буџетот, за тоа како да се однесувате во таа смисла, за да може да се осигура непречено функционирање на судовите.

Заев: Како што реков, со достоинствено внимание и почит го планиравме сиот овој Буџет.  Прво има резервоари во буџетот за судовите и во буџетот за Јавното обвинителство. Нека тргне реализацијата на Буџетот. Имаат целосно право, согласно законот, за покачување согласно правилници кои што ги имаат, и за поротниците, и за наградата која што претставува стимулација за  учесниците во правосудството кои испорачуваат резултати. Нема да дозволиме да бидат финансиите пречка во градењето на независноста на правосудството, затоа што е еден од првите приоритети во реформите на владата на Република Македонија.

Јас сум сигурен дека ќе ја искористат отвореноста комуникативноста со институциите, за сите нивни потреби, се со конечна цел, да не бидат пречки за исполнување на сите реформски приоритети, меѓу кои, секако, спаѓа и соодветниот надоместок на вработените, или ангажираните лица во правосудството. 

Рековте дека ќе се задолжувате на  домашниот и надворешниот пазар, може ли точно да ни кажете колку ќе бидат задолжувањата и дали ќе има сигурна реализација на  еврообврзниците наредната година?

Заев: Знаете како. Владата му даде „пас“ на министерството за финансии да ги направи сите можни анализи. Рековме дека еврообврзница ќе има или не, во зависност од тоа колку ќе не чини. Ако преку таа еврообврзница финансираме скапи кредити во државата, и вратиме скапи претходни обврски по обврзници,  апсолутно очекуваме сето тоа да биде комплетно оправдано, и ќе влеземе во задолжување преку еврообврзница.

Но, ако пазарот нуди еврообврзници со скапи камати, ние ќе опстоиме на тенденцијата со најевтино финансирање да продолжи дефицитот во Македонија. Во моментот, знаат сите економисти дека се одлични околностите, Македонија во просек плажа 5,6 % камата, во сето она што претставува долг. Знаете дека  имаме обврзници кои што се земени со по 10% камата, ако можеме да ги замениме со 3 или 4% каматни стапки, верувајте дека тоа ќе го направиме. Оти годишно, само за камати Република Македонија плаќа 140 милиони евра, нека ме коригира министерот за финансии ако со бројките нешто згрешам, а пред 5-6 години тоа биле 50 милиони евра. Така што, сакаме секоја можна заштеда, милион евра заштеда, милион, ќе решиме важни потреби на граѓаните.

Колку конкретно пари се предвидени и што ќе се направи во делот на гасификацијата во 2018 година?  Во однос на пензиите споменавте дека согласно законските обврски треба да има одредено зголемување на пензиите во 2018 година.

Заев: 2 милијарди и 190 милиони денари се предвидени за гасификација за цела Република Македонија во проектот гасификација за 2018 година, или 310 милиони денари повеќе од претходната година.

За што конкретно ќе се потрошат овие пари?

Заев: Продолжува гасификацијата. Таму каде што е застаната. Значи продолжуваме кон Прилеп и Битола. Продолжува реализацијата покрај Скопје Тетово и Гостивар, и ја напаѓаме Македонија со цевки од сите страни, согласно националната програма за гасификација на Република Македонија.

Еден дел ќе одат за експропријации, еден дел ќе одат за цевки, ископ, и да ја поставиме комплетно гасоводната мрежа. Веројатно на почетокот на годината ќе ги отвориме сите можности за повикување на инвеститори во јавни-приватни партнерства и директни инвестиции за гасификации на урбаните јадра во Македонија. Скопје, и другите градови во Македонија.

Второто прашање ми е во однос на пензиите, споменавте дека согласно законот има, практично обврска е тоа да се зголемат пензиите за одредено ниво во текот на 2018-та година. Ме интересира колкава е сумата од буџетот на пари кои што ќе се одвојат за покривање на дупката во Пензискиот фонд во 2018-а година?

Заев: Близу 500 милиони евра, пола милијарда евра од државниот Буџет е трансфериран во Фондот за пензии за да може да има стабилност во пензиите, не само заради потребите за исплата по план за пензии, туку и за редовното годишно покачување.

Владата синоќа реагираше наведувајќи дека во ниту еден момент во вашето интервју за Црногорската телевизија, укажувањата за Ваша ликвидација не сте ги довеле во корелација со Руската федерација. На што според Вас Премиере, се должи реакцијата на официјална Москва?

Заев: Јас навистина останувам на ставот на Владата и мојот личен став за унапредување на соработката со Руската Федерација. Македонија нема алтернативи, освен Европската Унија и НАТО. Тоа се наши трајни определби. Но тоа никако не се коси со нашето зголемување на соработката со  Руската Федерација. Генерално, коментарите кои што ги дадов во интервјуто беа на основи на реакциите на Русија кога Црна Гора се зачленуваше во НАТО и случувањата кои што се случуваа токму во тој момент. Дадов само свој коментар. Генерално дадов коментар за нашата и за мојата лична решеност во исполнување на овие аспирации на мојот народ. А тоа се преку 75% позитивни очекувања на граѓаните за членство во НАТО и Европската Унија. Ништо повеќе, ништо помалку.

За иницијативата од дипломатскиот клуб аеродромот да се преименува во „Киро Глигоров“, скопскиот аеродром?

Заев: На прва, ми се допаѓа идејата. Но јас сум само еден од граѓаните на Република Македонија по вакви прашања. Сакам да ги слушам внимателно граѓаните, нека се развие дебата. Ние стоиме на располагање да им служиме на граѓаните и да бидеме нивен сервис.

Веќе ако зачнавме еден дел од евентуалната промена на името на аеродромот, дали тоа значи дека веќе одиме на пат кон некој компромис за промена на името на државата?

Заев: Знаете како, јас само останувам на надежта дека навистина во вака силно изразени пријателски околности со сите соседи и со Република Грција имаме поголеми шанси од порано да изнајдеме решение. Нема никакви новини. Јас очекувам дека до крајот на овој месец ќе почне да се раздвижуваат работите, макар со преговарачите на господинот Нимиц. Стојам на располагање за премиерско ниво. Министерот за надворешни работи е подготвен. Веќе разговаравме со претседателот на државата. По основ на ова прашање Македонија мора да биде подготвена за исчекор конечно во решавање на ова прашање. Јас се надевам дека опозицијата ќе биде вклучена максимално. Не за нови блокади, не за нови одложувања, туку во функција да направиме се да изнајдеме решение за овој горлив проблем, кој што е кочница на Република Македонија, за нејзините интегративни процеси.

Дали освен пополнување на празните министерски места кое што треба да се случи периодов, имате план за промена на партнерите во власта. Односно дали има преговори со ДПА за влез во власта?

Заев: Јас немам преговори со ДПА за влез во власта. Се надевам дека брзо ќе ги најдеме кадровските решенија за пополнување на испразнетите места. Но, останувам на определбата на сегашната Владина коалиција за унапредување на соработката и со други политички субјекти и поединци во Парламентот. Посебно е важно за она што претставува национален интерес, реформите и главните приоритети на граѓаните на Република Македонија.

Да се вратам пак на буџетот, колку пари се предвидени за Универзитетот „Мајка Тереза“?

Заев: Во неколку ставки се предвидени, но капиталните инвестиции се 200 милиони евра директно. 200 милиони денари за изградбата и почетните фази на „Мајка Тереза“ со тенденција, оставивме, ако има потреба, и повеќе, и повеќе ќе определиме. Сакаме главен приоритет да дадеме на реализација на таа владина определба заради тоа што таму се решени урбанистичките претходни постапки, локацијата е обезбедена, нема имотно – правни односи за решавање. Главниот проект треба да се дозаврши до крајот на оваа година, за да може 2018-та да стартуваме со неговата реализација. Секако има и нај дополнителни ставки, кои што се веќе еден дел историски во буџетот. А тоа се за платите кои што функционираат. Еден дел, некои 10 милиони денари дополнително ставивме пари за закупи, кирија, материјали, се што треба за негово функционирање. Целта е навистина да започне интензивно се гради во 2018-та Универзитетот „Мајка Тереза“. 

Минатата недела имаше една судска одлука за која имаше големи реакции, за случајот Куманово. Се бараше меѓународна истрага. Дали до овој момент Владата има некој чекор во врска со меѓународната истрага за случајот Куманово?

Заев: Чекорот кој што до сега е направен, е информирање на претставниците на Меѓународната заедница – да размислат на варијанти, како би било тоа овозможено да има меѓународна истрага за овој случај. Ние сакаме, а знаете дека тоа е дури запишано и во владината програма, да нема дилеми и дебати за сето она што претставува неразјаснети работи, пред се, од транспарентен карактер, а е од интерес на граѓаните на Македонија. Овој случај и те како е од интерес на граѓаните на Република Македонија. Верувам дека ќе ги најдеме начините со меѓународната заедница како да се оформи меѓународна истрага за овој случај.

Може ли прашање за Вице – Премиерот Анѓушев? Опозицијата обвинува дека сте ја нарушиле или дека сте ја злоупотребиле државната функција со укинувањето на царината за акумулаторите. Еден став од Вас.

Анѓушев: Ви Благодарам на прашањето. Мислам дека веќе неколку пати имам одговорено на ова прашање. Станува збор за литиум - јонски акумулаторски батерии за производство на возила, за електрични возила. Значи не станува збор за акумулатори кои што ги има во секое возило. Значи прво, одредбата е само за производители, а е на иницијатива на Полска компанија која што има намера во Македонија да отвори фабрика за мали автобуси кои што ќе бидат на електричен погон. И предуслов за отворање на таа инвестиција е практично да ова се случи. Но тоа не е само заради неа. Цел свет оди на електрични автомобили. Во сите држави во Европска заедница акумулаторите за електрични автомобили се ослободени, за да тоа се стимулира. Кога Вие купувате автомобил електричен, тој целиот е ослободен значи од акциза, за да се стимулира еколошкиот аспект. Вие пред малку и сами кажавте колку се важни еколошките аспекти. А сега одиме контра тоа и бараме тоа да не се случи во Македонија. Напротив, ние ќе ги применуваме и натаму Европските стандарди и ќе одиме по Европските текови, без разлика тоа како изгледа. Ви Благодарам.

Дали Вашата компанија ќе има бенефит од ова?

Анѓушев: Компанијата „Брако“ е како сите други компании во Република Македонија. Таа е производител на електрични камиони и во моментот нема да има бенефит, бидејќи комплетното производство го извезува. Благодарам.

Заев: Само да додадам еден дел. Сериозно сме влезени во преговори со Американско – Индиска компанија за производство овде и не само на возила, туку и на скутери на електрична енергија, кое што само по себе е тенденција која што ја кажувам, за да знаете дека сме во трајна определба на современите Европски текови на следење. Навистина електричните возила секаде се ослободени од акцизи. Тоа ќе го правиме, не само за акумулаторите, туку и за другите делови кои што се важни да стимулираат електрични возила. Како една од определбите која што ја кажавме и за заштита на воздухот. Секако, во однос на еколошките аспекти за граѓаните.