Средба на премиерот Заев со претседавачот на Советот на министри, Звиздиќ: Силна поврзувачка порака од Македонија дека граѓаните сакаат стабилност и економски развој, двете држави ќе ја засилат заедничката соработка за евро-атлантски перспективи

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се сретна со Претседавачот на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

 

Претседавачот Звиздиќ, му честиташе на премиерот Заев за фер и деморатските избори во Република Македонија и оцени дека поддршката од граѓаните на концептот на премиерот Заев и на Владата за едно општество за сите, е и силна регионална порака.

 

„Довербата од граѓаните искажана на изборите за вашата визија за едно општество за сите и за интегративните политики што ги водите, се силна порака и во Република Македонија, но и за Балканот, дека луѓето сакаат мир и стабилност, сакаат економски развој, нови работни места. Таа доверба е плод на вашите доследни заложби и вербата дека е можно да се живее заедно и тоа е голем исчекор и за Македонија и за целиот регион. БиХ исто така гледа иднина во ваквите политики што единствено водат кон евро-атлантски перспективи, рече претседавачот на Советот на министри на БиХ, Звиздиќ.

 

- Владата на Република Македонија ќе продолжи да го развива концептот едно општество за сите во коешто секој граѓанин е подеднакво важен и во коешто приоритет се потребите на граѓаните. Се покажа дека граѓаните сакаат храбри одлуки што обезбедуваат иднина и поврзаност. Единството зад коешто застанаа граѓаните е голема придобивка за демократските процеси во Македонија и само на тој начин, заеднички со сите граѓани, ќе ја градиме Република Македонија, рече премиерот Заев.   

 

На средбата е договорена засилена економска соработка помеѓу Република Македонија и Република Босна и Херцеговина, по веќе воспоставената соработка во областа на земјоделството и културата, меѓусебното признавање на возачките дозволи, спогодбата што треба да се реализира за патување со лични карти.

 

 

Констатирано е дека економската интеграција на земјите од регионот и заедничкиот регионален настап се многу важни, затоа што тоа ќе го претстави регионот како поголем пазар и ќе влијае на поголем интерес за инвестиции од земјите од ЕУ и светот. Во таа насока договорено е да се работи на заеднички проекти меѓу двете држави, како и на регионално ниво.

 

- Владата на Република Македонија е определена да обезбеди квалитетен живот на граѓаните. За таа цел обезбедуваме државна поддршка за домашните претпријатија, но и за странските компании, доколку користат ресурси од Македонија. Овој пристап, реформските процеси, развивањето на добрососедските односи, очекуваме дека ќе резултира со тоа Македонија да стане 30. земја членка на НАТО, а во скоро време да се отворат и ЕУ перспективите.

 

Претседавачот Звиздиќ оцени дека членството на Македонија во НАТО би било силна порака за целиот регион, дека неговото место е во ЕУ и во НАТО. Постои согласност дека земјите од регионот треба заеднички да се развиваат и да чекорат напред во ЕУ интеграциите, бидејќи веќе покажуваат капацитет за реализација на очекувањата за зрела регионална соработка. Заеднички е ставот дека секоја средба, како што тоа го овозможува и денешниот „Самит 100“ во Скопје придонесува кон поголемо поврзување меѓу државите.

 

На денешната средба премиерот Заев и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Звиздиќ, разговараа за заеднички настапи и проекти и во областа на поврзувањето, посебно внимание се посветува на отворањето авиолинија што ќе ги поврзе двете држави, но и изградба на безбедна патна инфраструктура, укинување на царинските бариери, визите, потоа на заеднички земјоделски проекти, од областа на туризмот, културата, образованието.

 

Македонија и БиХ се пријателски држави, без отворени прашања, со иста визија и иста цел, регионален развој и евро-атлантска иднина и овие две мултиетнички држави може да бидат добар пример и за Балканот и за ЕУ како со искрени политики и политичка волја се оди напред, оценија премиерот Заев и претседавачот Звиздиќ, на денешната билатерална средба.

Категорија: 
Галерија со слики: